Министерот Љутков се сретна со албанскиот колега Гонџја на „ИТБ Берлин“
- Посебно внимание на средбата беше посветено на креирање заеднички туристички рути и културно-историски тури што ги поврзуваат манастирите, традицијата и гастрономијата од двете страни на границата. Беа разгледани и можностите за развој на еколошки и авантуристички понуди, вклучувајќи планинарење, езерски тури и велосипедски патеки.
Скопје, 4 март 2026 (МИА) - Министерот за култура и туризам Зоран Љутков, на маргините на светската туристичка берза „ИТБ Берлин“ (ITB Berlin), оствари средба со министерот за туризам, култура и спорт на Албанија, Бленди Гонџја.
Како што информира Министерството за култура, средбата беше посветена на унапредување на билатералната соработка во областа на туризмот и културата, со посебен акцент на прекуграничниот развој и заедничката регионална промоција. Во фокусот на разговорите беше продлабочувањето на соработката меѓу граничните региони, како и можностите за заеднички апликации за европски фондови ИПА и Интеррег. Министрите разговараа и за развој на заеднички туристички производи во Охридско-преспанскиот Регион, како автентична дестинација со заеднички културни и природни вредности.
Посебно внимание беше посветено на креирање заеднички туристички рути и културно-историски тури што ги поврзуваат манастирите, традицијата и гастрономијата од двете страни на границата. Беа разгледани и можностите за развој на еколошки и авантуристички понуди, вклучувајќи планинарење, езерски тури и велосипедски патеки.
Министрите ја потенцираа важноста од координиран настап на трети пазари преку B2B-настани и презентации пред туроператори, со цел регионот да се промовира како единствена туристичка целина. Притоа беше истакната и улогата на македонскиот Културно-информативен центар во Тирана како платформа за промоција на македонската култура и уметност.
-Средбата ја потврдува посветеноста на двете земји кон градење силно регионално партнерство и заедничка визија за одржлив и конкурентен туристички развој на Балканот, наведува Министерството. мч/са/
фото: Министерство за култура