• среда, 31 јули 2024
МИА Флеш

  14  јуни  2024

 

Скопје – Собранието во рамките на третата седница без расправа и едногласно ги избра пратениците Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, Јован Митрески од СДСМ и Весна Бендевска од ЗНАМ за потпретседатели на Собранието, кои денеска беа утврдени на Комисијата за прашања на изборите и именувањата.

За Милошоски гласаа 69 пратеници, за Митрески се изјаснија 82 пратеници, а за Бендевска 70.

Скопје – Пратениците Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, Јован Митревски од СДСМ и Весна Бендевска од ЗНАМ се кандидатите за потпретседатели на Собранието на Република Северна Македонија кои денеска ги утврди Комисијата за прашања на изборите и именувањата.

На денешната седница, со еден глас против, Комисијата го донесе и решението за добивање на апанажа на поранешните пратеници Арбен Зибери, Љатифе Шиковска, Енес Ибраим, Снежана Калевска Ванчевска, Бастри Бајрами, Вјолца Адеми и Бедри Фазли.

Беше прифатено и барањето за остварување на отпремнина при заминување во пензија од поранешните пратеници Коле Чаракчиев, Стојан Миланов и Панчо Минов.

Скопје - Основниот кривичен суд Скопје денеска во врска со случајот од 4 јануари во просториите на М-НАВ, на Меѓународниот аеродром Скопје, донел пресуди врз основа на предлог-спогодби со седум лица обвинети како соизвршители на кривично дело спречување на службено лице во вршење службено дејствие од член 382 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Јавно обвинителство на Република Северна Македонија денеска соопшти дека на шестмина од обвинетите за стореното кривично дело им е изречена алтернативна мерка – условна осуда, односно казна затвор во траење од шест месеци, која нема да се изврши доколку во рок од една година и шест месеци по правосилноста на пресудата не сторат ново кривично дело, додека за еден условна осуда со заштитен надзор.

Скопје - Заменикот министер за одбрана Тирон Јајага вчера и денеска во Брисел учествуваше на состаноците на Северноатлантскиот совет на НАТО во формат министри за одбрана, каде главниот фокус е ставен на подготовките за Самитот на НАТО во Вашингтон во јули, како и зајакнатата улога на Алијансата во поддршка на Украина, соопштија од МО.

Министрите за одбрана вчера учествувале на две засебни сесии на Контакт групата за Украина и Советот НАТО -Украина, на кои станало збор за итните украински потреби во одбрана на нивната земја од руската агресија. На состаноците се разговарало и за зајакнувањето на рамката за долгорочна поддршка на Украина која ќе овозможи предвидливост, одговорност и транспарентност на овој процес.

Скопје - Меморандум за соработка беше потпишан денеска во Велес меѓу Независниот синдикат на здравствените работници (НСЗР) при Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија (КСОМ) и Здружението на приватни лекари (ЗПЛ).

Својот потпис на овој договор за соработка го ставија претседателот на НСЗР, Боби Бојчевски, претседателката на ЗПЛ, Лилија Чолакова Дервишова и претседателот на КСОМ, Марјан Ристески.

Бојчевски изјави дека и понатаму ќе се трудат да го подобрат здравствениот систем во државата. Нивна цел е, како што посочи тој, вработените во здравствените установи да не си заминуваат во странство, да останат да им служат на нашите граѓани.

Атина – Зајакнувањето на трговските, инвестициските и генерално економските односи меѓу Грција и Северна Македонија била главната тема на вчерашната посета на Трговско-индустриската комора на Солун (ЕВЕТ) на делегација од 30 бизнисмени од соседната земја, предводена од извршниот директор на Стопанска комора на Северна Македонија, соопштија од ЕВЕТ, јави дописничката на МИА од Атина. 

Бизнис форумот се одржал вчера во Солун, а според Трговско-индустриската комора делегациите од двете земји одржаа бројни директни (B2B) состаноци и ги разгледале можностите за развој на нови соработки. Дополнително нашите бизнисмени го посетиле и пристаништето во Солун, „кое е главната порта за извоз и увоз на Северна Македонија“.

Скопје - Прометот од продажбата на услугите во првото тримесечје од 2024 година покажува зголемување во однос на првото тримесечје од 2023 година за 0.5 %, соопшти Државниот завод за статистика.

Во првото тримесечје од 2024 година, во однос на истото тримесечје од 2023 година, најголемо зголемување од
17.0 % има во одделот Канцелариско-административни и помошни дејности и деловно-помошни дејности.

Скопје - Со проекција на филмот „Златната треска“ на Чарли Чаплин, дискусија со професорот Стивен Фридман и прогласување на наградените филмови синоќа во Кинотека заврши 14. издание на Филозофскиот филмски фестивал. Фестивалот се одржа под мотото „Неред меѓу редови“ од 7 до 13 јуни во Кинотека, во организација на Филозофското друштво на Македонија, Кинотеката и Филозофскиот факултет при УКИМ.

Жири-комисијата на 14. Филозофски филмски фестивал во состав на Славица Србиновска (компаратистка), Иван Миленковиќ (филозоф) и Јане Спасиќ (режисер) одлучија „Златниот був“ за најдобар долгометражен филм од Официјалната селекција на долгометражни филмови да му припадне на филмот „Прозаични стихови“ на иранскиот режисерски двоец Али Асгари и Алиреза Катами.

Скопје - Во април 2024 година се издадени 257 одобренија за градење, што е за 22.1 % помалку во однос на истиот месец од претходната година, соопшти Државниот завод за статистика.

Според издадените одобренија за градење, предвидената вредност на објектите изнесува 5 703 659 илјади денари, што е за 16.6 % помалку во однос на истиот месец од претходната година.

Од вкупниот број издадени одобренија за градење, 136 (52.9 %) се наменети за објекти од високоградба, 56 (21.8 %) за објекти од нискоградба и 65 (25.3 %) за објекти за реконструкција.

Од вкупно 257 објекти, на 121 (47.1 %) како инвеститори се јавуваат физички лица, а на 136 (52.9 %) објекти инвеститори се деловни субјекти.

Скопје - Според податоците на Државниот завод за статистика, бројот на умрените во земјава во 2023 година изнесува 20187 и е намален за 10.1 % во однос на претходната година. Поголем број умрени се од машки пол, и тоа 10640 или 52.7 % од вкупно умрените лица. Бројот на умрените доенчиња изнесува 30 и нивното учество во вкупниот број умрени изнесува 0.1 % на 100 умрени лица.

Според месецот на смртта, најголем број случаи се во месец јануари (1976).

Просечната возраст кај умрените од машки пол изнесува 72.1 години, односно 76.5 години кај лицата од женски пол или за 4.4 години повисока просечна возраст се бележи кај жените.

Тетово - Јавната установа Национален парк „Шар Планина“ денеска ги покани на потпишување Меморандум за соработка со планинарските клубови, друштва и здруженија.  Промоција на заштитата на природата, одржливиот економски потенцијал, подигање на јавната свест и свесност за убавините на Шара, планинарски патеки, еколошки акции, размена на знаење и искуства и др. се само дел од заедничките активности кои не очекуваат во иднина.

Една од најважните работи за кои ќе треба во иднина повеќе да соработуваат Националниот парк и клубовите се планинарските патеки. За тоа треба да има координација, а сите тие места за пешачење и планинарење ќе се најдат и на интернет платформа.

Берлин - Во координирана акција на рации во седум сојузни покраини, германската полиција заплени десетици тони кокаин во вредност од неколку милијарди евра и уапси седум лица.

Инспекторите наведуваат дека ова е најголемата заплена на кокаин во Германија.

Рациите се извршени во Северна Рајна-Вестфалија, Баварија, Берлин, Бранденбург, Хамбург, Хесен и Долна Саксонија, пренесува Bild.de.

Се уште не се познати повеќе детали, ниту пак кој е уапсен.

Атина – Екстремно високи температури биле регистрирани вчера во повеќе делови на Грција, а на островите Крит и Родос, на Пелопонез и во областа Атика, поширокиот регион на Атина термометарот покажал меѓу 43,3 и 44,5 степени Целзиусови, според податоците на Националната опсерваторија и порталот Метео, јави дописничката на МИА од Атина.

Од вкупно 500 активни метеоролошки станици во цела Грција, половина од нив измериле над 37 степени, а 136 станици над 40 степени. 

Брисел - На претстојниот Самит на НАТО што ќе се одржи во Вашингтон од 9 до 11 јули ќе промовираме нови политики поврзани со кибер безбедноста, која од 2016 е означена како нов домен и при секој вид на кибер напад може да се примени Членот 5 од oсновачкиот Договор на Пактот кој предвидува колективна одбрана, вели постојаната претставничка на САД во Алијансата, Џулијан Смит во интервју за МИА.

Будва - Во Бечиќи денеска и утре се одржува 11. Регионален самит на министри за финансии, гувернери и директори на даночните управи на Западен Балкан.

Како што е најавено, во рамки на Самитот ќе бидат организирани четири панели - на првиот панел ќе зборуваат директорите на даночните администрации, на вториот панел ќе се разговара за ефикасното управување со јавните инвестиции, третиот панел ќе биде посветен на гувернерите на централните банки, а министрите за финансии ќе учествуваат на четвртиот панел на Министерството за финансии на Западен Балкан.

Тирана - Албанија и официјално е членка на Европскиот центар против хибридни закани во Хелсинки, објави на социјалните мрежи албанскиот премиер Еди Рама.

Тој оценува дека со членството на Албанија се комплетира учеството на сите земји од ЕУ и НАТО во оваа организација, за да се овозможи „унифициран пристап меѓу сојузниците против хибридните закани, дезинформациите, манипулацијата со информации од странски држави".

Атина – Промени на министерските позиции и на нивните заменици во неколку Министерствата, како што се она за развој, за земјоделство, за внатрешни работи, за миграција и азил, за труд, направи грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, јави дописничката на МИА од Атина.

Портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис претпладнево го соопшти новиот владин состав, а доколку се направи споредба со претходниот состав, непроменети на нивните позиции остануваат министрите за надворешни работи, за одбрана, за економија и финансии, за климатски кризи и цивилна заштита, за образование, за заштита на граѓаните, за здравство, за транспорт и инфраструктура, за животна средина и енергетика, за правда, за култура, за поморство, за туризам, за дигитално управување. 

Бари - Земјите од Г7 ќе преземат мерки против кинеските финансиски институции кои и помогнаа на Русија да набави оружје за војната против Украина, се вели во нацртот на конечната декларација во која имале увид западни медиуми.

Во нацртот, лидерите на Велика Британија, Канада, Франција, Италија, Германија, Јапонија и САД, исто така, ветуваат дека ќе воведат санкции против субјектите кои и помогнале на Русија да ги заобиколи нафтените санкции.

„Ентитетите, вклучително и финансиските институции, кои го олеснуваат купувањето на предмети или опрема на Русија за нејзината одбранбена индустриска база ги поддржуваат акциите што го поткопуваат територијалниот интегритет, суверенитет и независноста на Украина“, стои во нацртот на конечната декларација.

Москва - Рускиот претседател Владимир Путин денеска го оквалификува како „кражба“ замрзнувањето на руски средства во странство, предупредувајќи дека потегот „нема да помине неказнето“.

Путин нагласи дека западните земји се обидуваат да изнајдат „некаков вид на правна основа“ за замрзнувањето.

 „Но и покрај сите измами, кражбата се уште е кражба и нема да помине неказнето“, изјави Путин.

Ерусалим - Израелски суд го потврди и го продолжи за 35 дена затворањето на телевизискиот канал Ал Џезира со седиште во Катар, соопшти денеска Министерството за правда.

Ал Џезира, која емитува на арапски и англиски, згасна од емитувањето во Израел по првична наредба за 45 дена на почетокот на минатиот месец. Владата на премиерот Бенјамин Нетанјаху имаше долготрајна расправија со Ал Џезира која се влоши од почетокот на војната во Газа во октомври.

Тел Авив - Претседателот на Партијата за национално единство Бени Ганц би го победил израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху доколку изборите се одржат денеска, покажува анкетата објавена неколку дена откако партијата на Ганц се повлече од владата.

Според таа анкета, Ганц би освоил 41 отсто од гласовите, додека 35 отсто од гласовите би му припаднале на Нетанјаху, пренесува Тајмс оф Израел. 

Женева - Светските лидери ќе му се придружат на украинскиот претседател Володимир Зеленски овој викенд на самит на кој ќе се истражат опциите за ставање крај на најкрвавиот конфликт во Европа од Втората светска војна, но Русија не е поканета и настанот нема да ја исполни целта на Киев да ја изолира Москва.

Американската потпретседателка Камала Харис, францускиот претседател Емануел Макрон и лидерите на Германија, Италија, Велика Британија, Канада и Јапонија се меѓу оние кои ќе пристигнат на состанокот во швајцарскиот зимски центар Буергеншток на 15 и 16 јуни.

Лос Анџелес - Мори Марков почина на 3 јуни, во својот втор дом - Лос Анџелес, САД, нa 110-годишна возраст. И, тoa бил дoстa исполнет живот... „Секогаш љубопитен“, вели неговата ќерка Јудит Хансен. Сега научниците ќе го проучуваат неговиот мозок.

Роден во Њујорк, од родители - еврејски имигранти, Марков ​​имал само основно образование, но сепак, вели - човек учи додека е жив. Се преселил на американскиот Запад, се оженил со Бети во 1938 година и почнал свој бизнис. За време на своите 81 година брак, семејството Марков ​​израснало две деца, патувале низ светот (Мексико, Кина, Јапонија и тогашниот СССР) и пешачеле по пет километри дневно заедно до нивното деветто деселетие, пред Бети да почине во 2019 година на 103 години.

Според Хансен, умот на Марков ​​бил сосем уникатно нешто.

Њујорк - Борбата против женското генитално осакатување е загрозена од практиката да се испраќаат девојчиња во земји кои не го забрануваат тоа, предупредија денеска ОН, повикувајќи ја меѓународната заедница да реагира.

Иако многу земји вложуваат повеќе напори за искоренување на осакатувањето на женските гениталии, тоа продолжува низ целиот свет, делумно поради „тајната природа“ на овие прекугранични движења кои ги заобиколуваат забраните, според Високата комисија за човекови права на ОН.

Бангкок - Азиска слоница чувана во средишен Тајланд, роди близнаци - машко и женско младенче. А пак, вработените тоа го опишуваат како чудо, бидејќи важи за прилично редок случај, пренесуваат тамошните медиуми.

Чамчури - 36-годишната слоница, се чини, и самата се изненадила, бидејќи по второто раѓање, вработените во фармата морале да спречуваат мајката да не го згази женското младенче, откако слоницата ја фатило паника и повредила една негувателка. Близнаците се случуваат само кај еден отсто од окотувањата кај овие слонови, според истражувачката организација „Спасете ги слоновите“, а машко-женските близнаци се уште поредок случај.

Париз - Француската верига хотели „Акор“ и гигантот за луксузни стоки „Луј Витон - ЛВМХ“ вчера соопштија дека склучиле стратешко партнерство за обновување и развој на легендарниот бренд „Ориент-експрес“.

Станува збор за „стратешка инвестиција во брендот ‘Ориент-експрес’, т.е. компанијата што ќе управува со идните хотели и возови и во ентитетот што ќе ги поседува двата едрени брода“, соопштија компаниите. Од тие два брода, првиот се гради во Франција, а двете групи ќе продолжат да бараат и трет партнер за овој потфат.

Легендарниот луксузен воз „Ориент-експрес“, сообраќал меѓу 1883. и 1977 година поврзувајќи го Лондон, Велика Британија, и Париз, Франција, со Северна Италија, Средна Европа, Балканот и Константинопол (Истанбул), Турција.

Тагови

Остани поврзан