• вторник, 30 јули 2024

МИА Радио флеш

МИА Радио флеш

29 јули 2024

Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски го повтори ставот во однос на преговарачката рамка и уставните измени, кои се услов за продолжување на евроинтегративниот процес дека за нив прифатлива алетнатива е усвојување амандмани на Уставот, но со одложено дејство, односно да стапат во сила тогаш кога за државата ќе биде донесена одлука да стане полноправна членка на ЕУ.

-Јас како човек немам намера да прифаќам грешки од минатото коишто се катастрофални суштински. За жал, тие грешки биле прифатени од некои политичари од меѓународната заедница и сега сите ние сме заглавени. И повеќе од две и пол децении ние сме заглавени. Не сме заглавени сега, повеќе од две и пол децении ние зборуваме за европска иднина, за европска перспектива и за сето тоа и секогаш има уште нешто. Треба истите тие коишто тоа го кажуваат да ни кажат дали сметаат на нас. Ама не декларативно, да покажат со дело. Ако сакаат да покажат со дела еве начин, им дадовме начин. Одложеното дејство е еден од начините, рече Мицкоски на новинарско прашање за алтернативата на постојната Преговарачка рамка, укажувајќи дека за тоа разговарал со сите меѓународни претставници.

Според него, политичарите треба да престанат да прават преседани и да се фокусираат на водење политики, оти, вели, постојат институции кои кажуваат чии права се нарушени.

Скопје - Намалување на даноците може да се очекува, потврди денеска премиерот Христијан Мицкоски. Прв чекор во овој правец, рече, ќе биде данокот на добивка. Тој инфомрира и дека ќе добијат субвенција сите мултинационални компании што планираат добивката од 50 милиони евра плус да ја консолидираат во земјава. 

-Апсолутно. Во периодот што следи ја анализираме и таа појава. Ние кажавме, и тоа е дел од нашата програма, дека ќе се стремиме кон намалување на даноците, но да го видиме приходот оваа година каков ќе биде во Буџетот. Прв чекор за намалување на даноците ќе биде оној данок на добивка што се плаќа сега и сите мултинационални компании што планираат својата добивка да ја консолидираат овде кај нас, а таа добивка изнесува 50 милиони евра плус, ќе добијат субвенција и начинот на пресметка на таа добивка ќе биде до 5 проценти. Ако сега беше до 10 проценти фиксна, во овој случај ќе биде до пет отсто. Затоа, ги повикувам сите македонски компании што соработуваат со светски мултинационални компании да ги повикаат во Македонија и веднаш откако ова ќе биде изгласано, да можат тие да го консолидираат бизнисот тука. Тоа ќе значи повеќе ликвидност за македонската економија и повеќе пари по основ на данокот на добивка во Буџетот, нагласи Мицкоски.

Во врска со предвидените 250 милиони евра унгарска помош за општините, премиерот објасни дека се поврзани со одредени критериуми. Повтори дека за нив ќе има посебни сметки на кои општините ќе ги добиваат парите сукцесисивно, за секоја фаза од проектот, откако ќе достават соодветна правна докуиментација.

Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски денеска одговорајќи на новинарско прашање во врска со протестот на жителите од прилепските Ореовец, Крстец и Плетвар кои се против отворање на рударскиот коп во близина на селото Ореовец од страна на фирмата „Бехтел и Енка“, најави дека ќе се бара решение за овој случај. Напомена дека досега единственото решение е да се користи варовникот од друго место, но тоа, како што рече, ќе изнесува дополнителни 18 милиони евра.

- Тоа се проблеми наследени од минатото. Претходната влада преземала обврска да ги реши имотно-правните обврски до средината на минатата година, во спротивно, месечно треба да плаќаме три милиони евра пенали. До сега требаше 36 милиони евра само по основ на пенали да плаќаме. Јас сочувствувам со сопствениците на населбата и сакаме да помогнеме. Досега единствено решение е да се користи варовникот од друго место, но тоа значи дополнителни 18 милиони евра, изјави Мицкоски по средбата со претставниците на Стопанската комора на северозападна Македонија.

Според Мицкоски, мора да се најде решение затоа што следниот чекор е арбитража, а доколку се изгуби спорот, ќе треба да се плаќаат финансиски средства. 

Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски најави дека Владата ќе формира посебно тело кое ќе треба да утврди како се трошела КОВИД-поддршката за компаниите.

Како што изјави денеска, одговорајќи на новинарски прашања, телото ќе се формира на некоја од претстојните владини седници.

- Во периодот што следи, на владина седница ќе формираме такво тело кое во детали ќе ги истражи сите овие индиции, односно се она што го имаме на располагање. И не само таму, и во Фондот познат како ФИТР и сето тоа ќе биде изнесено пред јавноста. Јавноста треба да знае каде се трошени народните пари, истакна Мицкоски по состанокот со претседателството на Стопанската комора на северозападна Македонија.

Скопје - Ставот на ВМРО-ДПМНЕ е јасен, ние ја имаме Македонската академија на науките и уметностите, во чии рамки се собрани научниците од различна етничка припадност и треба да работиме во насока на збогатување на научната мисла, тоа е иднината, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање во врска со иницијативата на „Вреди“ за формирање албанска академија. 

Мицкоски по средбата со претставниците на Стопанска комора на северозападна Македонија, нагласи дека иднината не е во поделби, туку во обединување. 

- Иднината не е во поделби, туку иднината е во обединување, така што ценам дека треба да се развиваме во ова насока, рече тој.

За тоа дали ваквите различни ставови се предизвик за коалицијата и колку е таа стабилна, премиерот со став дека имаат искрена и принципиелна соработка со сите коалициски партнери. 

Скопје - Средствата за капитални инвестиции во Буџетот да не се редуцираат, туку да се зголемуваат и идната година да бидат повисоки, му порача денеска бизнис секторот на премиерот Христијан Мицкоски.

На средбата во Стопанската комора на северозападна Македонија (СКСЗМ) стана збор и за унгарскиот заем од 250 милиони евра за компаниите. 

Премиерот Мицкоски повтори дека прв и основен приоритет на Владата е да обезбеди повеќе пари во Буџетот, а тоа, рече, ќе се постигне ако коморите, фирмите и економијата воопшто, се поуспешни. Тој уште еднаш кажа и дека Владата останува партнер на бизнисот.

-Имавме добар состанок кој ни даде до знаење дека премиерот и во опозиција и во позиција разговара со нас. Опфативме многу теми важни за стопанството. Разговаравме за помошта од 250 милиони евра за која компаниите ќе имаат можност да аплицираат. Еден од битните моменти за фирмите се каматните стапки кои се високи, од 1 до 6 отсто и затоа верувам дека ќе учествуваме и ќе имаме пристап до овие средства. Разговаравме и за ребалансот за што ние имаме став - да не се редуцираат средствата за капитални инвестиции, туку да се зголемуваат и идната година да бидат поголеми зашто стопанството има профит во тој дел. По еден месец од оваа Влада се радуваме дека е насочена кон стопанството. Соработката проолжува, изјави претседателот на СКСЗМ, Менди Ќира.

Скопје – Комисијата за финансирање и буџет денеска во Собранието на Република Северна Македонија ја почна амандманската расправа за ребалансот на Буџетот откако во саботата заврши општата расправа која траеше три дена. Поднесени се 58 амандмани. 

Во текот на општата расправа власта и опозицијата беа со различни ставови и обвинувања. Пратениците од владејачките партии обвинија дека минатата власт оставила огромна буџетска дупка, додека опозицијата ја обвини новата власт дека нема разбирање за потребите на граѓаните и оти давала лажни ветувања во предизборитето.

Пратеникот Бојан Стојановски денеска изјави дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ планира ребалансот на Буџетот за 2024-та година да го донесе во втората недела од август по што, како што рече, ќе започне консолидацијата на затегнатите состојби.

Скопје - Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска одржал работна  средба со амбасадорот на Чешката Република, Јарослав Лудва.

На средбата, како што соопшти МВР, двете страни изразиле задоволство од долгогодишната одлична соработка, со акцент на партнерството помеѓу двете министерства, кое изминативе години, особено за време на миграциската криза, но и периодот после се покажа дека е од голема важност за нас како министерство особено во делот на осовременување на капацитетите на МВР.

-Од страна на министерот за внатрешни работи Тошковски, беше изразена благодарност како за поддршката и соработката преку бројните донации за подобрување на капацитетите на вработените во Министерството за внатрешни работи, така и за пружената поддршка со испраќање на чешки полициски службеници на нашата граница за справување со илегалната миграција во периодот од декември 2015 до април 2023 година, што резултираше со намалување на интензитетот на миграциските текови, се наведува во соопштението од МВР.

Скопје -  Членството во СЕПА е еден од приоритетите на Европската унија за побрза интеграција на земјите од Западен Балкан, констатирале гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска со амбасадорот на ЕУ во земјава, Дејвид Гир.

Како што соопшти денеска Народната банка, амбасадорот Гир ги поздравил напорите на Народната банка за поднесување на барањето за членството во СЕПА коешто е еден од седумте приоритети за зајакнување на економско интегрирање согласно Планот на Европската комисија за раст и побрза интеграција на регионот на Западен Балкан.

-Поднесувањето на апликацијата за пристапување кон Единствената област за плаќање со евра СЕПА е историски значаен чекор што ќе ни овозможи пристап до европскиот платежен систем и користење на придобивките од тоа и пред земјава да биде членка на ЕУ, оцениле Ангеловска-Бежоска и Гир.

Скопје - Министерството за здравство заедно со Клиниката за гастроентерохепатологија и „Хепар центар“ - Битола по повод Светскиот ден за борба против хепатитисот, започнаа заедничка национална кампања за бесплатен и анонимен скрининг за хепатитис Б, хепатитис Ц и за ХИВ, како и еластографија за хронични црнодробни заболувања.

Министерот за здравство Арбен Таравари ја посети мобилната единица во центарот на Скопје, од каде информираше дека националната кампања ќе се реализира во десет градови во државата.

Целта на кампањата, како што беше посочено на настанот, е подигнување на свесноста за црнодробните болести, како што се црнодробен карцином, замастување на црниот дроб од алкохолна и неалкохолна природа, цироза и ретки болести на црн дроб.

Милан Мишковиќ, заменик претседател на „Хепар центар“ - Битола, информираше дека бројката во нашата држава, се движи меѓу два и три проценти хроничен хепатитис Б и Ц, но, голем дел од таа популација сѐ уште не е детектирана.

Скопје - Цената на парното греење за домаќинствата во Скопје од 1 август се намалува за 3,16 отсто за корисниците на ЕСМ, за 1,71 отсто за корисниците на топланата Скопје Север и за 0,5 отсто за корисниците на ЕСМ Енергетика. За деловните корисници, односно околу 1.200 фирми, училиштата и институции кои се приклучени на централното градско греење, поевтинува за 17,3 отсто кај оние приклучени на ЕСМ, за 17,22 кај Скопје Север и за околу 40 отсто кај ЕСМ Енергетика.

Како што информира претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) Марко Бислимоски на денешната прес-конференција, намалувањето на цената за домаќинствата е пресметано без субвенции. Доколку продолжи субвенционирањето на сметките за парно греење намалувањето на цената би било 17,35 отсто. Цената, пак, за деловните корисници воопшто не беше субвенционирана и досега.

Скопје - Коалицијата „Влен“ денеска официјализираше уште еден заеднички орган, односно Центарот за комуникации. За заеднички портпарол на коалицијата е избран Фари Хисени, додека координатор-организациски координатор ќе биде Аљби Ќамиљи.

Центарот за комуникации, кој е составен од четири члена - претставници од партиите во коалицијата, е посветен на управување и подобрување на комуникацијата внатре и надвор од коалицијата.

- Центарот за комуникации ќе биде главниот механизам за комуникација на коалицијата со јавноста. Меѓу другите надлежности се и развивање на комуникациски стратегии, мониторинг на случување, организирање на промотивни активности, управување, развој и надзор на платформите на социјалните медиуми, рече Хисени.

На денешниот брифинг со новинарите беше промовирана и новата заедничка веб-страница која, како што соопшти Хисени, е создадена да ги задоволи потребите за комуникација и транспарентноста на коалицијата „Влен“.

Скопје - ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение реагираше на објавата на поранешниот министер за економија Крешник Бектеши за кривичната пријава покрената од СВР Охрид за „попречување на правдата“ . Од партијата велат дека добро е што тој признал дека правел притисок и бараат од Јавното обвинителство и судството да постапат.

- Добро е што Бектеши призна дека правел притисок, а сега ЈО и судството да постапат и да сноси одговорност. Како тоа порака со содржина дека е срамота што МВР се занимава со млади луѓе не е притисок? Дали за Бектеши младите прекршители на законот или криминалци не се криминалци? Што за Бектеши се млади луѓе, дали тоа се лица од 18 до 30 години и дали тие не треба да се гонат ако направиле прекршок или кривично дело? Која порака Бектеши ја упатува до младите?, прашаа од ВМРО-ДПМНЕ во писмената реакција.

Москва - Кремљ денеска ги отфрли шпекулациите на западните медиуми дека Русија стои зад саботажата на објектите од критичната инфраструктура во Франција за време на Олимписките игри.

„Ова е само уште едно неосновано обвинување“, изјави портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков на денешната прес-конференција.

Според него, има многу неквалитетни медиуми, па дури и угледни, кои во последно време не бегаат од тоа да ја обвинат Русија за „буквално се што се случува“.

Киев - Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска го посети напредниот команден пункт на армијата во зоната Вовчанск, во североисточниот регион Харков.

Таа област е цел на руска офанзива од 10 мај, на која украинските сили даваат отпор.

-Денеска имав чест да им честитам на нашите борци од специјалните единици и да им доделам официјални одликувања, рече Зеленски во изјавата објавена на социјалните мрежи, додавајки дека е благодарен за нивната храброст и нивните херојски операции зад непријателските линии.

На 10 мај, руските сили отворија нов фронт со напад на регионот Харков од север. Тие се обидуваат да го освојат градот Вовчанск, кој сè уште е во центарот на жестоки борби и е тешко оштетен, според сликите направени од украинската војска од дрон.

Белград - Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска најави дека се договорил со амбасадорот на Руската Федерација, Александар Боцан-Харченко, двете земји заеднички да ја одбележат годишнината од ослободувањето на Белград во октомври годинава, јави дописникот на МИА во Белград.

Вучиќ ова го објави на Инстаграм по средбата со руски дипломат во Белград.

-Се договоривме за заедничко одбележување на 80-годишнината од победата над фашизмот и ослободувањето на Белград. Разговаравме за теми од заеднички интерес, особено во областите како што се трговијата, културата и регионалната безбедност. Ја повторив мојата благодарност до Руската Федерација за нејзината дипломатска поддршка на Србија на меѓународната сцена за прашања од фундаментално значење за нашата земја, напиша Вучиќ на „будучностсрбијеав“.

Тој додаде дека со Боцан-Харченко разменил мислења и „за актуелната состојба во земјата и регионот“.

Волгоград - Во железничката несреќа што се случи денеска во близина на рускиот град Волгоград, кога воз се судри со камион и излета од шините, според прелиминарните информации, повредени се 100 лица, пишува весникот „Известија“ повикувајќи се на Телеграм канал 112.

Руска новинска агенција наведува дека се превртеле осум вагони.

Други руски медиуми јавуваат дека возот излетал од шините и дека се утврдува бројот на повредени.

Лондон - Рекорден број потенцијални измами и случаи на погрешно означување на маслиновото масло се забележани во првиот квартал од годинава во земјите од Европската Унија.

Цената на маслиновото масло е повеќе од двојно зголемена во однос на 2018 година поради различни фактори, повеќегодишната суша и маслиновите насади погодени од екстремните временски услови.

Како што растеше цената, растеше и бројот на „прекугранични известувања на ЕУ“, кои вклучуваат погрешно означување на производите, потенцијални измами и безбедносни случаи кои вклучуваат контаминирани масла, пишува „Гардијан“.

Во првиот квартал од 2018 година, ЕУ забележа само 15 вакви случаи. Во првите три месеци од годинава бројот на неправилности се зголеми на рекордни 50 случаи, што според објавените податоци, е за три пати повеќе.

Москва - Рускиот претседател Владимир Путин денеска му честиташе на Николас Мадуро за неговиот реизбор за претседател на Венецуела и ја потврди подготвеноста на Москва да продолжи со заедничката работа на актуелните прашања од билатералната и меѓународната соработка меѓу двете земји, соопшти Кремљ.

Тој додаде дека руско-венецуелските односи по својата природа се „стратешко партнерство“ и дека е убеден дека активностите на Мадуро на чело на државата ќе продолжат да придонесуваат за прогресивен развој на односите меѓу двете земји во сите правци.

„Би сакал да ја потврдам нашата подготвеност да продолжиме со конструктивна заедничка работа за актуелните прашања од билатералната и меѓународната агенда. Не заборавајте дека секогаш сте добредојден гостин на руското тло“, се вели во честитката на Путин, а пренесува РИА Новости.

Пекинг - Кинескиот претседател Си Џинпинг денеска во Пекинг се сретна со италијанската премиерка Џорџа Мелони, при што ги повика двете земји да ги разгледаат заемните односи на долгорочна перспектива и да работат заедно на меѓународните прашања.

„Кина е многу важен соговорник за прашањето на растечката меѓународна несигурност“, рече италијанската премиерка Мелони.

Таа ја изрази својата увереност дека Рим може да има значајна улога во односите на Пекинг со Европската унија во услови на трговски тензии меѓу 27-члениот блок и втората по големина економија во светот.

Лондон – Британската полиција уапси маж откако тој избоде повеќе луѓе во Саутпорт, во близина на Ливерпул.

Сè уште не е познат точниот број на повредени.

Полицијата соопштија дека нема поширока закана за јавноста, но им порачаа на граѓаните да го избегнуваат делот каде се случи нападот. 

Остани поврзан