• вторник, 30 јули 2024
МИА Радио флеш

 29 јули 2024

 - Премиерот Христијан Мицкоски утрово ќе оствари средба со претседателот на Стопанска комора на северозападна Македонија, соопшти владината прес-служба. Потоа, заедно со министерот за одбрана Владо Мисајловски, заменик-министерката Елфет Исмаили, генерали од Армијата и амбасадорката на САД Анџела Агелер ќе ги посетат припадниците на Лесната пешадиска баталјонска група во касарната „Јане Сандански“ - Штип. Мицкоски,  Мисајловски, Исмаили и Агелер ќе присуствуваат и на презентацијата на новите шест лесни оклопни возила JLTV. 

- Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) денеска на прес-конференција треба да ја соопшти цената на парното. Од РКЕ за МИА велат дека претходно се очекува да биде одржана седницата на која ќе се донесе одлуката. РКЕ потврди и дека најголем дел од компаниите побарале зголемување на цената до 50 отсто, додека дел од нив се и со барање за намалување, како ЕСМ производство и ЕСМ Енергетика.- Клучно е да се напомене дека просечната цена на гасот е значјано пониска оваа година во споредба со претходната, но од друга страна, субвенции од оваа грејна сезона нема да има. Анализите се во тек. Се очекува одржување на главната седница денеска, каде одлуката ќе се донесе. Инаку, над 90 отсто скопјани добиваат парно од државната ЕСМ која обединува три фирми-ќерки со снабдување, производство и дистрибуција, а тука се и топланата „Скопје Север“ и Енергетика, истакнуваат од РКЕ.

 - Собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска ќе продолжи со амандманска расправа по ребалансот на Буџетот за 2024 година, откако во саботата, по три дена работа, ја заврши општата расправа. Амандманската расправа, за која се поднесени 58 амадмани, ќе трае шест дена.Во текот на општата расправа во дискусиите на пратениците од владејачките партии можеше да се чујат обвинувања дека минатата власт оставила огромна буџетска дупка, која, како што рекоа, сепак ќе биде покриена со домаќинско работење. Опозицијата пак ја обини новата власт дека нема разбирање за потребите на граѓаните и оти давала лажни ветувања во предизборитето.

- Министерството за здравство, заедно со Клиниката за гастроентерохепатологија и „Хепар Центар“ - Битола по повод Светскиот ден за борба против хепатитисот, почнува заедничка национална кампања за бесплатен и анонимен скрининг за хепатитис Б, хепатитис Ц и ХИВ, како и еластографија за хронични црнодробни заболувања. По тој повод, министерот за здравство Арбен Таравари денеска ќе ја посети мобилната единица на плоштад „Македонија“ во Скопје од каде почнува бесплатниот и анонимен скрининг за навремено детектирање на болести на црн дроб.

- МВР информира дека вчера, со хеликоптер на Одделот за воздухопловни единици на МВР, опремен со медицинска опрема, е реализиран успешен транспорт до Скопје на македонски државјанин кој бил на лекување во Виена, Австрија. Во  хеликоптерот бил и медицински тим од ГОБ „8 Септември“. 

 - Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека во последното деноноќие имало вкупно 2 376 повици на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112. Од нив „реални“ биле 62,33%, а 37,67% биле за други потреби на граѓаните што не биле итни. Кон полиција биле упатени 64,33%, кон Итната медицинска помош 20,81%, кон пожарникарите 11,46%, а кон АМСМ 0,21% од реалните повици на 112. Според ЦУК, имало и 910 повици за итни случаи на 112 што се вкупен збир од тие што биле за комбинирано решавање од „реалните“ повици (3,18%) и на тие што се именувани како „неитни повици“ (37,67%).

– Во Србија и денеска продолжуваат протрестите против намерите за ископ на литиум, и според медиумите најавени се протести во Краљево, Шабац, Аранѓеловац и Љиг. Во вторник ќе има протести во Косјериќ и Младеновац. Во изминативе денови протести имаше во Ваљево Лозница, Гроцка, Прељина, Коцељева и Неготин.

 - Албанскиот претседател Бајрам Бегај потпиша уредба за новите министри во владата на премиерот Еди Рама. -Претседателот неколку часа по доставените предлози од страна на премиерот Еди Рама, ја потпиша уредбата а веднаш е закажана и итна седница на парламентот за денеска во 18 часот, објавија медиумите. Парламентот ќе ја избере новата претседателка на Парламентот Елиса Спиропали, досегашна државна министерка за односи со парламентот.

- Турција би можела да влезе во Израел за да им помогне на Палестинците како што направи некогаш во Либија и во Нагорно Карабах, изјави синоќа турскиот претседателот Реџеп Таип Ердоган. „Мораме да бидеме многу силни за Израел да не може во Палестина да го направи тоа што го прави сега“, рече турскиот претседател на митингот на владејачката партија АКП во црноморскиот град Ризе, пофалувајќи ги резултатите на индустријата за оружје.

 - Шефот за надворешна политика на ЕУ, Жосеп Борел, ја повика Венецуела да обезбеди „целосна транспарентност во изборниот процес“ откако претседателот Николас Мадуро објави реизбор на контроверзното гласање. „Народот на Венецуела мирно и во голем број гласаше за иднината на својата земја. Нивната волја мора да се почитува. Обезбедувањето целосна транспарентност во изборниот процес, вклучително и детално пребројување на гласовите и пристап до гласачките записи на избирачките места, е од витално значење“, наведе Борел во објава на X.

- Руските системи за противвоздушна одбрана во текот на ноќта соборија 39 украински беспилотни летала над руска територија, соопшти руското Министерство за одбрана. „Дежурните системи за противвоздушна одбрана пресретнаа и уништија 19 дронови од типот на авиони над Курск, девет над Белгород, три над Воронеж, пет над Брјанск и три над Ленинградската област“, ​​се наведува во соопштението. Гувернерот на областа Воронеж, Александар Гушев, изјави дека над областа Острого е соборен дрон и дека неговите делови оштетиле јавен инфраструктурен објект во селото Газопровод.

 – Како одговор на ракетниот напад од Либан во кој загинаа млади лица на окупираната од Израел Голанска висорамнина, израелскиот министер за одбрана Јоав Галант вети дека „ќе го погоди силно непријателот“, додека премиерот на таа држава Бенјамин Нетанјаху го прекина своето патување во САД за да се справи со кризата. Израел вчера вети дека ќе го „погоди силно непријателот“ откако во ракетен оган од Либан загинаа 12 млади луѓе на Голанската висорамнина, анектирана од Израел и ги разгоре стравувањата дека војната во Газа ќе се прошири.

- Британскиот премиер Кир Стармер нагласил пред израелскиот претседател Јицак Херцог дека се потребни „итни чекори“ за прекин на огнот во конфликтот меѓу Израел и Хамас во Газа. „Премиерот рече дека мора да има итни чекори кон прекин на огнот за да може заложниците да бидат ослободени и да се достави повеќе хуманитарна помош до оние на кои итно им е потребна“, се вели во соопштението од кабинетот на Стармер.

- Летови од и кон аеродромот во Бејрут се откажани или одложени, а либанската авиокомпанија Мидл Ист ерлајнс соопшти дека нарушувањата на нејзиниот распоред се поврзани со ризиците од осигурувањето, бидејќи тензиите меѓу Израел и милитантната група Хезболах се зголемија. Луфтханза и Јуровингс откажале три лета за Бејрут закажани за денеска попладне, Туркиш ерлајнс откажа и два лета во текот на ноќта. Откажани беа и турскиот нискобуџетен авиопревозник СанЕкспрес, филијалата на Туркиш ерлајнс АЏет, грчката Ејџиан Ерлајнс, Етиопијан Ерлајнс и Мидл Ист ерлајнс.

 – Опозициската коалиција во Венецуела денеска не ја прифати изборната победа што ја објави претседателот Николас Мадуро и нагласија дека добиле 70 отсто од гласовите, а не 44 отсто како што објави изборниот совет. „Сакаме да и кажеме на цела Венецуела и на светот, дека Венецуела има нов новоизбран претседател, а тоа е (кандидатот) Едмундо Гонзалес Урутија“, изјави лидерот на опозицијата Марија Корина Мачадо пред новинарите, додавајќи: „Победивме“.

 - Министрите за надворешни работи на Австралија, Индија, Јапонија и САД се состанаа во Токио на разговори за поморската безбедност и иницијативите за изградба на кибер одбрана. Разговорите, на кои присуствуваа австралиската министерка за надворешни работи Пени Вонг, нејзината јапонска колешка Јоко Камикава, индискиот висок дипломат Субрахмајам Џаишанкар и американскиот државен секретар Ентони Блинкен, следеа по вчерашните безбедносни разговори меѓу Токио и Вашингтон, на кои сојузниците ја оквалификуваа Кина како „најголемиот стратешки предизвик“ со кој се соочува регионот.

- Второто тренажно пливање на триатлонците на Олимпијадата во Париз е откажано поради нечиста вода во Сена, објави прес-службата на организацискиот одбор на Игрите. Пливачкиот дел од триатлон требаше да се одржи во понеделник, 29 јули. Сепак, олимпискиот организациски комитет, Меѓународната триатлон федерација и локалните власти сметаа дека нивото на квалитетот на водата не дава доволно гаранции. Ден претходно организаторите донесоа слична одлука. - Тренингот за триатлон во Сена е откажан. Реката е загадена поради дождовите, стоеше во соопштението.

Остани поврзан