• вторник, 30 јули 2024
МИА Флеш

29 јули 2024

Скопје - Министерот за здравство Арбен Таравари денеска најави дека ќе се следи третманот на младиот Леонид Индов во нашата држава откако тој со хеликоптер е транспортиран од Виена каде беше на лекување.

- Утрово потпишав, со одлука на Влада сѐ ќе биде организирано засега да се врати детето во Македонија, па понатаму ќе видиме каков ќе биде третманот. И како Министерство за здравство и како Влада ќе бидеме максимално ангажирани во вакви случаи, изјави Таравари одговарајќи на новинарско прашање.

Утрово, од Министерството за внатрешни работи и од Центарот за управување со кризи информираа дека вчера, доцна попладне, Индов бил транспортиран со хеликоптер од Виена во Скопје.

Тој беше на лекување во Виена и за него на 10 јули годинава, неговиот татко упати барање до ЦУК за воздухопловен транспорт. Според соопштеното, хеликоптерот за воздухопловни единици на МВР бил опремен со медицинска опрема, а во него бил и медицински тим од ГОБ „8 Септември“.

Скопје - Има одредени информации дека е пронајдена мала концентрација на формалдехид во операционите сали во Клиничкиот центар во Скопје, меѓутоа официјално сѐ уште немам ништо добиено, изјави денеска министерот за здравство Арбен Таравари.

- Веќе работиме на нова набавка за комплетно нова компресорска станица и комплетно нова инсталација. Ссе надевам што поскоро да го решиме овој проблем и да не зборуваме веќе за вакви теми, коишто се непријатни и неубави за сите граѓани, бидејќи создаваат ситуација на несигурност кај пациентите, рече Таравари.

Прашан како граѓаните да бидат мирни кога досега не се споделува во јавноста дека имало формалдехид и дека воздухот во операционите сали отстапува од европските стандарди според мерењата од 1 јули, Таравари рече официјален допис се уште нема пристигнато во Министерството.

Скопје - Министерот за одбрана Владо Мисајловски на денешната средба со  унгарскиот амбасадор Андраш Клајн и со одбранбеното аташе, потполковникот Ласло Надаш, изразил благодарност за големата поддршка и помош која Унгарија и ја дава на нашата држава, соопштуваат од Министерството за одбрана.

- Благодарност до Унгарија која беше наш голем поддржувач за членството во НАТО, која ни помогна кога се соочивме со пандемијата COVID-19, мигрантската криза, поплавите и држава која ни дава поддршка за почеток на преговорите за членство со Европската Унија, рече министерот Мисајловски и додаде дека секоја помош за наш развој во насока на остварување на втората стратешка цел, членство на ЕУ, е добре дојдена.

Амбасадорот Клајн дал уверување дека Унгарија ќе продолжи да ја поддржува нашата земја, политички и советодавно за време на пристапниот процес. 

Скопје - Претседателката Гордана Сиљановска Давкова донесе одлука за составот и за именување претседател и членови на Комисијата за помилување.

Како што соопштија од кабинетот на претседателката, за претседател на Комисијата за помилување именуван е проф. д-р Методија Каневчев, а за нејзини членови се именувани проф. д-р Гордан Калајџиев, проф. д-р Арлинда Кадри Шахиновиќ, д-р Зора Митиќ, м-р Ана Ѓорѓиева Ивановска, Саше Димовски и Ајтен Шаќири.

Скопје – Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ планира ребалансот на Буџетот за 2024-та година да го донесе во втората недела од август, по што, како што вели пратеникот Бојан Стојановски, ќе започне консолидацијата на затегнатите состојби.

Тој посочи дека ребалансот се прави на Буџет донесен од страна на СДСМ и ДУИ, од кој, како што рече, предизборно се испумпани милиони евра, а граѓаните се целосно заборавени.

– Новата Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ за краток период успеа да направи ребаланс на Буџетот и да обезбеди средства за реализација на клучни предизборни ветувања. Предвидени се 100 милиони евра за бројни капитални инвестиции во секоја општина во Македонија. Идната година овој износ ќе го дуплираме. За пензионерите испорачуваме 2500 денари повисока пензија секој месец почнувајќи од септември. Веќе од март 2025-та предвидуваме дополнителни 2500 денари со што го реализираме ветувањето за 5000 денари повисока пензија за оние кои ја изградија државата, рече Стојановски.

Скопје - Дали фирмата од Струмица е директно поврзана со СДС, а фирмата од Скопје со ДУИ? Дали вака СДС и ДУИ ги книжеле милионите под закрила на институциите, рече на денешната прес-конференција Марија Митева, портпарол, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

Со години, како што рече, фирмите преку игрите на среќа се богателе и тоа прво без законски основ, а сепак со издадена лиценца и второ, без притоа да плаќаат данок. - Кој се од врвот на СДС и ДУИ ги аминувал и прикривал овој криминал од милионски размери?, праша Митева.

За споредба, како што нагласи Митева, во 2018 година бизнисот со игри на среќа свртел 210 милиони евра, а во 2023 година 800 милиони. - Или за пет години овој бизнис се зголемил за цели 600 милиони евра. Ова директно покажува дека во времето на владеење на СДС и ДУИ преку незаконско работење, со добиени лиценци без основ за тоа се заработувале милиони на грбот на граѓаните, а за да биде уште пострашно некој од тие фирми за тоа не плаќал данок, додаде таа.

Според Митева, нервозата во СДС и ДУИ е голема, зошто токму овие две фирми од Струмица и Скопје кои го кршеле законот и не плаќале данок, нема да можат тоа веќе  да го прават.

Скопје - Поранешниот министер за економија Крешник Бектеши против кого СВР Охрид покрена кривична пријава за „попречување на правдата“ реагираше преку објава на „Фејсбук“ во која ја објави и пораката што му ја испратил на полицискиот началник. 

- Секоја чест. Јаки сте. Срамота треба да ви е да се занимавате со млади луѓе, стои во пораката.

Кривичната пријава против него ја оценува како политичко прогонство и заплашување.

- Политичко прогонство, целта на заплашувањето нема да ви помине! На 7 мај, како координатор на Европскиот фронт во Изборната единица 5, од Штабот на Европскиот фронт во Охрид добив информација дека на денот на изборниот молк, претседателот и членовите на Штабот биле контролирани од страна на СВР-Охрид, што е директна интервенција во изборниот процес од страна на СВР-Охрид, наведува Бектеши во објавата.

Според Бектеши, целта за ваквиот потег, како што вели, е одмазда за поразот што граѓаните и го направиле на власта на 8 мај.

Штип - „Гласен синдикат“ изминатиот период евидентираше кршење на работнички права во Штип, Битола, Свети Николе и Македонска Каменица. Кристина Ампева претседател на „Гласен синдикат“ на денешната прес-конференција рече дека дел од работодавците не го почитуваат Законот за недела неработен ден.

– Во Македонска Каменица имаме случај работниците да работат по 3 пати во неделата по 11 часа, вообичаено по осум часа, сепак се заведува дека работат само два часа дневно, односно, 10 часа неделно, што воопшто не е точно. Денеска е испратен инспекциски надзор поради ова. Во Битола работодавец решил дека треба да има непријавени работници и дека треба да ги држи затворени да работат прекувремена работа, на што веќе се реагира и се прават инспекциски надзори, вели Ампева.

Посочи до нив пристигнало реакција и од работници за во Свети Николе. Во оваа фирма работници се префрлени од неопределено, на определено во друга сестринска фирма, порача Сојузот на синдикатот на Македонија да реагира, бидејќи работниците во оваа фирма си плаќаат членарина на ССМ и да ги заштитат работниците.

Скопје - Цената на парното греење за домаќинствата во Скопје од 1 август се намалува за 3,16 отсто за корисниците на ЕСМ, за 1,71 отсто за корисниците на топланата Скопје Север и за 0,5 отсто за корисниците на ЕСМ Енергетика.

За деловните корисници и училиштата поевтинува за 17,3 отсто кај ЕСМ, за 17,22 кај Скопје Север и за околу 40 отсто кај ЕСМ Енергетика.

Скопје - Од полноќ се намалуваат цените на Еуросупер БС-95 и на Еуросупер БС-98 за половина денар, а на дизелот и Екстра лесното масло за домаќинство за еден денар.

Согласно новата одлука на Регулаторната комисија за енергетика, Еуросупер БС - 95 ќе се продава по цена од 81 денар за литар, а Еуросупер БС-98 по цена од 83 денари за литар. Новата цена на дизелот од полноќ ќе биде 73 денари за литар, а на Екстра лесно масло за домаќинство 71,50 денари за литар.

Се намалува и цената на Мазутот за 0,275 ден/кг и тој ќе се продава по цена од 44,381 денари за килограм.

Будимпешта - Европскиот комесар за соседска политика и проширување, Оливер Вархеји, денеска изјави дека огромна чест за него е што повторно е номиниран за унгарски член на Европската комисија и посочи дека се радува на продолжувањето на соработката со претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен.

„Огромна чест е да бидам номиниран и премиерот (на Унгарија, Виктор Орбан) да побара да продолжам да бидам унгарски член на Европската комисија. Со радуваме на продолжувањето на нашата заедничка работа со претседателката Фон дер Лајен“, наведе Вархеји на социјалната мрежа Икс.

Брисел - Откако претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен во обраќањето пред европратениците при нејзиниот реизбор најави дека во првите сто дена од мандатот на идното извршно тело на ЕУ ќе промовира нова „Визија за земјоделството и храната“, 20-тина невладини организации испратија писмо до неа во кое бараат во новата земјоделска стратегија да биде вклучена и обврската за подобри услови за животните. 

Според Олга Кику, директорка на бриселскиот тинк-тенк Европски институт за право и политика за животните, Фон дер Лајен во својот говор  за нејзините политички насоки пред Европскиот парламент не споменала воведување правно обврзувачка забрана за држење на живината во кафези и за спроведување пошироката ревизија на законодавството за „благосостојба на животните“. 

Лос Анџелес - Со помош на подобри временски услови, пожарникарите во Калифорнија постигнаа напредок во борбата против шумските пожари кои зафатија огромни области, но сепак е неопходна евакуација на населението.

Повеќе од 4.000 пожарникари се борат со огнената стихија која зад себе остави пустош и голема штета.

Шумскиот пожар во Калифорнија, најголемиот оваа година, е еден од најмалку стотината шумски пожари што горат низ западниот дел на Соединетите Американски Држави, соопшти Националниот противпожарен центар.

Остани поврзан