• вторник, 30 јули 2024

МИА Радио флеш

МИА Радио флеш

29 јули 2024

Скопје - Министерот за здравство Арбен Таравари денеска изјави дека нема несогласувања во владината коалиција во однос на нивната идеја за албанската академија за науки и уметности и нагласи дека тоа било програмска определба на „Вреди“ во текот на кампањата за претседателските и парламентарните избори. Според Таравари, сите идеи кои се однесуваат на науката и уметноста се добри и засега, како што рече, започнале како иницијатива во четири општини, а за понатаму сакаат да најдат решение кое е прифатливо за сите граѓани во земјава. 

-Ние немаме несогласување, ова ни беше програмска определба уште кога беше кампањата пред претседателскит и парламентарните избори. Идеите, кои се однесуваат на уметноста и науката мислам дека се добри и убави. Засега почнавме како иницијатива од четири општини, а понатаму се надевам дека ќе најдеме решение, кое би било прифатливо за сите кои што живееме во Република Македонија, рече Таравари. 

Во врска со реакцијата на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, која е и нивни коалициски партнер, дека науката не смее да се етницира, Тарвари вели дека се согласува и дека тие не ја етницираат науката.

Скопје - Царинските службеници од граничниот премин Богородица спречиле обид за нелегално внесување 30 илјади евра во државава од страна на двајца странски државјани.

- На 26 јули 2024 година на граничниот премин Богородица, во вечерните часови за влез во државата се пријавило патничко мотороно возило со странски регистарски таблички во кое патувале двајца странски државјани. На прашање на царинскиот службеник дали имаат да пријават нешто за царинска контрола одговориле дека немаат ништо за пријавување и дека одат во казино во Гвегелија. Но, при контрола на возилото, во патна торба на задното седиште, покрај личните работи на патниците пронајдени биле непријавени 50 илјади евра за кои немале никаков документ за потекло, соопштија денеска од Царинската управа.

Скопје - Леонид Индов вчера, доцна попладне, беше транспортиран со хеликоптер од Виена во Скопје, информираат Министерството за внатрешни работи и Центарот за управување со кризи. 

Леонид беше на лекување во Виена, Австрија и за него на 10 јули 2024 година неговиот татко упати барање до ЦУК за воздухопловен транспорт. Според МВР, хеликоптерот за воздухопловни единици на МВР бил опремен со медицинска опрема, а во него бил и медицински тим од ГОБ „8 Септември“. Ова, нагласува ЦУК, е прв ваков воздухопловен транспорт во нашата држава, на лице заболено од параплегија (со неможност за движење на екстремитетите, а дише со помош на подвижен респиратор и кој е поврзан со катетер). 

Скопје - Советот на јавни обвинители на Република Северна Македонија, денеска со почеток од 10 часот во изборното место 1 во Битола ќе спроведе избори за член на Советот од редот на јавните обвинители од подрачјето на Вишо јавно обвинителство Битола.

Како што информираат од Советот, единствена пријавена кандидатка која воедно ги исполнувала условите е основната јавна обвинителка од ОЈО Прилеп, Маријана Илиевска.

Избирачкиот список го сочинуваат 22 обвинители од изборното место 1, а за изборот не е потребен цензус.

Гласачкото место се затвара во 16:00 часот. 

Скопје - Поранешниот претседател Ѓорге Иванов викендов учествуваше на Светскиот форум за демократија и мир 2024 „Обединети за напредување на развојот, демократијата и мирот низ светот“ во организација на Академијата за културна дипломатија од Берлин, Германија.

Како што соопштија денеска од неговиот кабинет, настанот се одржа во германскиот главен град во периодот од 26 до 28 јули 2024 година со цел да обезбеди неутрална платформа за развој и унапредување на демократијата, со интензивна агенда на предавања, дискусии, дебати и културни активности фокусирани на напредување на развојот, демократијата и мирот низ светот.

Во своето обраќање „Ненаучени лекции за демократијата и мирот“ Иванов, се наведува во соопштението, ги посочи причините за кризите на современите демократии и причините за отсуство на мирното решавање на кризите и воените конфликти во светот денес.

Париз - Сите возови во Франција од утрово сообраќаат нормално, по саботажата на железничката мрежа што се случи во петокот, неколку часа пред свеченото отворање на Олимписките игри во Париз, изјави францускиот министер за транспорт Патрис Вергрие.

Тој рече дека „од 800.000 патници кои биле потенцијално погодени за време на викендот, 700.000 успеале да го завршат своето патување“.

Во Франција синоќа завршија поправките на железничките пруги оштетени од пожарите што ги подметнаа во петокот, соопшти францускиот национален железнички оператор СНЦФ.

Париз – Саботажа е извршена во делови од Франција врз мрежите со оптички кабли, соопшти утрово француската полиција. Според полицијата, саботажа е извршена во шест области во Франција, но Париз не е погоден.

Инцидентот се случи три дена откако координирани акти на саботажа ги парализираа брзите возови неколку часа пред церемонијата на отворањето на Олимпијадата, попречувајќи го патувањето на стотици илјади луѓе.

Париз - Францускиот министер за внатрешни работи Жералд Дарманен изјави дека екстремни левичарски екстремисти најверојатно стојат зад саботажата на француската железница извршена во петокот, неколку часа пред церемонијата на отворање на Олимписките игри во Париз.

Дарманен за ТВ Франс 2 изјави дека во текот на истрагата биле идентификувани профилите на неколку луѓе и дека начинот на кој работат диверзантите има карактеристики на екстремно левичарски екстремисти.

Францускиот национален железнички оператор SNCF синоќа објави дека е завршена поправката на железничките пруги оштетени од пожари во петокот.

Париз - Организацискиот комитет на Игрите 2024 беше принуден да се извини за интонирањето на погрешната химна на Јужен Судан.

Ана Декамп, директорка за комуникации на Организацискиот комитет на Олимпијадата во Париз, се извини за грешката на организаторите и мешањето на химната на Јужен Судан пред натпреварот против Порторико.

- Ако е така, се извинуваме, им рече Декамес на новинарите на брифингот.

Натпреварот на Јужен Судан со Порторико во неделата започна со пропуст. Организаторите ја пуштија химната на Судан, од кој Јужен Судан стекна независност во 2011 година.

Киев - Украинските системи за противвоздушна одбрана уништија една ракета и девет од 10 дронови лансирани од Русија во текот на ноќта, соопштија украинските воздухопловни сили.

Соборени се ракетата за наведување воздух Х-59/Х-69 и девет беспилотни летала „Шахед-131/136“.

Се додава дека воздушните цели биле уништени над регионите Дњепропетровск, Херсон и Кировохрад.

Софија - Претседателот на Бугарија, Румен Радев денеска напладне ќе го врачи мандатот за состав на владата на парламентарната група на „Има таков народ“ од која ќе побара да предложат кандидат за премиер, соопштија од прес-службата на шефот на државата.

Уставот не предвидува рок до кога партијата треба да одговори.

Тоа е затоа што истекува рокот од седум дена од неуспехот во вториот обид за состав на влада кога мандатот беше примен и вратен веднаш од пратеничката група на „Продолжуваме со промените-Демократска Бугарија“.

Белград - Министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ денеска изјави дека целта на иницијативата на министерот за надворешни работи на Босна и Херцеговина, Елмедин Конаковиќ за прекинување на полициската соработка меѓу Србија и Босна и Херцеговина е да се бараат причини за заострување на односите со Србија, бидејќи се што работи претседателот Александар Вучиќ е на тапет и станува еден вид на однос кон Србија, без разлика на темата, јави дописникот на МИА од Белград.

Дачиќ за ТВ Пинк изјави дека зад тоа се крие намерата да се предизвика постојана нестабилност, да се нападне Србија и да се бара алиби за да се претстави Србија како земја со хегемонистички тенденции.

-Денеска Конаковиќ праша зошто Вучиќ толку многу се залагал против Резолуцијата за Сребреница. Тој очекува ние да се радуваме на неа и затоа тоа треба да е причина зошто треба да биде против она што го предлага Србија, рече Дачиќ.

Белград - Премиерот на Република Србија, Милош Вучевиќ е позитивен на корона вирусот, поради што се откажани сите средби и посети планирани за следните неколку дена, јави дописникот на МИА од Белград.

- Премиерот Вучевиќ е на домашно лекување, користи медицинска терапија и се чувствува добро, соопштија од Владата на Р.Србија.

Во соопштението се додава дека „претседателот на Владата на Република Србија ќе ги извршува сите должности од дома“.

Тој денеска требаше да присуствува на продолжетокот на вонредната седница на Собранието со вкупно 60 точки на дневен ред, меѓу кои е и Декларацијата, која беше усвоена во Сесрпскиот собор на 8 јуни во Белград.

Последна меѓународна активност на премиерот Вучевиќ беше во петкот кога имаше средба со македонскиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски. 

Белград - Во Србија околу 67.500 граѓани чекаат некаква хируршка интервенција, а во зависност од институцијата се чека во просек од пет месеци до четири години, покажуваат податоците на Здружението на пациенти, објваија Вечерње новости.

Најдолгите листи на чекање се за замена на колк и операција на колено.

Многумина се одлучуваат за хируршка интервенција, но остануваат без одговор на прашањето што е причината за толку долгите листи на чекање, наведува весникот. Како причина за долгогодишното чекање за импланти на колк и операција на коленото, поранешната министерка за здравство Даница Грујичиќ рече дека мисли дека намерно се прават долги листи на чекање, за луѓето кои не знаат да одат биле принудени да плаќаат за приватни операции.

Каракас - Чиле, Перу, Костарика, Уругвај, Гватемала и Аргентина најавија дека нема да ги признаат резултатите од претседателските избори во Венецуела, додека лидерите на Куба, Хондурас и Боливија ја поздравија победата на актуелниот претседател Николас Мадуро.

Чилеанскиот претседател Габриел Бориќ изјави дека режимот на Мадуро мора да разбере дека е тешко да се поверува во резултатите објавени од изборната комисија, наведувајќи дека Сантијаго нема да ги признае резултатите што не можат да се проверат.

„Меѓународната заедница, а особено народот на Венецуела, вклучително и милиони Венецуелци во егзил, бараат целосна транспарентност“, рече Бориќ.

Каракас - Венецуелскиот претседател Николас Мадуро, кој според изборната комисија победи на вчерашните претседателски избори во земјата, денеска објави дека неговиот реизбор е триумф на мирот и стабилноста.

Изборната комисија ги објави првите резултати само шест часа по затворањето на гласачките места, а Мадуро рече дека пребројувањето на гласовите и објавувањето на резултатите доцни поради скибер напад, пренесе Ел Паис. 

„Знаеме од каде дојде хакерскиот напад, тие оставија траги“, рече Мадуро.

Њујорк - Хјуман рајтс воч (ХРВ) предупреди дека паравоените групи и армијата извршиле бројни сексуални напади во суданскиот главен град Картум и неговите предградија за време на граѓанската војна во земјата.

Невладината организација со седиште во Њујорк соопшти дека собрала сведоштва од 42 здравствени работници и работници на терен кои пријавиле 262 случаи на сексуално насилство во суданската престолнина помеѓу почетокот на војната во април 2023 година и февруари 2024 година.

„Насилството главно влијаело на жени и девојчиња на возраст од 9 до 60 години, а имало и случаи на групно силување“, се вели во извештајот објавен денеска од организацијата.

Најмалку четири жени ги загубиле животите како последица на повредите.

Остани поврзан