• вторник, 30 јули 2024

МИА Радио флеш

МИА Радио флеш

  30 јули 2024

 

Скопје - Претседателката на Групата за пријателство од Парламентот на Австралија, Касандра Фернандо, денеска ќе престојува во посета на Собранието на Република Северна Македонија.

Како што е наведено на собранискиот сајт, таа ќе оствари средба со потпретседателката на Собранието Весна Бендевска.

Фернандо, исто така ќе се сретне и со претседателот на пратеничката група на Собранието на Северна Македонија за соработка со Парламентот на Австралија и со Парламентот на Нов Зеланд, Љупчо Пренџов, и со членовите.

Скопје - Во Собранието на Република Северна Македонија денеска седници ќе одржат Комисијата за финансирање и буџет и Законодавно правната комисија.

На седницата на Комисијата за финансирање и буџет втор ден продолжува амандманската расправа за ребалансот на Буџетот. Вчера, на првиот ден од амадманската расправа не беше прифатен амандманот поднесен од СДСМ со кој се бараше да се обезбедат 200 милиони евра за зголемување на платите и надоместоците согласно обврските од законската регулатива и потпишаните колективни договори.

На Предлог ребалансот на Буџетот поднесени се вкупно 58 амадмани, а расправата трае шест дена. 

Струмица - Синоќа изгоре платформата за набљудување на Смоларскиот водопад, а пожарот ја зафати и околната шума на планината Беласица, информираа од Територијалната против - пожарна единица на Струмица.

Пожарот избувнал околу 18 часот вчера, а потоа брзо се раширил и ја зафатил блиската шума на исток кон Беласица.

-ТППЕ Струмица веднаш испрати две против - пожарни возила и шест пожарникари на местото на пожарот. Успешно беше спречено неговото ширење кон околната шума и прераснување во поголем шумски пожар, стои во информацијата од струмичките пожарникари.

Инаку, Смоларскиот водопад е лоциран над селото Смоларе, во Општина Ново Село и една од најголемите туристички атракции во овој регион. Висок е 39, 5 метри и е единствен постојан водопад во државата. 

Скопје -  На ГП Табановце за влез и ГП Богородица за излез од државата се бележи зголемена фреквенција на возила, но во раните утрински часови не се бележат подолги задржувања. Исто и на останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата, соопшти АМСМ.

Сообраќајот на останатите државни патишта се одвива непречено, по суви коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен.

Скопје - Директорот на Државниот инспекторат за животна средина Сретен Стојковски денеска на прес - конференција ќе информира за тековно работење на инспекторатот и ќе го презентира шестмесечниот извештај за период јануари-јуни 2024 година.

Скопје - Секторот за внатрешни работи Скопје во текот на вчерашниот ден продолжи со контролите во областа на сообраќајот, во рамки на кои на територија на град Скопје изречени се вкупно 115 мерки.

Како што соопшти МВР, меѓу изречените мерки се и осум за возење повеќе од дозволената брзина, 10 мерки за возење без возачка дозвола и седум санкции за прекршоци што ги прават возачите на мотоцикл.

Изречени се и пет мерки за користење мобилен телефон при возење, шест за некористење сигурносен појас, пет за минување на затворен сигнал (црвено светло)...

Струмица - Деветнаесеттото издание на Интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“, во знакот на авторскиот филм, ќе започне задутре во Амфитеатарот во Струмица, со проекција на Канскиот лауреат „Човекот кој не можеше да молчи“ во режија на Небојша Слијепчевиќ, соопштија организаторите.

Скопје - Во рамки на јубилејното 45. издание на манифестацијата „Скопско лето“ вечер со почеток во 20:30 часот во Куршумли ан ќе се одржи концерт на групата „Парусион“.

„Парусион“ груп ансамбл е оформен 2003 година во Скопје во чиј состав се Михаил Парушев - тапани, Петар Христов - кларинет и саксофон, Ѓоко Грујовски - гитара, Јован Цветковиќ - пијано и Дионис Стратров - бас гитара.

Сплит - Еден пожарникар е повреден во Хрватска при гаснење пожар на отворен простор во месноста Каштел Шучурац, во пошироката околина на Сплит.

Како што пренесуват локалните медиуми, пожарот избувнал синоќа по 2 часот во близина на железарницата, а гори трева, ниска вегетација и афион.

Пожарот го гаснат 106 пожарникари со 39 возила, со помош на противпожарниот воз „Робел“, соопштија од противпожарната служба.

Белград - Српскиот министер за градежништво, транспорт и инфраструктура Горан Весиќ е позитивен на коронавирусот.

Министерот Весиќ ги откажа сите посети и средби што беа планирани за денеска и утре, како и присуство на продолжението на седницата на Парламентот на Република Србија.

Весиќ е на домашно лекување, од каде преку платформи за видео состаноци ќе продолжи да ги координира најважните активности на Министерството.

Ерусалим - Министерот за надворешни работи на Израел, Израел Кац, го повика НАТО да ја исфрли Турција од Алијансата, по контроверзната изјава на нејзиниот претседател Реџеп Таип Ердоган.

„Во светло на опасната реторика на турскиот претседател Ердоган и заканата за напад на Израел, министерот за надворешни работи Израел Кац им нареди на дипломатите итно да контактираат со сите членки на НАТО, повикувајќи на осуда на Турција и барајќи нејзино исфрлање од Алијансата“, соопшти Министерството за надворешни работи.

Лондон - Министерот за надворешни работи на Велика Британија, Дејвид Лами синоќа ги повика британските граѓани да го напуштат Либан и да не патуваат во таа држава во услови на растечки тензии на Блискиот Исток, јави ДПА.

Лами рече дека „ситуацијата брзо се развива“, а претставниците на Форин Офисот работат „деноноќно“ за да помогнат британските граѓани да бидат безбедни.

Британското МНР предупреди дека настаните во регионот би можеле да ескалираат за „кратко известување“ и да доведат до сериозни прекини во превозот на патници кои заминуваат од Либан.

Братислава - Словачкиот вицепремиер Томаш Тараба објави дека нема да ја претставува својата земја на церемонијата на затворање на Олимписките игри во Париз.

„Требаше да ја претставувам Словачка на затворањето, но за нормалниот свет оваа Олимпијада засекогаш ќе остане симбол на дегенеративната декаденција, која ја злоупотреби убавината на спортот и го претвори во прогресивен политички театар“, напиша словачкиот функционер.
„Затоа решив да не учествувам на затворањето.

Париз - Француската метеоролошка агенција издаде предупредување за Париз и околните области за можно невреме и максимални температури од 35 степени Целзиусови што се очекуваат денеска во градот во кој се одржуваат Олимписките игри.

Агенцијата објави „жолто ниво на опасност“ - второ од четирите нивоа - за главниот град бидејќи топлотниот бран носи високи температури и на другите олимписки места низ Франција.

Париз - Меѓународната унија за триатлон соопшти дека натпреварот во машка конкуренција на Олимпијадата 2024 година е одложен.- По состанокот за квалитетот на водата и земајќи ги предвид најновите временски информации, машкиот триатлон натпревар, кој требаше да се одржи на 30 јули, е закажан за 10:45 часот на 31 јули. Истиот ден во 8 часот е предвидено да се одржи и женскиот триатлон“, се вели во соопштението.

Лима - Владата на Перу им нареди на венецуелските дипломати да ја напуштат земјата во рок од 72 часа, откако изборната комисија на Венецуела го прогласи актуелниот претседател Николас Мадуро за победник на претседателските избори во неделата.

Министерот за надворешни работи Хавиер Гонзалес-Олаечеа, одговарајќи на новинарско прашање на Си-Ен-Ен дали Перу ќе ги прекине односите со Венецуела, рече дека тоа не е нивна желба, но дека не можат да ја исклучат можноста.

Њу Делхи – Стотици луѓе најверојатно се затрупани во лизгање на земјиште во јужната индиска држава Керала соопшти индиската армија.

„Се сомневаме дека стотици луѓе се затрупани“, се вели во соопштението. Во него се додава дека 225 војници се распоредени во областа Вајанад за да помогнат во напорите за спасување.
Властите во таа држава досега соопштија за деветнаесет жртви во лизгањето на земјиште предизвикано од поројните дождови што ја зафатија таа индиска држава. Спасувачките напори ги попречува пороен дожд, јавија индиските медиуми. 

Лос Анџелес - Златното бикини коешто глумицата Кери Фишер го носеше како принцезата Леја во филмот „Враќањето на Џедајот“ од серијалот „Војна на ѕвездите“ од 1983 година, е продадено за 175.000 долари.

Костимот, како можеби еден од најпознатите реквизити во овие филмови, беше продаден викендов по наддавање во аукциската куќа „Херитиџ“ со седиште во Далас.

Фишер го носеше овој костим во сцената кога нејзиниот лик е фатен од Џаба Хат во неговата палата

Остани поврзан