• вторник, 30 јули 2024

МИА Радио флеш

МИА Радио флеш

  30  јули 2024

 

Скопје - И покрај тоа што децата-жртви на трговија со луѓе често остануваат неоткриени и непријавени ширум светот, достапните податоци од Националната комисија за борба против трговија со луѓе и илегална миграција, што опфаќаат две децении (2001-2021), покажуваат дека децата сочинуваат 70 отсто од жртвите во Северна Македонија, се наведува во соопштението од од Канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје, по повод  Светскиот ден на борба против трговија со луѓе, кој оваа година е посветен на децата жртви на трговија со луѓе. 

- Оваа бројка значително го надминува глобалниот просек, според кој речиси една третина од сите идентификувани жртви на трговија со луѓе се деца. Просечната возраст на децатажртви во земјата е 15 години, при што девојчињата страдаат несразмерно повеќе и се подложени на двојна експлоатација: и сексуална и трудова. Ваквата алармантна распространетост која особено ги погодува младите девојки, го нагласува загрижувачкиот тренд што се влошува во дигиталната ера, се посочува во соопштението и се додава дека УНИЦЕФ повикува на поголеми инвестиции во превенција, заштита, прогон на сторителите и склучување партнерства за да се стави крај на трговијата со деца.

Скопје - Назначени се нови членови на Надзорниот и Управниот одбор на Операторот на електропреносниот систем за пренос на електрична енергија АД МЕПСО. За нов директор е назначен Бурим Љатифи, а за заменик директор Александар Пауноски.

Министерството за транспорт и врски денеска информираше дека како единствен акционер во АД МЕПСО ги има назначено Јован Лазарев, Зоран Тодоровски, Елизабета Гиовска, Симона Домазетовска Марковска, Агрон Рустеми, Звонко Бошков и Али Исмаиљ за членови на Надзорниот одбор. 

Новиот Надзорен одбор на вчерашната седница ги избрал и новите членови на Управниот одбор. Покрај директорот и заменик-директорот, нови членови на Управниот одбор се Сашко Лакински, Васе Јовевски, Анастасија Илиеска, Иван Иванов и Мартин Малиновски. 

Скопје - Исплатата на парите од „Мој ДДВ“ за второто тримесечје нема да започне пред да биде усвоен ребалансот на Буџетот за 2024 година, бидејќи во сегашниот буџет на УЈП не се предвидени средства за исплата. Затоа е неопходно да има ребаланс пред да започне исплата на парите за второто тримесечје, порача денеска директорката на Управата за јавни приходи (УЈП) Елена Петрова.

- Исплатата не може да почне додека не помине ребалансот на Буџетот, бидејќи во буџетот на УЈП за 2024 година не биле испланирани доволно средства за цела 2024 година. Испланираните средства за „Мој ДДВ“ во најголем дел се потрошени и затоа мораме да го чекаме ребалансот на државниот Буџет и потоа да бидат испланирани средства, рече Петрова во интервју за „Република“.

Скопје - Во Скопје денеска околу 07.15 часот на ул.„Отокар Кершовани“, полициски службеници од Оперативен тим потраги го лишиле од слобода А.Б.(30) од Скопје, соопштија од МВР.

Тој бил баран по централна потерница врз основа на наредба од Основен кривичен суд Скопје за издржување казна затвор од една година и 10 месеци за сторено кривично дело „тешка кражба“ пo член 236 од Кривичниот законик.

 Лицето ќе биде предадено на надлежната казнено – поправна установа. 

Париз – Третиот Македонец кој настапи на Олимпијадата во Париз, Еди Шерифовски не успеа да го помине првото коло на турнирот во Џудо. 

Дваесет и двегодишниот Шерифовски претпладнево во категоријата - 81 килограм загуби со ипон (11:0) од Бразилецот Гилерме Шмит.

Претходно своите настапи на Игрите во Париз ги завршија и Никола Ѓуретановиќ во пливање и Мојсовска во стрелаштво. 

Од македонските натпреварувачи, до крајот на Олимпијадата треба да се појават уште и: Милијана Релјиќ (таеквондо), Владимир Егоров (борње слободен стил) и Дарио Ивановски (атлетика, маратон).

Тирана - Ситуацијата со пожарот во познатото албанско летувалиште Шенѓин, кој беснее од пред неколку дена, се влоши во текот на ноќта, поради ширењето предизвикано од ветерот.

- И по интервенцијата со хеликоптер беше невозможно целосно да се изолираат пожарите, каде поради силниот ветер во текот на ноќта пожарот повторно се активираше во некои области на планината над Шенѓин, објавија медиумите.

Париз - Српскиот тим победи во конкуренција на мешани двојки во стрелање со воздушен пиштол на далечина од 10 метри. Зорана Аруновиќ и Дамир Микец го победија турскиот тим со резултат 16:14.

Ова злато беше прво за Србија на Игрите во 2024 година.

Пласман на најдобрите три двојки:
1. Србија (Зорана Аруновиќ, Дамир Микец)
2. Турција (Севал Илајда Тархан, Јусуф Дикеш)
3. Индија (Ману Бакер, Анируд Синг).

Каљари - Пожарот што избувна вчера попладне на Сардинија се протега на седум километри, а од изутринава го гаснат четири канадери, два авиони „Супер Пума“ и три хеликоптери.

Пожарот беше активен цела ноќ, пренесува италијанската новинска агенција Анса.

Во гаснењето на пожарот се ангажирани 36 пожарникари со 14 возила, а присутни се и полицијата и карабинерите. 

Брисел – Сериозно сум загрижен поради убиствата, насилството, тортурата, масовните апсења и оштетувања на имотите што се случија во Бангладеш во последниов период, порача високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел.  

Во писмената изјава тој нагласува дека на маргините на Министерскиот состанок на Регионалниот форум на АСЕАН во Лаос, на бангладешкиот претставник, поранешниот министер за надворешни работи и актуелен пратеник Абдул Момен, му ја пренел неговата „сериозна загриженост“ поради незаконските убиства извршени во последните денови од страна на властите во Бангладеш. 

Брисел - Европската Унија ја поздравува решителноста на народот на Венецуела мирно и во голем број да ги остварува своите избирачки права на претседателските избори и нагласува дека мора да се почитува неговата волја, посочи високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел во реакција на случувањата во Венецуела по изборите во неделата. 

- ЕУ ја признава посветеноста на опозицијата на изборниот процес и покрај нерамномерните услови за игра. Резултатите од изборите не се верификувани и не можат да се смета дека се одраз на волјата на народот на Венецуела, додека не се објават и проверат сите официјални записници од избирачките места, посочува Борел во реакцијата, додавајќи дека ЕУ внимателно го следи изборниот процес во земјата.

Москва - Руската морнарица започна со вежби на Балтичката, Северната и Пацифичката флота и Касписката флотила, во кои учествуваат повеќе од 20.000 луѓе, соопшти денеска руското Министерство за одбрана.

Во вежбите учествуваат околу 300 бродови и чамци, подморници и помошни пловила, до 50 авиони, како и повеќе од 200 единици воена и специјална техника.

Њу Делхи - Најмалку 56 лица, меѓу кои две деца, го загубија животот денеска во лизгање на земјиштето во јужната индиска држава Керала, а 101 лице е спасено.

Официјални претставници веруваат дека стотици луѓе се заробени, а државата ја ангажира и армијата во операција за спасување и потрага, со два хеликоптери, пишува „Хиндустан Тајмс“.

Метеоролозите за денеска најавуваат пороен дожд. 

Порт-о-Пренс - Обезбедувањето на премиерот на Хаити, Гери Конил, мораше да пука заради безбедност при неговата посета на болница во Порт-о-Пренс, што некогаш беше контролирана од банди, соопшти денеска кабинетот на премиерот на Хаити.

Конил, со шефот на националната полиција Нормил Рамо и новинари, вчера ја посети најголемата болница на Хаити, а за време на неговата посета пред зградата имало истрели.

Припадниците на обезбедувањето испукале неколку истрели додека Конил и началникот на полицијата ја напуштале болницата.

Остани поврзан