• среда, 25 декември 2024

Муртезани: До крајот на месецот ЕК треба да даде повратен одговор за Реформската агенда, првата транша од Планот за раст во втората половина на септември

Муртезани: До крајот на месецот ЕК треба да даде повратен одговор за Реформската агенда, првата транша од Планот за раст во втората половина на септември

Скопје, 30 јули 2024 (МИА) - На 14 јули Владата ја усвои драфт верзијата со придружните елементи на Реформската агенда и истата е испратена до Европската комисија на внатрешна консултација. До 31 јули треба да добиеме повратни коментари за да може после Владата врз основа на тие коментари да ја усвои крајната верзија на Реформската агенда, изјави денеска на прес-конференција министерот за европски прашања Орхан Муртезани.

Тој додаде дека по усвојувањето, следува потпишување договор на Инструментот за реформи и раст и Договорот за заем, по што следи ратификација во Собранието.

Муртезани изрази очекување дека во втората половина на септември треба да стигне првата транша од Планот за раст на ЕК.

На новинарско прашање дали во Реформската реформа е ставено укинувањето на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители и дали очекува негативен одговор од ЕК, вели дека бидејќи се работи за драфт-верзија, не е овластен јавно да споделува информации.

-Бидејќи станува збор за драфт верзија, односно податоци од другите министерства за кои јас не сум овластен јавно да ги споделувам, ќе замолам да се стрпиме до 31-ви кога треба да добиеме повратни одговори од ЕК. Не дека не знам, не сакам да споделувам информации за кои не сум овластен да ги споделам. Тие се информации од надлежните министерства и затоа не можам да ги споделам. Кога ќе добиеме официјален одговор од Европската комисија секако дека ќе го споделам, рече Муртезани.

ЕУ и САД изразија загриженост за најавата на премиерот Христијан Мицкоски за можноста за распуштање на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители.

-Распуштањето на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители, ќе значи мешање во независноста на судската власт и ќе биде прашање за сериозна загриженост. Исто и за идејата за раздвојување на Академијата за судии и обвинители, изјави Гир во почетокот на јули на Конференцијата за напредокот при спроведувањето на препораките од Оценската мисија на ЕУ од страна на Судскиот совет. 

Во април и мај годинава, Европскиот парламент и Советот на ЕУ се согласија земјите од Западен Балкан да добијат 6 милијарди евра од Брисел во рамки на Планот за раст на Западен Балкан којшто почива на четири столба - зајакнување на економската интеграција со единствениот пазар на ЕУ; зголемување на економска соработка меѓу земјите од ЗБ; забрзување на фундаменталните реформи и зголемена финансиска поддршка за фундаменталните реформи. Целта е преку засилена економска интеграција на земјите од регионот меѓу себе и со ЕУ, постепено да почне да се намалува разликата во стандардот на државите од Западен Балкан и Унијата. За да се случи таа интеграција потребни се реформи што секоја земја прво ги договара со Брисел, со конкретни рокови и задолженија, додека нивното спроведување ќе се поттикнува со финансиски средства.

Од тие 6 милијарди евра, за државава се наменети 750 милиони евра, од кои првата транша ќе изнесува седум проценти, односно 52,5 милиони евра. нд/ац/

Фото: МИА архива

Остани поврзан