• среда, 31 јули 2024
МИА Флеш

3 јуни 2024

– Судијката Ана Павловска Данева на продолжението на денешната седница на Уставниот суд на која треба да се избере новиот претседател на судот, ја повлекла својата кандидатура, потврдуваат од Уставениот суд. Нејзината противкандидатка Татјана Васиќ Бозаџиева, не го добила потребното мнозинство. Ќе следува нов круг гласања, со други кандидати од редот на судиите во Уставен.

 - Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) денеска соопшти дека со верификацијата на пратеничкиот мандат на 28.05.2024 година на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, заврши извршувањето на функцијата министер. Со министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, се додава, до избор на нов министер, со министерството ќе раководи заменик министерката за земјоделство, шумарство и водостопанство Вјолца Бериша.

– Нова интердисциплинарна студиска програма по дигитално земјоделство, со предмети од земјоделскиот и прехранбениот сектор и од техничките науки се воведува на Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје (ФЗНХ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ - Скопје. Иницијативата е на бизнисот, а кадрите кои ќе произлезат - дигитални земјоделски инженери, треба да овозможат намалени трошоци и поголеми приноси на храна, а особено да ја помогнат дигитализацијата кај малите производители. 

- Аваја жали што за прв пат во историјата на независноста на државата нема ромски пратеник/чка во новиот парламентарен состав. Манипулацијата стапи на дело и тоа на префриган начин се покажа во новиот состав на Собранието, каде што за прв пат од старт во новиот парламентарен состав немаше место за припадник/чка на ромската етничка заедница.

 - Премиерот на германската покраина Баварија и лидер на ЦСУ, Маркус Зедер порача дека треба да се биде умерен кога се во прашање санкциите против Русија и посочи дека не ја гледа Украина во НАТО и дека би сакал Северен тек 2 да се пушти во  функција, бидејќи ако не функционира - може да биде „многу студено“ во Германија.

– Бројот на загинати во поројните поплави и лизгања на земјиштето во Шри Ланка се искачи на 12, а уште пет лица се пријавени за исчезнати, соопштија денеска локалните власти. Западната провинција на Шри Ланка, вклучувајќи го главниот град Коломбо, јужната провинција и централните делови на островската држава се најтешко погодени од обилните дождови од саботата вечерта, изјави претставник од центарот за управување со катастрофи на земјата.

- Временската појава Ел Нињо, која може да предизвика екстремни услови, како што се шумски пожари и тропски циклони, се очекува во текот на оваа година да се претвори во генерално посвежи услови на Ла Ниња, соопшти денеска Светската метеоролошка организација (СМО).

 - Американскиот државен секретар Ентони Блинкен разговараше со израелскиот министер за одбрана Јоав Галант и шефот на воениот кабинет Бени Ганц за израелскиот предлог за прекин на огнот што го предложи американскиот претседател Џо Бајден.

– Присилното раселување протера повеќе од милион луѓе од градот Рафа во Газа, соопшти денеска Агенцијата за палестински бегалци на Обединетите нации (УНРВА). Малиот град на крајниот југ во Појасот Газа е засолниште на околу милион Палестинци кои побегнале од израелските напади во другите делови на енклавата, според хуманитарните организации.

– Одложената борба меѓу поранешниот апсолутен светски шампион во бокс Мајк Тајсон и блогерот Џејк Пол би можела да се одржи во октомври, најавија денеска од таборот на Тајсон. Борбата требаше да се одржи на 20 јули, но беше одложена поради здравствените проблеми на Тајсон.

Тагови

Остани поврзан