• среда, 31 јули 2024
МИА Флеш

  19 јули 2024 

 

Белград - Во тешка сообраќајна несреќа кај Лесковац, на влезот во Грделичка клисура загина македонска државјанка, а четворица се повредени, меѓу кои две деца на возраст од две и од четири години, јави дописникот на МИА од Белград.

Несреќата, според српските медиуми, се случила кога возачот изгубил контрола над возилото и удрил во заштитната ограда, која потоа поминала низ возилото. Во несреќата загинала сопругата на возачот, која се наоѓала на совозачкото седиште, а покрај него, повредени се и нивните две деца и една постара жена.

Станува збор за семејство од Северна Македонија кое се враќало од одмор во Словенија, кое има и словенечко државјанство.

-Жената беше сопатничка. Превезовме две деца, од кои едното има тешки повреди. Повреди има и возачот, сопругот на починатата, но се чини дека се полесни, иако не можеме ништо со сигурност да кажеме додека не заврши снимањето, кажа очевидец за весникот Ало

Скопје - Споделуваме заеднички демократски вредности и принципи, владеење на правото, слобода, безбедност и како земји сојузнички активно придонесуваме во регионалните иницијативи со цел зацврстување на регионалната безбедност и стабилност, заклучиле министерот Владо Мисајловски и амбасадорката на Република Хрватска, Нивес Тигањ на денешната средба во Министерството за одбрана, на која присуствувало и одбранбеното аташе полковник Стјепан Домјанчиќ.

Скопје - Министерот за европски прашања Орхан Муртезани денеска се сретнал со амбасадорот на Јапонија, Отсука Казуја, при што била потврдена одличната билатерална соработка, како и јапонската поддршка на Северна Македонија преку донации во некои од важните сектори за нашиот евроинтегративен процес.Како што соопштија од Министерството за европски прашања, Муртезани му се заблагодарил на амбасадорот Казуја за целокупната поддршка што Јапонија ѝ ја дава на Северна Македонија, а се разговарало и за успешната реализација на проектите од јапонските грантови, како и за унапредување на соработката во контекст на нови инвестиции.

Росоман - Повредениот Златко Димов во пожарот кај росоманското село Сирково, се опоравува од изгорениците. Кога МИА денеска го контактираше, тој повторно беше на Клиниката за пластична хирургија во Скопје. Во телефонски разговор ни рече дека најважно од се е што останал жив и што се спасени селото и природните убавини околу него.  Димов има неполни 40 години. Во моментов невработен, сопруг и татко на три малолетни деца. Ни рече дека никогаш нема да го заборави тој ден.

Скопје – Се санираат штетите од синоќешното невреме што зафати делови од Скопје и предизвика повеќе штети - паднати дрвја, оштетени автомобили, кровови, поплавени домови...

Според последните информации од Центарот за управување со кризи, пристигнати се пријави за 35 паднати дрва, два лима, 15 бандери, 21 кров, 10 поплавени домови и две оштетени возила.Како што информираа за МИА од ЕВН Македонија, нормализирано е и снабдувањето со електрична енергија во оние делови од Скопје, кои повеќе од 12 часа останаа без струја по вчерашното краткотрајно невреме што го зафати главниот град.

Скопје - Во атарот на битолското село Магарево и во село Маково, општина Новаци, вчера се подигнати артилериски гранати со калибар 75 и 155 милиметри од Првата светска војна, кои претходно биле пронајдени.  МВР денеска соопшти дека во атар на село Магарево, пиротехничар од Дирекцијата за заштита и спасување подигнал две артилериски гранати со калибар 75 мм од Првата светска војна, додека во село Маково, општина Новаци, пиротехничар подигнал артилериска граната со калибар 155 мм од Првата светска војна.

Скопје - Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, денеска на средба со командирот на Полициската станица во Ѓорче Петров, Златко Цветковиќ, разговарал за засилување на мерките за навремено справување со евентуални временски непогоди, пожари или поплави.

Како што соопшти Општината, командирот Цветковиќ го информирал Стојкоски дека полицијата во Ѓорче Петров е подготвена да ја засили безбедноста и да излезе во пресрет во справувањето со непосакуваните состојби кои може да следуваат.

Скопје - Вкупните депозити во јуни бележат годишен раст од 7,2 проценти, а вкупните кредити од 6,4 проценти, објави денеска Народната банка. 

Според податоците на централната банка, растот кај депозитите  и кај кредитите е резултат на зголемените депозити и кредити кај двата сектора, но со поизразен придонес кај домаќинствата. 

На месечна основа, вкупните депозити бележат месечно зголемување од 0,4 проценти, што во целост се должи на повисоките депозити на корпоративниот сектор, а кај вкупните кредити зголемувањето на месечна основа е 0,8 проценти. 

Крива Паланка - Во градскиот парк Крива Паланка на површина од околу 180 метри квадратни уредено е ново детско игралиште, поставени се урбана опрема и реквизити за деца.

-Градскиот парк е разубавен и опремен, збогатен со нови содржини за најмладите. Дечињата од градот и најмладите посетители на општината можат да се дружат и забавуваат на новоуреденото детско игралиште со гумирана подлога по високи стандардни за безбедност, а на теренот се поставени мултифункционален детски реквизит со куќичка, лизгалки, клацкалки и лулашка, информира службата за комуникација со јавност во Општина Крива Паланка.

Белград - Потпретседателот на Европската комисија, Марош Шефчович, рече дека договорите потпишани денеска во Белград дополнително ќе го нагласат партнерството меѓу ЕУ и Србија. Тој нагласи дека со нив се отвора вратата за најголемите странските директни инвестиции во историјата на Србија, јавија белградските медиуми.

„Зборуваме за историски ден за Србија, како и за Европа“, рече Шефчович, по потпишувањето на Меморандумот за разбирање меѓу ЕУ и Србија за стратешко партнерство за одржливи суровини, синџири за производство на батерии и електрични возила. потпишан во име на ЕУ.

Белград - Меморандум за разбирање меѓу ЕУ и Србија за стратешко партнерство за одржливи суровини, синџири за производство на батерии и електрични возила беше потпишан денеска во Белград меѓу Србија и ЕУ во присуство на српскиот претставник Александар Вучиќ и германскиот канцелар Олаф Шолц.

Меморандумот за разбирање за критичните суровини меѓу ЕУ и Србија беше потпишан во Палатата на Србија од страна на српската министерка за рударство и енергетика Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ и потпретседателот на Европската комисија и европски комесар за меѓуинституционални односи и стратешко предвидување Марош Шефчович.

Белград - Во акција на српската полиција и обвинителството запленети се повеќе од девет килограми кокаин чија вредност се проценува на околу еден милион евра.

Осомничените се уапсени во Пожега, потврдија за белградски медиуми во Вишото јавно обвинителство во Белград.

Во претресите на повеќе локации во Белград се пронајдени уште девет килограми кокаин, со улична вредност од над еден милион евра, како и поголеми количини маса за зголемување на количината на дрога.

Белград - Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска изјави дека проектот „Јадар“ е добар за Србија и за економската перспектива на развој, не само за Србија, туку и за целиот регион, нагласувајќи дека ќе се почитуваат највисоките стандарди кога станува збор за заштита на животната средина.

Тој изрази задоволство што денеска во Белград е потпишан важен договор меѓу Европската комисија и Србија, кој, како што рече, ќе ја зајакне соработката во снабдувањето со суровини.

Париз - Организаторите на Олимписките игри во Париз денеска соопштија дека се соочуваат со проблеми поврзани со големиот прекин на компјутерските системи во светот.

„Париз 2024 е свесен за глобалните технички проблеми што влијаат на софтверот на Мајкрософт. Тие проблеми влијаат на ИТ операциите на ОИ во Париз 2024 година“, велат организаторите.

Претходно француската агенција за кибер безбедност соопшти дека се уште немаат докази дека глобалниот прекин на ИТ што погоди авиокомпании, банки, медиуми и други бизниси бил предизвикан од кибер напад

Атина – Без особени проблеми се одвива авиосообраќајот на аеродромот „Елефтериос Венизелос“ во Атина и засега не постојат последици од нарушувањето на работата на ИТ системите во светот, информирале од аеродромот за грчката новинска агенција АНА-МПА, јави дописничката на МИА од Атина.

Според истите информации, единствено некои од авиокомпаниите се соочиле со оперативни проблеми во нивните ИТ системи, додека пак не се регистрирани доцнење на летовите вон вообичаеното.

Мадрид - Сите аеродроми во Шпанија пријавиле дека имаат проблеми поради прекин на ИТ, што денеска погоди компании ширум светот, соопшти аеродромскиот оператор „Аена“.

„Поради инцидент во ИТ системот, има прекини во системите на Aeнa и на аеродромските мрежи во Шпанија што може да предизвикаат одложувања“, објави операторот на X.

„Овој глобален технички инцидент главно влијае на резервациите и информациите на патниците“, додаде компанијата, велејќи дека некои операции продолжуваат благодарение на „мануелните системи“.

Лондон - Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска пристигна во Лондон на Даунинг стрит, каде што ќе се обрати на состанокот на британскиот кабинет.

Британскиот премиер Кир Стармер му посака добредојде на Зеленски, кој ќе биде првиот странски лидер кој лично ќе се обрати пред кабинетот по поранешниот американски претседател Бил Клинтон во 1997 година.

Тирана - Премиер Еди Рама, кој вчера учествуваше на самитот на европските лидери што се собраа во Оксфорд во палатата Бленхајм, родното место на британскиот лидер за време на Втората светска војна, Винстон Черчил, денеска објави, дека следната година Самитот ќе се одржи во Албанија.
Рама објави видео на  социјалните мрежи каде ги прикажани моменти од средбите што ги имал и дава, како што ја нарекува, радосна вест, дека следната година Албанија ќе го пречека Самитот на Европската политичка заедница.

Брисел - Словачка нема да ги бојкотира активностите на Унгарија за време на нејзиното претседавање со ЕУ, затоа што не гледа причина за казнување на една членка на ЕУ поради нејзините суверени ставови со кои некој не се согласува, порача словачкиот претседател Петер Пелегрини.

- Мислам дека никој не треба да биде казнет затоа што се обидел да се вклучи во дијалог и Република Словачка нема да го поддржи тоа, изјави Пелегрини по средбата со неговиот унгарски колега Тамаш Суљок во Будимпешта.

Москва - Руското обвинителство бара 18-годишна затворска казна за американскиот новинар Еван Гершкович, јавиjа руските медиуми. ДПА забележува дека тоа се случува во време кога судскиот процес за шпионажа против новинарот од „Волстрит журнал“ влегува во завршна фаза.

Обвинителството тврди дека обвиненијата изнесени во судскиот случај, што почна во Екатеринбург на 26 јуни и се води зад затворени врати, се докажани без сомнение. Неговото признание за вина, за кое се верува дека е сигурно, би можело да биде произнесено денеска.

Лондон - Британскиот аеродром „Хитроу“ и ирската авиокомпанија „Рајанер“ предупредија денеска дека се соочуваат со големи турбуленции поради ширењето на хаосот за патување што произлегува од глобалниот прекин на системите за ИТ.

„Хитроу“ соопштија дека проблемот влијае на некои системи, додека Рајанер - дека се соочува со прекин поради „глобален прекин од трета страна“.

„Мајкрософт моментално има глобален прекин што влијае на одредени системи на Хитроу“, објави аеродромот на X.

Дака - Бројот на загинати во студентските протести во Бангладеш достигна денеска 50, според болниците ширум земјата.

„Овде имаме пет тела. Тие беа убиени денеска“, рече Бачу Миа од болницата Медицинскиот колеџ во Дака, по 45 други смртни случаи избројани низ земјата од вторникот.

Полицијата во Бангладеш денеска пукаше и употреби солзавец врз демонстрантите додека интернет и телефонските врски се прекинати низ целата земја по демонстрациите за доделување владини работни места.

Демонстрациите, кои започнаа пред неколку недели и ескалираа во понеделникот, претставуваат најголем предизвик досега за премиерката Шеиха Хасина од почетокот на нејзиниот четврти мандат во јануари.

Масачусетс - Се поголем број влади и институции тврдат дека зад големиот технолошки дефект што ги погоди компаниите и системите ширум светот, не стои хакерски напад, а виновникот го наоѓаат во софтверот на компанијата за кибер безбедност CrowdStrike.

Светските авиокомпании, аеродромите на најмалку четири континенти, здравствените системи, банките, телекомуникациите, медиумите и други компании, институции и организации денеска се соочуваат со потешкотии во работата поради голем ИТ дефект.

Австралиската влада, швајцарската канцеларија за кибер безбедност, Би-Би-Си и шефот на една украинска банка се меѓу оние кои веруваат дека софтверот „Фалкон сензор“ на компанијата за кибер безбедност CrowdStrike е причина за неуспехот.

Канбера - Австралискиот премиер Ентони Албанезе објави дека е активиран национален механизам за координација за справување со проблемите и прекините во компјутерските системи на голем број компании, банки, медиуми и авиокомпании во Австралија што се случија денеска.

„Разбирам дека Австралијците се загрижени поради прекинот што се случува на глобално ниво и влијае на широк опсег на услуги“, објави Албанезе на X.

Националниот координативен механизам (НКМ) обединува различни владини агенции, како и претставници од индустријата и приватниот сектор за да ги координираат одговорите на големи кризи.

Тагови

Остани поврзан