• среда, 31 јули 2024
МИА Флеш

  13  јуни   2024

 

Скопје - Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, денеска во Вила Водно, во пресрет на одржувањето на Самитот на шефови на држави и влади на учесниците во Процесот за соработка во Југоисточна Европа, остварила средба со претседавачот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Денис Беќировиќ.

Како што соопштија од кабинетот на Сиљановска Давкова, на средбата биле разменети мислења за севкупните билатерални односи, за актуелните состојби и европската перспектива на двете земји, како и за безбедносните и политички аспекти во регионот.

Двајцата соговорници ги потврдиле заложбите за целосна интеграција во Европската Унија и изразија подготвеност за размена на искуства, меѓусебна помош и поддршка во реформските процеси.

Скопје - Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, во рамки на состанокот на министрите за надворешни работи на Процесот за соработка на Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), кој се одржува денеска во Скопје, оствари билатерална средба со министерот за надворешни работи на Босна и Херцеговина, Елмедин Конаковиќ, на која, како што информираат од неговиот кабинет, во фокусот на разговорите била билатералната соработка и подготвеноста за унапредување на регионалната соработка.

Скопје - Министерството за образование и наука (МОН) со финансиска поддршка од ИПА фондовите на Европската унија изработи нов интегриран систем за електронска работа на училиштата, кој вклучува и нов електронски дневник, што официјално ќе се примени во текот на новата учебна 2024-2025 година, откако претходно ќе го помине тест периодот во неколку основни и средни училишта.

Првичните проверки се спроведени во координација на МОН со Бирото за развој на образованието, Државниот просветен инспекторат, Државниот испитен центар и со наставници од училиштата. Организирани се и обуки за ИТ администратори во училиштата каде електронскиот дневник ќе пилотира и интегрирање на евентуални нови сугестии.

Скопје – Мерките и активностите кои се преземаат од страна на надлежните институции не обезбедуваат целосна подготвеност и сигурност за остварување на оптимална искористеност на минералните суровини, како и сеопфатна и навремена наплата на концесиските надоместоци, покажува ревизорскиот извештај на Државниот завод за ревизија на тема “Ефикасност на постапките за доделување на правото за вршење на експлоатација на минерални суровини и реализација на склучените договори, со посебен осврт на мермерот“.

Скопје - Во Скопје денеска се одржува конференција на тема „Паметно учење за зголемена продуктивност: Патот на „Lean six sigma““. Организатор е „Smart learning factory - Skopje“(СЛФС), во соработка со активноста на УСАИД, „Партнерства за економски раст“.

Раководителот на СЛФС и редовен професор на Машинскиот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, Бојан Јовановски истакна дека фокусот на оваа конференција е во продуктивноста, пред се на луѓето, но, исто така и на процесите, на машините и на сите елементи што се состојат во една компанија.

Скопје - Одбојкарките од основното училиште „Партенија Зографски” и ракометарките од основното училиште „Кузман Шапкарев” кои се победници во општинската лига на спортови денеска остварија средба со градоначалникот на Општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски, од кого добија ваучери за летен спортски камп кој ќе се одвива во Охрид.

Во присуство на своите наставници по физичко воспитување, кои воедно се и нивни тренери, Тамара Стојанова, како и Благоја Кечовски и Дејан Апостоловски, и претседателот на Сојузот на училишен спорт Дејан Стоимановски, спортистките споделија дел од моментите од натпреварувањата и разговараа за нивните спортски амбиции и желби.

Крива Паланка - Во Европската куќа Крива Паланка денеска се одржа работилница во организација на Општина Крива Паланка на која младите предлагаа идеи и иницијативи за поддршка преку проектот "ReLoad 2", финансиран од Европската унија.

Крива Паланка е една од општините добитник на грант преку проектот што го имплементира Програмата за развој на обединетите нации, УНДП, а младите од градот низ втора сесија даваа предлог-идеи од кои, по нивна разработка и селекција, дел ќе бидат имплементирани и финансиски поддржани преку проектната програма.

Куманово - Несовесни граѓани од Куманово исфрлаат фотелји, кревети, гарнитури на несоодветни локации, од ЈП „Чистота и Зеленило“ денеска повикаа граѓаните да се обратат кај нив за изнесување на кабаст отпад. Од претпријатието реагираат дека услугата се наплаќа, а ваквото одлагање на сметот само прави дополнителни трошоци за ангжаман на работна сила и при изнесувањето можат да се оштетат работните машини.

Струмица - Во хидроакумулациите во Струмичко има доволно вода за пиење и наводнување, но заради помалото ниво единствено од акумулацијата „Водоча“ е воведена рестрикција за наводнувањето, односно само два пати во неделата ќе се пушта вода до посевите.

Според последните мерења, двете најголеми брани „Турија“ и „Водоча“ се половина полни.

Тетово - Минералната вода кај тетовската излетничка месност Бањиче не е исправна за пиење и надлежните препорачуваат да не се користи се до следното известување. Вчера биле испитани двете чешми, едната кај свиокот пред пристигнување во Бањиче и втората подолу кај џамијата.

Хаг - Европскиот суд на правдата и нареди на Унгарија да плати казна од 200 милиони евра и уште еден милион евра дневно доцнење поради непочитување на правилата за азил на Европската унија.

Во декември 2020 година, судот пресуди дека Унгарија не ја почитувала политиката на Унијата за доделување меѓународна заштита и враќање на илегалните мигранти.

„Судот во својата пресуда смета дека Унгарија не ги презела потребните мерки за усогласување со пресудата од 2020 година“, се наведува во соопштението.

Приштина – Потпретседателот на косовската Влада задолжен за евроинтеграции, Бесник Бислими изјави дека има информации оти во извештајот за Косово на претставникот на Европската унија за надворешни работи и безбедност, Жозеп Борел, се препорачува да се укинат санкциите што пред една година ЕУ ги воведе кон Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

Приштина – Косовскиот премиер Албин Курти оцени дека ослободувањето и пожртвуваноста на многу генерации за независноста на Косово вредеа, затоа што земјата денес е поразвиена од кога било досега, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во воведното обраќање на денешната седница на Владата, Курти истакна дека економијата на Косово продолжува да расте, а државата станува сé понезависна и поразвиена.

- Економијата на нашата земја годинава ќе биде пет и пол пати поголема одошто во 2000 година. По неполни 25 години економијата порасна пет и пол пати. Во споредба со годината кога беше прогласена независноста (2008), бруто домашниот производ ќе биде речиси три пати поголем. Споредено со пред четири години, годинава имаме 50 отсто поголем бруто-домашен производ, рече Курти.

Бислими на денешната седница на Комисијата за евроинтеграции на Собранието на Косово изјави дека „содржината на извештајот е позитивна“.

Отава - Трагачи по потонати пловила на дното на морето кај Канада и Гренланд го пронајдоа бродот што го користел познатиот британско-ирски поларен истражувач Ернест Шеклтон за неговото последно патување.

Станува збор за „Квест“ (потрага), којшто се наоѓа под морето близу брегот на Њуфаундленд во Канада. На Шеклтон му се случил срцев удар додека бил на тој брод и починал на 5 јануари 1922 година, при обид да стигне до Антарктикот. Авантуристот се прославил благодарение на неговите истражувачки патувања до замрзнатиот континент. „Квест“ продолжил да плови до потонувањето во 1962 година, а неговата поврзаност со истражувачот му дава поголемо историско значење.

Тагови

Остани поврзан