• среда, 31 јули 2024
МИА Флеш

  8 август 2024

 

Скопје - Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити изјави дека заминувањето на две делегации од земјава на Самитот на НАТО во Вашингтон предводени од претседателот на Собранието Африм Гаши и премиерот Христијан Мицкоски е поради тоа што двјацата имаат свои агенди на настанот.  

– На ДУИ се’ им смета, веќе не можат да се прилагодат на нова реалност дека се опозиција. Јас ги повикувам да бидат конструктивна опозиција и да се посветат прво на реформа внатре кај нив ако сакаат во иднина да бидат сериозен чинител во политичкото поднебје во Македонија. А тоа што отишле премиерот и претседателот на Собранието, двајцата се клучни политички фигури, пред се, ја претставуваат Северна Македонија за одбележување на НАТО, сигурно не очекува некој да се фатат за рака и да одат таму. Значи, и двајцата имаат свои агенди, заедно се таму, мислам дека вечерва ќе имаат и заеднички настан и заедничка вечера таму. Според агендата некој тргнал порано, некој покасно бидејќи имале активности и тука, вели Меџити на новинарско прашање за реакциите во државава зошто две различни делегации отпатувале во Вашингтон, и зошто немало претставници во нив од Коалицијата Вреди за што беа прозвани од ДУИ. 

Скопје - Недозволената трговија со културни добра е глобален проблем кој бара глобален одговор, но исто така бара и силна меѓународна соработка особено во Западен Балкан каде што културното наследство е богато и разновидно. За оваа Влада и за мене како министер за култура и туризам заштитата и зачувувањето на културните добра на нашата земја е од врвен приоритет. Уверен сум дека заедно можеме да го заштитиме нашето културно наследство и да го зачуваме за идните генерации, истакна министерот за култура и туризам на денешното отворањето на работилницата „Борба против недозволената трговија со културни добра во Западен Балкан“  организирана од Регионалното биро за наука и култура на УНЕСКО во Европа.

Скопје - Министерот за правда Игор Филков денеска остварил средба со Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, Љупчо Коцевски на која се дискутирало за тековните активности на двете институции.

Обвинителот Коцевски, како што соопштија од Министерството за правда, ги презентирал состојбите и предизвиците со кои се соочува Јавното обвинителство, особено во сферата на дигитализацијата, недостигот на човечки ресурси, како од редот на обвинителите, така и стручната служба кои со години стојат непополнети.

Министерот Филков изразил подготвеност во рамките на своите надлежности да даде поддршка на активностите на јавното обвинителство во перидот што претстои со цел унапредување на владеењето на правото во државата. 

Скопје -  На Граничниот премин Табановце времето на чекање за влез и излез од државата е околу 45 мин до еден час. На останатите гранични премини  од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

Како што соопштија од АМСМ, интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. 

Скопје - Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата во соработка со Министерството за внатрешни работи и Факултетот за безбедност – Скопје, во мај 2024 година ја започна кампањата „Носи кацига“.

Оваа кампања, соопштија денеска од РСБСП, се реализира со делење на едукативно-рекламен материјал и едукативно-превентивни активности во повеќе градови.

Гостивар - Досегашниот претседател на Советот на општина Гостивар Ваљбон Лимани е избран за вршител на должноста градоначалник на општина Гостивар. На денешната вонредна седница на Советот, тој го доби мнозинството гласови, а против гласаа осуммина од советничката група на ДУИ. Избран беше нов претседавач и член на Советот.

Лимани важи за близок соработник на претходниот градоначалник Арбен Таравари, кој претходно во изјава посочи дека е можно решение и тој да ја преземе раководната функција.

Кавадарци - Се вади речен нанос од коритото на Луда Мара во Кавадарци, на терен се работници на јавното претпријатие „Комуналец" и механизација со која се отстранува наносот од реката.  

- На лице место се ангажирани неколку лица со два скипа и два камиони кипери. Досега се извадени околу 200 кубни метри песок и се очекува во наредните два дена да се извадат уште толку, појасни за МИА, Гоце Ангеловски, директор на комуналното претпријатие.

Струга - Oколу 130 велосипедисти од цела Македонија учествуваа на првото издание на вело-настанот „Вевчанска Локва- голина" на планината Јабланица, организиран од страна на здружението за планински велосипедизам Рупикапра МТБ Струга и Еко свест-Вевчани. 

Како што информираат денеска организаторите, и на овој настан се докажало дека жените се побројни корисници на велосипеди во споредба со мажите.

Скопје - Отворање канцеларија „Една точка за услуги“ во Аеродром преку која граѓаните ќе можат да вадат и документи од Управата за водење матични книги, беше тема на денешната средба меѓу заменик-градоначалникот на Аеродром Дејан Митески и министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, информираат од Општина Аеродром. 

Берово - Во Берово вечерва ќе се спроведе втората теристичката дезинсекција за уништување на комарци. Со дезинсекцијата, како што информираа од општината, ќе бидат опфатени зелените површини во oпштината, подрачјата по течението на реки и водотеци, подрачјата околу каналниот систем на територијата на Општина Берово, локалитети со застојни водени површини, урбани населби и локалитети предвидени во планот и програмата.

Киев - Најмалку 10 лица загинаа, а 31 се повредени во руските напади врз Кривиј Рих во Украина, со што вкупниот баланс на убиени во масовниот ракетен напад во целата земја се искачи на 20 луѓе.

„Десет лица се убиени, 31 се веќе хоспитализирани – од кои 10 се сериозно повредени. Сите итни, комунални и медицински служби се активирани,“ информираше градоначалникот Александер Вилкул преку социјалните мрежи.

Киев – Претседателот на Украина, Володимир Зеленски изјави дека во денешниот руски напад погодена е детска болница во Киев и оти луѓето се заробени под урнатините.

- Има луѓе под урнатините, а точниот број на жртви сè уште не е познат. Во моментов сите помагаат да се расчистат урнатините – лекарите и обичните луѓе, напиша Зеленски на социјалните мрежи.

Претходно Зеленски изјави дека руските сили денеска лансирале десетици проектили насочени кон неколку украински градови, а главниот град се соочува со редок воздушен напад во текот на денот.

Москва – Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков изјави денеска дека рускиот претседател Владимир Путин не доставил никаква порака преку унгарскиот премиер Виктор Орбан до американскиот претседател Џо Бајден и другите учесници на Самитот на НАТО што неделава ќе се одржи во Вашингтон.

На прашањето дали Путин им пренел порака на Бајден и на другите учесници на Самитот на НАТО преку Орбан, кој ја посети Москва на 5 јули, Песков одговори негативно.

Париз – Премиерот на Франција, Габриел Атал пристигна во Елисејската палата за да поднесе оставка по вчерашните парламентарни избори.

Сè уште не е познато дали претседателот Емануел Макрон ќе ја прифати или одбие оставката на Атал.

Атал најави оставка следејќи ја француската политичка традиција. Тој додаде дека е подготвен да остане на функцијата шеф на преодна влада, но додаде дека одлуката е на претседателот.

Брисел – Европските пратеници од француската партија Национален собир ќе се придружат на групата Патриоти за Европа, со што ултрадесничарската група ќе биде трета во Европскиот парламент, изјавија за Политико неименувани извори.

Со 30 европратеници, делегацијата на екстремно десничарскиот Национален собир ќе биде најголемата во групата Патриоти за Европа, формирана на крајот на јуни, во која членуваат и пратеници од партијата Фидес на унгарскиот премиер Виктор Орбан, двајца европратеници и еден функционер од групата Идентитет и демократија.

Тагови

Остани поврзан