• среда, 31 јули 2024
МИА Флеш

6 јуни 2024

 

Скопје - Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска му го додели мандатот за формирање Влада на претседателот на ВМРО - ДПМНЕ Христијан Мицкоски, чија партија на парламентарните избори што се одржаа на 8 мај освои 58 мандати. Сиљановска Давкова, повикувајќи се на уставните рокови и фактот дека претседателот на Собранието Африм Гаши беше избран со 76 гласови, изрази уверување дека Мицкоски може да формира влада и затоа му го доверува мандатот.  

Скопје - Собранискиот претседател Африм Гаши денеска ја оствари првата средба со амбасадорката на Кралството Шведска, Ами Ларсон Џеин, соопштија од собраниската прес-служба. Гаши изразил благодарност до Шведска за континуираната поддршка на нашата држава за полноправно членство во Европската Унија. Тој укажал дека очекува поддршката да продолжи и понатаму.Во насока на добрата соработка е и ратификувањето на протоколот за пристап на Шведска во НАТО. Во очекување е и формирање на парламентарната група за соработка на нашето Собрание со Шведскиот парламент во новиот парламентарен состав, се истакнува во соопштението.

Скопје - Бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95 од полноќ поевтинува за 2,00 денара и ќе се продава по 80,00 денари за литар, соопшти Регулаторната комисија за енергетика. Цените на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-98, на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V), на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) и на Мазутот М-1 НС не се менуваат.

Скопје - Во Скопје денеска со придружната програма  почнува книжевниот и творечки фестивал за деца и млади „YES фестивал! Млади европски приказни, млади креативци“ кој ќе трае до 15 јуни, а  го организира издавачката куќа „Чудна шума“. Посетителите на фестивалот ги очекуваат многубројни и разновидни креативни работилници со домашни уметници и писатели, како и со гости писатели и илустратори од Словенија и Хрватска, промоции на книги за деца и млади на неколку издавачки куќи, изложба на илустрации од неколку македонски илустратори, саемски дел со изданијата кои ќе бидат промовирани на фестивалот и многу музика.

Вевчани - Општина Вевчани објави јавен повик за формирање иницијативен одбор за конституирање локално собрание за млади со цел да се консултираат младите и да се застапат нивните интереси во креирањето на Локалниот младински совет. Според Јавниот повик, иницијативниот одбор треба да е составен од пет членови, чија функција е да го формираат Локалното собрание за млади. - Улога и задачи на иницијативниот одбор се: поддршка на Општината во креирањето или ревидирањето на актите и одлуките кои го уредуваат формирањето и работата на Локален младински совет, распишување повик за конститутивното локално собрание на млади во согласност со статутот на Општината по принципот на јавност и транспарентност и соработка со Општината при организација и одржување на конститутивното локално собрание за млади, стои во повикот.

Струга - Седумдесет и два фото напонски панели со јачина од по 550 W се поставени на покривот на ЈЗУ Специјализирана болница за нефрологија - Струга во рамки на проектот „Реконструкција на ЈЗУ Нефрологија Струга и креирање на услови за здравствен туризам во ЈЗПР“, што го реализира Центарот за развој на Југозападен плански регион. Покрај соларни панели, како што информира Центарот за развој на Југозападен планси регион, поставен е и инвертер со снага од 40kW. Вредноста на проектот изнесува 1,4 милиони денари. - Со ова активност ќе се овозможи намалување на трошоците за електрична енергија во здравствената институција, а истовремено и намалување на загадувањето на животната средина, посочува Центарот за развој на Југозападен планси плански регион.

Скопје - Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ - Скопје се соочува со енормно зголемено количество градинарски отпад, што се одложува на јавни површини во скопската општина Карпош. Најчесто, во непосредна близина на контејнерите со зафатнина од 1,1 кубен метар и 3,2 кубни метри, што резултира со секојдневно создавање диви депонии, што директно влијаат врз загадувањето на животната околина во општината, се наведува во денешното соопштение на претпријатието. Само во текот на мај, екипите на претпријатието отстраниле вкупно 150 кубни метри отпад од диви депонии на територијата на општина Карпош, составени претежно од градинарски отпад.

Приштина – Косовската полиција објави денеска дека при претресот на имотите на двајцата осомничени за шпиунажа во корист на Србија, кои беа уапсени вчера во градот Урошевац, пронашла, меѓу другото, оружје, муниција, маски и војнички гас-маски, јави дописникот на МИА од Приштина. Уапсените косовски Албанци, Бедри Шабани и Мухарем Ќерими, според извори од косовската полиција, работеле за структури на српската разузнавачка служба внатре во Косово, односно соработувале со Безбедносно-информативната агенција на Србија – БИА.

Белград - Лидерот на опозициската Партија за слобода и правда (ССП), Драган Ѓилас, изјави дека условите за изборите воопшто не се подобрени во однос на декември, а за тоа говори и фактот што во Белград гласаа претседателот на Република Српска Милорад Додик и претседателот на Собранието на Република Српска Ненад Стевандиќ, јави дописникот на МИА од Белград. Тој нагласи дека е докажано оти „опозицијата можеби и може да добие мнозинство гласови, како што беше случајот во Белград на 17 декември или сега во Ниш, но не може да има власт, бидејќи Српската напредна странка (СНС) не ја дава таа власт".

Хелсинки - Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг и финскиот претседател Александар Стуб денеска им соопштија на сојузниците во Алијансата дека Русија во моментов не претставува воена закана за НАТО. За време на заедничката конференција во Хелсинки, меѓутоа, двајцата предупредија дека земјите од НАТО мора да ја зајакнат Украина и нивните воени сили за да ја одвратат евентуалната идна агресија од Москва, јави Њусвик.

Берлин – Германскиот канцелар Олаф Шолц им вети на граѓаните дека ќе направи се што е во негова моќ за да се осигура дека Германија нема да биде вовлечена во руската војна против Украина. Тој ова го кажа во обраќање пред парламентот, неколку дена откако му дозволи на Киев да употреби германско оружје на руска територија, одлука на која Берлин долго се спротивставуваше поради стравувањата дека може да ја вовлече Германија во војната.

Берлин - Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека неговата земја ќе ги заостри  сопствените правила за депортирање, откако серијата напади предизвикаа повици за поцврста позиција кон актуелната миграциска политика, и притоа тој додаде дека величењето на тероризмот во иднина ќе биде доволна причина за враќање на лицата во земјата од која дошле, пренесоа британските медиуми. -Секој што го велича тероризмот е против сите наши вредности и треба да биде депортиран, рече Шолц во својот говор во Долниот дом на германскиот Парламент (Бундестагот) , додавајќи дека Министерството за внатрешни работи ги засилило напорите да ги врати криминалците и опасните мигранти во Авганистан.

Москва - Кремљ денеска предупреди дека обезбедувањето западно оружје за Украина “ за напади на руска територија „не може да остане без последици. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денеска соопшти дека изјавата на рускиот претседател Владимир Путин за можна испорака на руско оружје со висока прецизност во други земји дава дополнителна претстава за неизбежните последици од испораката на такво западно оружје на Украина, пренесоа руските медиуми.

Мадрид - Шпанија ќе побара од Меѓународниот суд на правдата дозвола да се приклучи на тужбата на Јужна Африка, со која се обвинува Израел за геноцид во Газа. -Одлуката ја носиме поради актуелната воена операција во Газа. Сакаме да се врати мирот во Газа и на Блискиот Исток, а за тоа да се случи, сите мораме да го поддржиме судот, изјави денеска шпанскиот министер за надворешни работи Хозе Мануел Албарес.

Газа - Во израелскиот напад врз училиште на Обединетите нации во Нусејрат, во централниот дел на Газа, загинаа меѓу 35 и 45 лица, изјави денеска директорката за комуникации на Агенцијата на ОН за помош и работа за палестинските бегалци (УНРВА), Џулиет Тума, наведувајќи дека се уште не може да ја потврди точната бројка на загинатите во нападот, пренесоа британските медиуми. Хамас претходно соопшти дека во нападот загинале најмалку 27 лица, а неколку десетици се повредени.

Тагови

Остани поврзан