• среда, 25 декември 2024

Летниот туризам на Попова Шапка има голем потенцијал - засега центарот е празен иако е многу поладно од градовите

Летниот туризам на Попова Шапка има голем потенцијал - засега центарот е празен иако е многу поладно од градовите

Тетово, 28 јули 2024 (МИА) - За разлика од зимските месеци, периодов на Попова Шапка има многу малку туристи и посетители, иако таму за десетина степени е поладно отколку во градовите. Угостителите и луѓето кои имаат сместувачки капацитети велат дека има многу работи што може да се прават на Попова Шапка во текот на летото. Според нив, има интерес и доаѓаат гости, но велат дека има можност за уште повеќе посетителите да дојдат.

- Наместо да седат во градот кај што температурите се до 40-тиот степен, тука максималната температура достига до 25 степени. Пријатно место е за релаксација каде што може да си го поминат својот одмор, да направат некој викенд од ден-два или повеќе, да прошетаат. Во овој период во јули-август има многу чај, има боровинки и диви јаготки. Има прекрасни места – водопади на Попова Шапка, планински патеки за шетање. Потоа имаат можност за планинарење, возење велосипеди, јавање на коњи. Летниот туризам на Шапка иако не е многу развиен сè уште луѓе не знаат и не се добро информирани што сè нуди Попова Шапка кај нас во Македонија, истакнува Гале Неделковски.

Угостителот Хашим Хасани вели дека тоа што е посвежо привлекува викенд туристи, оценувајќи дека луѓето повеќе одбираат да бидат на море. Од друга страна атрактивна е Попова Шапка за иселениците и за странците.

- Гости доаѓаат од Чешка, Словачка, Германија, Швајцарија. Тие се најмногу, а нашите иселеници што доаѓаат се од Швајцарија, Германија, Данска. Ние имаме голем потенцијал, за жал малку правиме, малку користиме. Ние сме сами овде, има само два-три хотела. Треба многу повеќе и навистина многу малку се користи, а има голема богатство, изјави Хасани.

Димко Борисов Марковски со сопругата како пензионери летно време  живеат на Попова Шапка во својата викендичка во викенд населбата. Ги затекнавме како собираат шумски плодови заедно со други членови на поширокото семејство - кажаа дека сега е времето за собирање на боровинки.

Димко вели дека на Попова Шапка во лето е доволно да си само присутен, а доколку најдеш време и можности и сила за други активности како планинарење, тоа е плус.

- Првото стапнување на Попова Шапка ми било 67-мата година. Тогаш тука дојдов првпат со скии. Во 1985 направив куќа и Попова Шапка стана неизбежна за мене. Кога ја правев куќата 85-та година имаше само 40 викендички. Сега слушам има негде околу 600. Попова Шапка е импресивна, Попова Шапка само треба да се доживува. Ама времињата се такви па е подложна за деструкција. Значи деструктивните така атакуваат мислејќи дека ќе ја адаптираат природата за себеси, тоа е невозможно – природата е над твоите побарувања и твоите можности, ти си под таа природа. Секој обид да ја трансформираш правиш злосторство. Е сега додека тоа го разберат ние ќе си отидеме, ќе дојдат некои други што ќе прават не знам, нагласува Димко.

На Попова Шапка беше и Лејла од Холандија, со семејството, затоа што сопругот е роден во тетовскиот регион. Доаѓаат секое лето и вели дека природата на Попова Шапка е тоа што ги привлекува.

- Ми се допаѓа многу, времето е многу убаво. Сега кога е многу топло во Тетово многу е поладно да се биде тука, времето е многу убаво, природата е прекрасна. И ни се допаѓа тоа што сме на посета тука. Доаѓаме неколку пати во годината, сме биле и во зима со снег, кога сите скијаат. Сега во лето сме поради тоа што е поладно тука. Подобро е тука горе, отколку долу. Се е во ред мислам, може да се направи нов пат, мислам дека тоа е важно да се направи за тука. Да се направи да доаѓаат повеќе туристи кога има снег. Генерално е многу убаво место, јас не би сменила ништо, додава таа.

Годинава не работеа сместувачките капацитети на државното друштво за стопанисување со Попова Шапка. Минатите години во функција беше и новата шестоседа жичница за панорамско разгледување, но сега не работи. ас/дма/


Фото: МИА 

 

Остани поврзан