Водата во градскиот водовод во Струга чиста, забраната за пиење останува
- Матноста на водата во струшкиот водовод е во границите на нормалата, но, поради зголемување на вредностите на заматеност во изворот „Шум“, забраната за пиење останува, потврди за МИА д-р Лидија Симоноска, специјалист по хигиена и здравствена екологија во Центарот за јавно здравје - Охрид.
Струга, 4 март 2026 (МИА) - Матноста на водата во струшкиот водовод е во границите на нормалата, но, поради зголемување на вредностите на заматеност во изворот „Шум“, забраната за пиење останува, потврди за МИА д-р Лидија Симоноска, специјалист по хигиена и здравствена екологија во Центарот за јавно здравје - Охрид.
Матноста од денешните мостри земани од мерните места низ градот, според анализите на Центарот за јавно здравје - Охрид, покажуваат од 0,10 до 0,13, но вредностите од изворот „Шум“ покажуваат 4,17 матност, што е значително зголемување од последното мерење од вчера кога биле измерени 1,18.
- Вредностите за матноста низ градот се одлични, хлорирана е водата и нема бактерии. Но, во изворот „Шум“, од каде морало да има барем една приклучена пупма за да има притисок во градот, матноста повторно е висока. Бидејќи извор „Шум“ не може да се исклучи целосно, водата од изворите во Белица и Заграчани не е доволна и нема да имаат притисок домаќинствата, забраната останува на сила, појасни Симоноска.

Jавното претпријатие „Водовод и канализација“ од вчера почна со цистерна да носи вода на неколку локации во различни временски интервали. Оттаму најавуваат дека акцијата за снабдување на населението со чиста вода за пиење ќе продолжи и утре. сс/сст/
Фото МИА