Градежни активности во штипската населба Пребег
- Почна уредувањето на нови паркинг места во штипската населба Пребег, а од утре ќе започнат и градежни активности за асфалтирање на две улици, најави на денешната прес-конференција градоначалникот на општина Штип, Иван Јорданов.
Штип, 3 март 2026 (МИА) - Почна уредувањето на нови паркинг места во штипската населба Пребег, а од утре ќе започнат и градежни активности за асфалтирање на две улици, најави на денешната прес-конференција градоначалникот на општина Штип, Иван Јорданов. Тој истакна дека од буџетот на Општината издвоени се над два милиони денари, со цел подобрување на инфраструктурата и во ова населено место.
-Се работи на уредување на паркинг простор во населбата Пребег. Освен нов паркинг простор предвидено е асфалтирање на две улици, а тоа е улица „Славонска Пожега“, на која во текот на утрешниот ден ќе се започне со работа и втората улица е улица „Баница“ - вели Јорданов.
Дополнително се работи на поставување на нова водоводна мрежа со што ќе се реши и проблемот со водоснабдувањето како и слабиот притисок на вода кој беше честа појава во повисоките делови од Штип, вклучувајќи ја и населбата Пребег. Јордабов посочи дека на ваков начин се помага, за да се зголеми бројот на инвестиции и проширување на населбата.
-Следниот период ќе се започне со поставување на нова водоводна мрежа која значително ќе овозможи поголем капацитет за проширување на населбата со нови објекти- вели Јорданов.
Освен денешните започнати активности во населба Пребег, се работи и на паркинг и асфалтирање улици и во населбата Сењак во Штип. вдј/дма/
Фото: МИА