Во тетовско Јегуновце отворена канцеларија за административни услуги „Центар за услуги“
- Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски и градоначалникот на Општина Јегуновце Димитар Костадиновски денеска го означија почетокот на функционирањето на канцеларија за административни услуги „Центар за услуги“.
Тетово, 16 декември 2024 (МИА) - Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски и градоначалникот на Општина Јегуновце Димитар Костадиновски денеска го означија почетокот на функционирањето на канцеларија за административни услуги „Центар за услуги“.
Во оваа канцеларија околу 10 000 жители на Јегуновце и околните места ќе имаат можност да поднесат барања и да подигнат документи кои ги издаваат државните институции.
- Тука ќе бидат достапни услуги од различни институции, преку 300 услуги, како Агенцијата за вработување, МВР, Фондот за здравство, Централниот регистар, Управата за јавни приходи и многу други. Нашата цел не е да отвораме само нови објекти, тука истите да ги доближиме до граѓаните, онаму каде што навистина им требаат и тоа ќе овозможи поедноставен и побрз пристап до сите административни услуги за граѓаните. Идејата е во иднина преку платформата за интероперабилност и дигитализацијата на регистрите, прифаќањето на електронски издадените документи од институциите, граѓаните да можат да завршат сè што им е потребно на едно место, без да трчаат од институција до институција, истакна министерот.
Градоначалникот Костадиновски рече дека децентрализацијата овозможила повеќе подрачни канцеларии да се отворат во нивната локална самоуправа.
- Ова е прва канцеларија „Центар за услуги“ во рурална општина за само пет месеци и втора на ниво на државата. Верувам дека во иднина ќе продолжиме така да сите институциите ги децентрализираме во Јегуновце и општината да ги опслужува граѓаните без разлика да им се потребен документ од централната или локалната власт, истакна Костадиноски.
Според градоначалникот, се намалуваат бирократските процедури и административните трошоци, како и времето поминато за патување до Тетово или пак до Скопје. ас/цр
Фото: МИА