Oпштина Велес распиша јавен повик за субвенционирање на граѓаните за купен сончев термален колектор
- Општина Велес со цел да ги стимулира жителите за помала потпрошувачка на електрична енергија во домаќинствата, на физичките лица од своето подрачје ќе им обезбеди субвенционирање на дел од направените трошоци за купен сончев термален колектор, во периодот од денот на објавувањето на овој јавен повик односно денеска 12 јули, па се’ до 9 август оваа година.
Велес, 12 јули 2024 (МИА) - Општина Велес со цел да ги стимулира жителите за помала потпрошувачка на електрична енергија во домаќинствата, на физичките лица од своето подрачје ќе им обезбеди субвенционирање на дел од направените трошоци за купен сончев термален колектор, во периодот од денот на објавувањето на овој јавен повик односно денеска 12 јули, па се’ до 9 август оваа година.
Како што информираат од Општина Велес, на барателот ќе му се надоместат дел од трошоците направени при набавка на сончев термален колектор во висина од 50 проценти од вредноста на сончевиот колектор, но не повеќе од 20.000,00 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход согласно Одлуката за определување на максимален износ на доделување на поединечна субвенција на физичко лице за купен сончев термален колектор за 2024 година („Службен гласник на Општина Велес“ бр.6/24). Уплатата на персоналниот данок на доход кој се одбива од доделената поединечна субвенција ќе ја изврши Општина Велес.
Право на користење на финансиски средства од буџетот на Општина Велес имаат жителите на Општина Велес кои ќе поднесат барање за надоместување на дел од трошоците за набавка на сончев термален колектор и инсталираат сончев колектор за топла вода во објект за домување (станбен објект).
Јавниот повик е објавен на веб-страницата на Општина Велес (veles.gov.mk).
Изборот по јавниот повик ќе се реализира по принципот „со извлекување по случаен избор – транспарентно“. Право на субвенционирање на дел од средствата за купување на сончев термален колектор имаат физички лица кои се жители на Општина Велес и кои ги исполнуваат условите од точката 3 од овој јавен повик.ад/бт/