• среда, 25 декември 2024

Фетаи: Смртната закана кон мене е одраз на поларизацијата во општеството и не смее да остане неказнета

Фетаи: Смртната закана кон мене е одраз на поларизацијата во општеството и не смее да остане неказнета

Брисел, 8 ноември 2024 (МИА) - Заканата по животот што ја добив на мојот службен мејл е одраз на поларизацијата на нашето општество, бидејќи таа беше упатена по мојата изјава за дефиницијата на албанскиот јазик во Уставот, изјави за МИА вицепремиерот за добро владеење Арбен Фетаи, кој престојува во работна посета на Брисел. 

- За жал, како што информирав синоќа, по мојата изјава за медиумите заедно со европскиот амбасадор Михаилис Рокас, на мојот мејл примив закана со смрт за еден дел од изјавата која се однесуваше на промена на дефиницијата „20 проценти“ за албанскиот јазик во Уставот. Ми се заканија со куршум во главата и примам пораки од типот „Добар Албанец, мртов Албанец“, дека „ќе бидат убиени сите Албанци“ и дека „20 отсто никогаш нема да се укине во Уставот“, истакна Фетаи. 

Тој додаде случајот го пријавил веднаш и му се јавил телефонски на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски со цел МВР да ги преземе неопходните мерки. 

- Ќе побарам и зголемување на безбедноста, што се однесува до моето лично обезбедување од надлежните министерства. За пораката го известив и премиерот и ќе ги преземам сите неопходни мерки, вклучувајќи идентификација на заканувачот и тужба, бидејќи како што знаеме со нашите закони, такви постапки, такви закани, се казнуваат со од шест месеци до пет години затвор, рече вицепремиерот за добро владеење. 

Фетаи порача дека авторот на оваа закана ќе биде идентификуван и ќе добие заслужна казна, согласно законските одредби што се во сила, бидејќи, според него, преку такви закани не смее да се преминува, особено кога, како во овој случај, станува збор закана кон за вицепремиер.  

- Ова го покажува нивото на нашето општество. Кога некој се осмелува директно да му се закани на вицепремиер, можеме да замислиме што може да се случи со функционери на пониско ниво или со обичните граѓани. Затоа, овој кукавички пристап на фрустрирани луѓе со екстремистички тенденции треба да се казни и да се испрати порака дека ваквите работи не се толерираат во рамките на нашето владеење и не смеат да се толерираат од страна на државните органи, додаде Фетаи во изјавата за МИА. сп/са/

Фото: МИА

Остани поврзан