• вторник, 24 декември 2024

Преосветена црквата „Св. Димитриј“ во Крива Паланка 

Преосветена црквата „Св. Димитриј“ во Крива Паланка 

Крива Паланка, 8 ноември 2024 (МИА) - Во Крива Паланка денеска, на патрон празникот на црковниот храм „Св.Димитриј“ , беше извршено преосветување на црквата. Во присуство на голем број верници се одржа света архиерејска литургија со која чиноначалствуваа архиепископ охридски и македонски г.г. Стефан и митрополитот кумановско - осоговски, г. Григориј, во сослужение со свештенослужители од кривопаланечкото архиерејско намесништво.

Црквата „Св.Димитриј" изградена 1833 година, годинава беше обновена од страна на МПЦ, со изградена нова фасада, трем, нова влезна капија, обновена кровна конструкција, извршено е поплочување на дворното место и изградена е нова продавница за сувенири.Обнова е извршена и на внатрешноста на црквата, со освежување на иконостасот и нова декорација на фреските на олтарот што ја изврши кривопаланечката уметница и фрескоживописец, Христина Стојчевска.

Црквата е изградена со големо залагање на градските првенци и самиот ктитор Давид Јереј во 1833 година, а архитект е папрадишкиот мајстор Китан Петров. Внатрешноста на црквата е живописана во 1887 година од живописецот Димитар Андонов Папардишки. Иконостасот е богато украсен со флорални мотиви и пејзажи.

Во 19 век црквата била базата на духовниот живот во градот, а покрај центар на духовноста била центар и на образованието во тоа време.

Во 1998 година монографија посветена на храмот Св.Димитриј напишал познатиот кривопаланечки професор Јордан Михајловски.

Овој храм е тесно поврзан со духовниот живот во Крива Паланка и со манастирот Св Јоаким Осоговски. ид/мч/

Фото Општина Крива Паланка 

 

Остани поврзан