ЈП „Водовод“ преку проект ќе го надогради водоснабдителниот систем во Куманово
- Јавното претпријатие „Водовод“ ќе го надогради водоснабдителниот систем во Куманово, соопштија денеска надлежните од претпријатието. Проектот е поддржан од Европската инвестициона банка и Министерството за животна средина и просторно планирање, предвидени се 1.380.000 евра.
Куманово, 17 декември 2024 (МИА) - Јавното претпријатие „Водовод“ ќе го надогради водоснабдителниот систем во Куманово, соопштија денеска надлежните од претпријатието. Проектот е поддржан од Европската инвестициона банка и Министерството за животна средина и просторно планирање, предвидени се 1.380.000 евра.
- Проектот е одобрен и се очекува во март следната година да биде распишана јавната набавка. Времетраењето на градежните работи и поставување на опремата ќе трае околу девет месеци. Станува збор за проект со кој ќе се намалат трошоци за електрична енергија, ќе се намалат загубите во процесот на производството на вода и самиот процес на производство ќе биде поквалитетен и поватмотизиран, изјави директорот на претпријатието, Оливер Стојмановски.
Претходните години претпријатието набави 10.000 водомери со далечинско отчитување. Во 2021 претпријатието доби и современа опрема за филтер станицата во Куманово, со која се обезбеди современо и поефикасно работење на претпријатието. Дел од опремата беше обезбедена со средства од Министерството за транспорт и врски, а дел е набавена со средства од буџетот на претпријатието. Тогаш беше набавена опрема и современа баждарница за водомерите кои беа поставени во реконструираните постоечки простории на старата фабрика за преработка на вода. Со ова решение, „Водовод“ обезбеди континуирано водоснабдување со потребен притисок на целата фабрика за преработка на вода како и на новата баждарница за водомери. Дел од опремата се однесуваше на хлорната постројка каде во целосно реновираните простории, е инсталирана најсовремена опрема за автоматизирање на процесот на хлорирање со што обезбедува пософистициран, мониториран и побезбеден процес на обработка на суровата вода. ам/са/
Фото: МИА