Форум „Транспортни политики усогласување на моменталната легислатива и практика наспрема критериумите во ЕУ“
Велес, 25 октомври 2024(МИА) - Преговарачкото поглавје 14 кое е на тема Транспортна политика содржи широк обем или делови од економијата кои треба да се приспособат, унапредат односно да ги приближат стандардите на земјава, а кои ги имаат земјите од Европската Унија, беше посочено на дводневниот Форум „Транспортни политики усогласување на моменталната легислатива и практика наспрема критериумите во ЕУ“, што се одржа во Велес.
За моменталните состојби и усогласување на домашната легислатива и практика наспрема критериумите во ЕУ и Преговарачкото поглавје 14 на Форумот за претставниците од невладини здруженија, институции и медиуми од Вардарскиот плански регион, проф д-р Верица Данчевска од УКЛО Битола, информира дека во овој дел, законодавството на ЕУ ги опфаќа секторите патен сообраќај, железницата, внатрешните патишта, комбиниран транспорт, воздушен сообраќај и сателитска навигација.
Како што појасни проф. Данчевска, клучни проекти во нашата држава коишто треба да се направат се автопатско решение и современа железничка инфраструктура во должина на Коридорот 10 познат како север-југ кој започнува од Австрија преку Словенија и Хрватска, Србија, Македонија и стигнува до Солун во Грција кој има четири гранки, а во нашата држава е последната гранка 10-Д од Велес преку Прилеп и Битола до Игуменица преку граничен премин Меџитлија.
-Овие коридори треба да ги следи и современа железничка пруга инфраструктура по којашто ќе се движат современи возови со просечни брзини на патување од 100 до 150 километри на час кои што ќе ги задоволуваат параметрите на квалитетна транспортна услуга како во западно европските земји. Другиот коридор во земјава исток-запад кој почнува од Варна-Бургас преку Софија-Куманово кај Деве Баир и Крива Паланка –Куманово-Скопје-Тетово-Гостивар преку Кичево-Охрид-Струга до граничниот премин Ќафасан поминувајќи низ земјава треба да биде направена една современа железничка инфраструктура што ќе овозможи побрз проток на стоки и услуги, рече проф. Данчевска.
Во моментов во нашата држава автопатско решение е делницата од Коридорот 10 која започнува од граничниот премин Табановце, оди до граничниот премин Богородица со Грција, како единствено комплетно автопатско решение во земјава,
-Додека гранката од Коридорот 10 д Велес-Прилеп-Битола до Меџитлија воопшто не е направена со автопатско решение, сега се избрани проектни активности, избран е изведувач, Бесхтел и Енка, американско-турска корпорација и започнуваат да се превземаат одредени активности на патот во согласност со договорите кои се потпишани со Министерството за транспорт и Владата, појасни проф. Данчевска.
Таа потсети дека Коридорот 8 во моментот е изграден од Куманово преку Скопје-Тетово-Гостивар со автопатско решение меѓутоа од Гостивар преку Кичево-Охрид-Струга се уште не е завршен иако активностите се започнати пред 10- тина години.
Проф. Данчевска оцени дека железничките правци во земјава се на многу слабо ниво, имаме повремени железнички линии каде често има откажувања во возниот ред, имаме малку линии, слаба брзина на движење и патување и мал обем на сообраќај во железницата, иако, потнцираше, железницата е р’бетен столб на секоја современа држава бидејќи имаат повеќе позитивни карактеристики, мали трошоци, помало загадување и поголем обем на принос со помала енергија.
-Тоа значи дека железницата е многу поекономична, а единствен недостаток е нееластичноста на овој вид на превоз, меѓутоа во комбинација со патниот може да биде добро решение до местата каде ќе заврши железницата да се продолжи со претоварање на стоката со камиони,со патниците со автобуси и други превозни средства, посочи проф Данчевска.
Таа порача дека во тој случај во земјава ќе се намали и гужвата на патиштата ќе се намали и загадувањето од патниот сообраќај, ќе се намали бројот на сообраќајни несреќи и ќе се намали времето на патување кои се многу важни параметри кои значат квалутет на транспортната услуга.
Форумот е дел од проект на ЕУ кој се спроведува во сите плански региони во земјава од страна на ЕВРОТИНК Центар за европски стратегии во соработка со АЛДА и БИРЦ.
Виолета Глигороска од Евротинк-Центар за европски стратегии за медиумите информира дека предизвиците по оваа тема е голема со оглед на поглавјето 14 кое е дел од преговарачкиот процес на нашата држава со ЕУ.
-Извештајот за напредокот од последните години двапати нотира дека Македонија сеуште не успеала да го либерализира железничкиот сообраќај, кој е еден од предизвиците ако имаме на ум дека железничкиот сообраќај во земјава е во колапс, а битна ни е Трансверзалата 10 од Србија, преку Македонија кон Грција. Тоа е едниот проблем. Вториот проблем е веќе децениската изградба на превземени и започнати градежни работи на патишта коишто и по цела деценија не се завршени. Ако на тоа додадеме и факт дека 3 километри до еден граничен премин е започнат одамна и нема завршница. Со последниве случувања и изјави на релевантните наши функционери, институции околу патната инфраструктура и транспортната инфраструктурате Трансверзалата 8 и Трансверзалата 10, сметавме дека треба да се актуелизира и ова Поглавје 14 посебно во Вардарскиот регион бидејќи граѓаните мора да ги знаат и мора да ги кажат своите согледувања за тоа какви импликации очекуваат и што треба државата да направи за тие да се подобрат имајќи ги во предвид критериумите кои ги поставува ЕУ, посочи Глигороска. ад/лв/
фото:МИА