• сабота, 23 ноември 2024

Спасувачи волонтери продолжуваат со потрагата по исчезнатото момче на Халкидики

Спасувачи волонтери продолжуваат со потрагата по исчезнатото момче на Халкидики
Атина, 16 јули 2022 (МИА) – Една седмица по исчезнувањето на 31-годишниот македонски државјани во Посиди на Халкидики, спасувачи волонтери од Грција, но и со помош на спасувачи од Северна Македонија, осми ден ја продолжуваат потрагата за пронаоѓање на момчето, јави дописничката на МИА од Атина. Официјалната потрага на Крајбрежната служба на Грција заврши, односно во четвртокот беше последниот ден кога во потрагата учествуваа и официјалните грчки власти, а вчера и денеска, акцијата продолжи од волонтерски спасувачки тимови. Од ОФКАТ, волонтерската спасувачка група која од прв момент е на терен, денеска соопштија дека нивните денешни напори за пронаоѓање на Мартин ќе се прошират и подалеку и во соработка со нивни колеги, спасувачки тимови од Лариса и Волос потрагата ќе стигне и до Лариса и Плио, што е крајбрежниот дел што се наоѓа спротивно од првиот крак на Халкидики и местото каде што исчезна момчето. Во тимот на ОФКАТ ќе се вклучат и волонтери кои пристигнале од Скопје. На Халкидики, заедно со спасувачите е и братот на исчезнатото момче, а вчера потрагата се водеше и од воздух, со помош на авион од солунски аеро-клуб кој го прелетуваше делот околу Катерини и Лариса. Спасувачката акција започна минатата сабота во попладневните часови, кога тројцата државјани на Северна Македонија влегле во морето на плажата Мити во Посиди на првиот крак на Халкидики, а поради лошото време се нашле во беспомошна ситуација и се оддалечиле од брегот. Дел од присутните на плажата забележале дека капачите ги снемало и веднаш ја информирале крајбрежната служба, по што започна и акцијата. Иако вообичаена пракса на грчката крајбрежна служба е потрагата да трае 72 часа, односно три дена по исчезнувањето, овој рок беше продолжен до четвртокот по официјалното барање од македонска страна и телефонскиот разговор меѓу шефовите на двете дипломатии Бујар Османи и Никос Дедниас. Еден од тројцата пријатели, 25-годишниот Васил беше спасен во саботата по поминати околу два часа во вода, додека пак во неделата, по околу 20 часа во морето беше пронајден и 30-годишниот Иван. ср/бк/ Фото: ОФКАТ

Остани поврзан