• петок, 30 август 2024

Со посета на Камерун, Макрон ја започна африканската турнеја

Со посета на Камерун, Макрон ја започна африканската турнеја
Јаунде, 26 јули 2022 (МИА) - Со посета на Камерун, претседателот на Франција Емануел Макрон денеска ја започна турнејата во три африкански држави, која е со цел да се зајакнат политичките врски со континентот и да се помогне во зголемувањето на земјоделското производство поради растечката нестабилност во снабдувањето со храна предизвикана од војната во Украина. Камерун е главен производител на храна во централна Африка и се очекува за време на посетата, делегацијата предводена од Макрон да разгледа инвестициски можности во земјоделскиот сектор. Многу африкански нации се соочуваат со проблеми во снабдувањето со храна и со енергија, поради зависност од руските жито и енергетски извори. Со жито се снабдуваат и од Украина, но поради војната, процесот е во застој. Посетата на Макрон, прва од реизборот во април, се совпаѓа со посетите на африканските држави на шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров и на специјалниот пратеник на САД за Рогот на Африка Мајк Хамер. Утре Макрон ќе биде во посета на Бенин, а в четврток ќе ја посети Гвинеја-Бисао. На дневен ред на разговорите на Макрон со африканските домаќини, се заедничките предизвици како што се борбата против тероризмот и борбата против климатските промени, како и последиците од конфликтот во Украина, како што се растот на инфлацијата и на животните трошоци. Тука е и можната криза поради недостиг од прехранбени производи затоа што има застој во извозот на пченица, јачмен и на сончогледово масло од Украина, со оглед на тоа што земјата и Русија задоволуваат над 40 отсто од африканските потреби за жито. Цел на посетата е и да се зајакне билатералната соработка на Франција со африканските земји, во момент кога руски официјални лица исто така настојуваат да ја добијат нивната поддршка. Макрон се надева и дека ќе успее да ги иницира плановите за зголемување на инвестициите на Европската Унија во африканските инфраструктура и земјоделство, најавени на февруарскиот самит ЕУ - Африка. бд/ссм/

Остани поврзан