• среда, 25 декември 2024

Тајани: Италија е со Украина, но не е во војна со Русија

Тајани: Италија е со Украина, но не е во војна со Русија

Рим, 30 август 2024 (МИА) - Потпретседателот на италијанската Влада и министер за надворешни работи Антонио Тајани денеска изјави дека Италија е „со Украина без никакви услови“, но дека „не е во војна со Русија“.

- Дадовме воена, политичка и хуманитарна помош, со девет пакети мерки. Ќе бидеме домаќини на конференција за реконструкција во јуни 2025 година, ќе работиме на мировна конференција. Но, ние не сме во војна со Русија. Какво овластување би требало да дадеме за да се бомбардира Москва? Каде е границата? Мораме да бидеме сериозни, избегнувајќи каква било можност за ескалација. Тоа го правиме од првиот ден, изјави Тајани во интервју за „Кориере дела Сера“.

Во однос на изјавата на високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел, дека Украина била нападната од руската територија и според меѓународното право може да одговори со напад на местата од каде што е нападната, Тајани изјави дека Борел зборува во свое лично име, а не во име на земјите членки кои имаат различни законодавства.

- Во секој случај, во својата улога како висок претставник, тој е на заминување, додаде Тајани.ссм/

фото: архива

Остани поврзан