• недела, 17 ноември 2024

Словенија и Турција потпишаа договор за стратешко партнерство

Словенија и Турција потпишаа договор за стратешко партнерство

Љубљана, 30. август 2024 (МИА) - Министерката за надворешни работи на Словенија, Тања Фајон, денеска во Љубљана потпиша договор за стратешко партнерство со својот турски колега, Хакан Фидан.

Како што пренесува агенцијата СТА, тие разговарале за актуелните глобални прашања и се согласиле дека нивните две земји ќе продолжат да работат на постигнување на мир на Блискиот Исток.

Фидан се состанал и со словенечкиот премиер Роберт Голоб.

На прес-конференција по средбата со Фајон, Фидан изјави дека Израел „за жал, своите варварства од Газа ги пренесе и на Западниот Брег".

Тој вели дека Израел спроведува окупација, угнетување, суровост и масакар на тоа подрачје, и повика „меѓународната заедница да ги запре израелските злосторства на палестинските територии“.

- Од 7. октомври во Газа се спроведува геноцид, а Израел ги погази сите човечки вредности бомбардирајќи болници, џамии, училишта и цркви, порача турскиот министер.

Тој истакна дека Израел се обидува да го прошири конфликтот на различни фронтови и дека напнатоста во регионот е на највисоко ниво.

- Владата на (израелскиот премиер Бенјамин) Нетанјаху продолжува да се игра со огнот. Тој го ризикува идниот развој на целиот регион само за да ја заштити својата позиција. Криви се сите кои молчат за Газа, особено оние кои безусловно го поддржуваат Израел. Израелската варварска политика мора да запре веднаш, додаде Фидан. ссм/

фото: принтскрин

Остани поврзан