Софија со неколку барања до Скопје за тргање на ветото за ЕУ
- Бугарија беше принудена, како што е наведено во позицијата на бугарското МНР, да ја одложи поддршката за почеток на преговорите за членство на Република Северна Македонија во ЕУ на состанокот
Софија, 25 јуни 2021 (МИА) - Бугарија беше принудена, како што е наведено во позицијата на бугарското МНР, да ја одложи поддршката за почеток на преговорите за членство на Република Северна Македонија во ЕУ на состанокот на Советот за општи работи што се одржа на 22 јуни 2021 година.
Позицијата на Бугарија за европската перспектива на нејзиниот близок сосед, Република Северна Македонија, е конзистентна и јасна. Таа е во согласност со нашето убедување, дека политиката на проширување на ЕУ треба да се заснова на исполнување на Копенхашките критериуми за членство во Унијата и принципот на заслуга. Позицијата на Бугарија покажува дека таа инсистира на неповратност во целосната и ефективна имплементација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка од 2017 година.
Според бугарското МНР, Скопје треба во најбрз можен рок да потврди пред ООН, во согласност со член 11, став 3 од Договорот за соседство, дека краткото и долгото име на земјата се однесуваат само на политичкиот субјект „Република Северна Македонија“, а не на географскиот регион „Северна Македонија“, дел од кој се наоѓа и во рамките на суверените граници на Бугарија.
По испраќањето на оваа вербална белешка, Бугарија веднаш ќе престане да инсистира на единствена употреба само на долгото име „Република Северна Македонија“ во ЕУ и меѓународните организации.
Софија, инсистира на тоа Република Северна Македонија, конечно да ги повлече своите малцински претензии против Бугарија, потврдувајќи дека нема историски, етнички или други основи за барање статус на малцинство за која било група на луѓе, кои не се нејзини државјани, на територијата на Република Бугарија. Ова би било во согласност со клаузулата за немешање во внатрешните работи на Бугарија, утврдена во член 11 став 5 од Договорот од 2017 година.
Република Северна Македонија мора да започне процес на рехабилитација на жртвите на југословенскиот комунизам, репресирани на нејзината територија, поради нивната бугарска самосвест. Овој историски гест од страна на Република Северна Македонија, во пракса би го одразувал заедничкиот европски цивилизациски избор на земјата, се вели во документот.
Република Северна Македонија мора да ја прилагоди со Бугарија содржината на нејзините наставни програми со цел објективно да ја рефлектира нашата заедничка историја, зацртана како централен елемент на Договорот за соседство, како и со цел да се елиминира образовната содржина што предизвикува омраза кон Бугарија (член 11 став 6). Документот, исто така, предлага идентификување заедно со Бугарија и отстранување на знаци и натписи на територијата на Република Северна Македонија, кои шират омраза кон Бугарија и Бугарите.
Министерот за надворешни работи на Бугарија Светлан Стоев, денеска испратил писмо до својот колега министерот Бујар Османи, во кое изразува очекување за спроведување на преземените обврски од Република Северна Македонија, како и подготвеност на бугарската страна да најде трајни и одржливи решенија. Без оглед на предизвиците, Република Бугарија и Република Северна Македонија треба да развиваат целосни, искрени, предвидливи и засновани на Договорот за соседство, односи во сите области. Нашата земја обезбеди безброј докази за својата подготвеност за ова. Бугарската страна изразува подготвеност за конструктивен дијалог и за време на претстојното словенечко претседателство, како и за време на следните претседателства на Советот на ЕУ, со цел да се постигнат реални и одржливи резултати во процесот на проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан, што несомнено би било од полза за целиот регион и неговата европска иднина. нк/