• вторник, 12 ноември 2024

Се одржа 12. детска поетска манифестација „Пишуваме и твориме на српски јазик“

Се одржа 12. детска поетска манифестација „Пишуваме и твориме на српски јазик“

Тетово, 29 октомври 2024 (МИА) - Здружението на Срби и Македонци „Бранко Чајка“ од Тетово беше домаќин на 12. детска поетска манифестација „Пишемо и стварамо на српском језику“ („Пишуваме и твориме на српски јазик“). Манифестацијата изминативе неколку дена се одржуваше во Духовно-културниот центар  „Кирил Пејчиновиќ“ во рамки на манастирскиот комплекс на црквата „св. Атанасиј“ во село Лешок.

-Главна цел на проектот е поттикнување на творештвото и презентација на културното наследство на припадниците на српскиот народ во Република Северна Македонија и чување на нивниот културен идентитет, особено кај децата и младите.  Манифестацијата ги собра учениците од основните училишта кои наставата  ја следат на српски јазик, како и деца кои имаат српско потекло, а се од други основни училишта во Македонија: Табановце, Старо Нагоричане, Јосифово, Сандево, Скопје и Тетово, информираше Соња Андонов, претседателка на Здружението.

Оваа година на манифестацијата гостуваше и поетот за деца од Србија, Власта Цениќ.

-Целта е на учесниците да им се овозможи средба со поет од Србија, а воедно и да се промовира српското творештво за деца. На главниот дел на програмата учествуваа учениците со свои творби кои оваа година се пишувани на тема „И ја имам машту“. На манифестацијата се одбележуваат одредени јубилеи на српските поети. На овогодишното издание со пригодна програма членовите на секцијата за литература при Здружението означија 25 години од смртта на Драгомир Ѓорѓевиќ (1953-1999)  и пет години од смртта на Добрица Ериќ (1936-2019). Свои сеќавања за нив пред присутните сподели и поетот Власта Цениќ кој лично ги познавал и соработувал, информираше Соња Андонов.

Проектот „Пишемо и стварамо на српском језику“ („Пишуваме и твориме на српски јазик“) е поддржан од Министерството за култура на Република Србија. ас/мд/

фото: Здружение „Бранко Чајка“ 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан