• вторник, 12 ноември 2024

Седница на Генералното собрание на ЗЕЛС, во фокусот меморандумот за соработка со Владата и блок дотациите за основното образование.

Седница на Генералното собрание на ЗЕЛС, во фокусот меморандумот за соработка со Владата и блок дотациите за основното образование.

Скопје, 4 декември 2023 (МИА) - Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) денеска ја одржува петтата седница на Генералното собрание, што е највисоко тело на заедницата. Во фокусот на седницата се потпишувањето меморандум за соработка со Владата и новата формула за распределба на блок дотациите за основно образование утврдена од страна на Министерството за образование и наука.

Претседателот на ЗЕЛС Орце Ѓорѓиевски, изјави дека анализите на УНИЦЕФ ги потврдиле долгогодишните барања на ЗЕЛС дека блок дотацијата за оваа намена е недоволна и дека е потребно зголемување од најмалку 30 проценти.

-ЗЕЛС бараше блок дотацијата да се пресметува со однапред утврдена сума на трошоците по ученик, а тоа го предвидува и новиот предлог. Формулата требаше да се примени од наредната 2024 година, но поради недостаток на финансиски средства централната власт ја одложи нејзината примена и повторно ни ги префрли обврските без соодветно финансирање на општините, рече Ѓорѓиевски.

Претседателот на Синдикатот за образование наука и култура, Јаким Неделков, кој исто така присуствуваше на седницата, се надоврза на блок дотациите за образование и рече дека со оглед на тоа што во 2024 година планирано е буџетите за финансирање на локалните самоуправи да се намалат, тоа значи дека дејноста детска заштита и образование, нивните буџети значајно ќе се намалат по основа на Колективниот договор.

-Од таа причина и ние мораме да изнајдеме заемни прифатливи решенија на ниво на ЗЕЛС и СОНК со коишто ќе се надминат отворените прашања. Се разбира тука не смееме да ја заборавиме и централната власт, буџетирањето од централната власт којшто се чини дека неизбежно ќе мора да има корекции во формулата за финансирање и потребните средства коишто треба да се сервисираат, локалната власт кон корисниците, а тоа се училиштата и градинките како и другите установи коишто с ена локално ниво да се финансираат и да овие институции функционираат без никакви посериозни проблеми, рече Неделков. 

На седницата на генералното собрание на ЗЕЛС, како што посочи Ѓорѓиевски, ќе се зборува и за предизвиците со финансирањето на противпожарните единици, каде што, како што рече, општините кои имаат противпожарни единици одвојуваат повеќе средства од сопствениот буџет отколку што изнесува висината на наменската дотација што ја добиваат од страна на државата.

-Најголемиот број општини не го исполнуваат законски утврдениот број на пожарникари, а опремата е стара и несоодветна за обезбедување на квалитетна услуга. По доставувањето на иницијативата од ЗЕЛС до Парламентот и разговорите со министерот за финансии успеавме во ребалансот на буџетот на обезбедиме дополнителни 60 милиони денари со наменски дотации за оваа надлежност, а добивме и ветувања дека ќе се обезбедат согласности за дополнителни вработувања на пожарникарите, изјави претседателот на ЗЕЛС.

Освен тоа, тој најави дека ќе се говори и за барањата на ЗЕЛС за обезбедување на комунална полиција.

И во однос на прашањето околу имотните даноци, претседателот на ЗЕЛС рече дека и тука имаат затворена врата затоа што за услугата во која што ќе треба да се ажурира системот и тие податоци да ги прибави општината од Катастарот се бара да се одвојат огромна сума на пари што е дополнително отежнување на процесот на општините.

Тој како пример го спомна Централниот регистар, кој бесплатно ги добива податоците од Катастарот, додека на општините се наплатува, што според него, не е фер и не е коректно.

-Имаме низа дописи исто испратено и до Владата и до институцијата државна Катастар каде што го посочувам и примерот како институцијата Централен регистар и останатите коишто ги добиваат услугите бесплатно, бараме истото да се обезбеди за општините, затоа што на крајот на денот сите ние партиципираме во државните буџети, во касите на државата. Од тие државни буџети и каси се финансира институцијата Катастар и логички е да ги добиваме тие податоци како општини бесплатно, посочи Ѓорѓиевски.

Според потпретседателот на ЗЕЛС, Висар Ганиу, децентрализацијата е проблем во себе бидејќи, како што рече, навистина во тој контекст немаме чекори што би ги опишувале како позитивни.

-Првата врата на граѓаните се општините, ние треба да бидеме нивен сервис, но од многуте барања што се упатуваат кон нас ние не можеме да ги решаваме поради тоа што немаме ингеренции и затоа не сме експедитивни во тој контекст и затоа многу предмети и многу барања секогаш завршуваат по лавиринти, нагласи Ганиу.

Тој исто така направи споредба со Косово, која како многу помлада држава е многу по унапредена од овој аспект и оди со доста забрзани чекори за разлика од нашата земја.

Пред започнувањето на седницата, сите членови застанаа на минута молк во знак на почит за трагичната смрт на младата Вања Ѓорчевска. сх/цр

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан