Расчистени одроните од камен, земја и дрва од новиот пат за село Скудриње
- Со ангажирање на соодветна механизација, од страна на локалната власт, успешно се отстранети одроните од земја, камен и дрва на новиот локален пат за Скудриње, едно од најголемите долнорекански села, со што обезбеден е нормален проток по овој пат.
Дебар, 8 февруари 2026 (МИА) – Со ангажирање на соодветна механизација, од страна на локалната власт, успешно се отстранети одроните од земја, камен и дрва на новиот локален пат за Скудриње, едно од најголемите долнорекански села, со што обезбеден е нормален проток по овој пат.
Како што информираа од Општина Маврово и Ростуше, одроните се последица на ерозијата, предизвикана од дождовите, но пред сè „неизградбата на потпорни ѕидови над коловозот“.
-За жал, новиот пат за Скудриње цели 8 години беше жртва на институционално слепило. И покрај бројните стручни укажувања дека се неопходни потпорни ѕидови, заштитни браници и мрежи за да се спречи ерозијата и да се заштити асфалтот, досега не беше преземено ништо. Патот беше оставен сам на себе, што доведе до негово сериозно оштетување и опасност за возачите, нагласуваат од општината.

Непосредно, активностите ги следел градоначалникот на Општина Маврово и Ростуше, Онер Јакупоски, според кого локалната власт го менува овој пристап.
-Општина Маврово и Ростуше го менува овој пристап. Внимателно ја следиме состојбата и работиме на планови со кои овој пат ќе ја добие потребната заштита која со години му беше ускратувана. Безбедноста на нашите граѓани е приоритет што не трпи одложување. Продолжување со работа на терен, со цел безбедна и поврзана општина, изјавил Јакупоски.
Вчера, со општински екипи и сопствена механизација целосно беше отстранет одронот од земја и камења од локалниот пат, кој води кон село Видуше. вт/дма/
Фото: Општина Маврово и Ростуше