Изложба „Помеѓу сенката и силата“ од Марина Арсовска поставена во Делчево
- Со оваа изложба, Јавната локална библиотека „Илинден“ – Делчево продолжува да ја негува културата и уметноста, создавајќи простор за промоција на современи автори и нивното творештво.
Делчево, 11 февруари 2026 (МИА) - Во просториите на Јавната локална библиотека „Илинден“ во Делчево од денеска е поставена изложбата „Помеѓу сенката и силата“ од авторката Марина Арсовска од Кочани. Изложбата претставува уметнички израз преку кој авторката ја истражува човечката емоција, внатрешната борба и силата што се раѓа токму во најтивките и најсенковитите моменти од животот.
Преку своите дела, како што истакна Билјана Петровска, директорка на библиотеката, Арсовска испраќа силна порака за издржливоста на духот, личниот раст и светлината што секогаш постои, дури и кога се наоѓаме во сенка.
-Марина Арсовска е уметник кој преку својата креативност создава творби исполнети со симболика, длабочина и искрена емоција, оставајќи простор секој посетител да пронајде сопствено значење и лична приказна во изложените дела. Со оваа изложба, ЈЛБ „Илинден“ – Делчево продолжува да ја негува културата и уметноста, создавајќи простор за промоција на современи автори и нивното творештво, истакна Петровска.
Изложбата претходно беше поставена во библиотеката во Кочани, потоа во библиотеката во Пехчево и е заедничка активност на трите библиотеки.
Авторката упати покана до делчевчани да ја посетат изложбата која ќе биде поставена во читалната на библиотеката во наредните 10 дена.
-Јас сум аматер уметник, а оваа изложба содржи одколу дваесетина цртежи „црно на бело“. Покана до сите љубители на уметноста од Делчево да ја посетат, истакна Арсовска.
Од делчевската библиотека упатија покана до сите љубители на уметноста да ја посетат изложбата и да доживеат едно поинакво, инспиративно и уметничко патување. вс/лв/
Фото: МИА
