Премиерот Рама на претседателот Бегај му ги достави предлозите за промени во владата
- Албанскиот премиер Еди Рама, на денешната средба со шефот на државата Бајрам Бегај, му ги врачи предлозите за промените во владиниот кабинет, за кои Бегај има рок од седум дена да потпише укази, посебно, за секој предлог, за разрешувањето и именувањето
Тирана, 2 март 2026 (МИА) – Албанскиот премиер Еди Рама, на денешната средба со шефот на државата Бајрам Бегај, му ги врачи предлозите за промените во владиниот кабинет, за кои Бегај има рок од седум дена да потпише укази, посебно, за секој предлог, за разрешувањето и именувањето.
Во четврток, Рама ја соопшти првата реконструкција, откако владата „Рама 4“ беше избрана во септември минатата година, по мајските избори. Со истата досегашното вицепремиерско место и министер за инфраструктура и енергетика ќе биде одвоено.
За нов вицепремиер предлогот е Албана Кочиу, актуелна министерка за внатрешни работи, додека ресорот министер за инфраструктура и енергетика и го доверува на Енеа Каракачи, актуелен администратор на Електродистрибуција.
Прв полицаец ќе биде Бесфорт Љамалари, актуелен министер за правда, кој беше заменик министер за внатрешни работи во претходната влада. На местото на Ламалари ќе биде Тони Гогу, кој моментно е министер за односи со Парламентот, а на негово место доаѓа Ерјона Исмаили, пратеничка од Валона.
Ферит Хоџа, дипломат од кариера, поранешен амбасадор во ОН и моментално шеф на мисијата на Албанија во ЕУ, ќе биде министер за надворешни работи, на местото на Елиса Спиропали.
Министерството за одбрана го напушта Пиро Венгу, а на негово место доаѓа Ермал Нуфи, кој досега ја извршуваше функцијата генерален секретар во кабинетот на Белинда Балуку, како вицепремиер.
Со реконструкцијата не се опфатени девет министерски ресори. По потпишувањето на уредбите, предлозите одат на гласање во парламентот, што ќе биде само формално, имајќи го предвид бројот на пратеници на владејачкото мнозинство. вт/ми/
Фото: Кабинет на Бегај