• четврток, 05 март 2026

„Њујорк тајмс“: Ирански разузнавачи тајно ја контактирале ЦИА

„Њујорк тајмс“: Ирански разузнавачи тајно ја контактирале ЦИА

Вашингтон, 4 март 2026 (МИА) – „Њујорк тајмс“ повикувајќи се на неименувани извори објави дека претставници на иранското Министерство за разузнавачки служби тајно контактирале со американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА).

Весникот наведува дека иранските разузнавачи, еден ден по американско-израелскиот напад врз Иран, преку разузнавачки агенции на трета земја, понудиле разговори за условите за прекин на судирите.

Понудата, опишана за „Њујорк тајмс“ од страна на претставници од Блискиот Исток и Западот, иницира клучни прашања за тоа дали иранските претставници можат воопшто да спроведат потенцијален договор за прекин на огнот додека владата во Техеран е во хаос, а израелските напади методично ги елиминираат нејзините лидери.

Белата куќа, ЦИА и иранските претставници не ги коментираа наводите на „Њујорк тајмс“.

Додека Израел, кој се залага за повеќедневна кампања со цел да им се нанесе максимална штета на иранските воени капацитети и потенцијално да се собори иранскиот режим, ги повика САД да ја игнорираат иранската понуда.

Според претставници на американската администрација, секој можен договор за запирање на бомбардирањата би морал да вклучува обврска од страна на Техеран да се откаже или значително да ги ограничи своите балистички ракети и нуклеарна програма, како и поддршка за сојузничките групи во регионот, како што е Хезболах. ми/рп/

фото: МИА архива

Остани поврзан