• вторник, 17 декември 2024

По излевањето на улицата „Никола Парапунов“, на 21 декември ќе биде сопрена водата за санирање на дефектот

По излевањето на улицата „Никола Парапунов“, на 21 декември ќе биде сопрена водата за санирање на дефектот

Скопје, 15 декември 2024 (МИА) - По излевањето на улицата „Никола Парапунов“ во Општина Карпош, денеска ЈП „Водовод и канализација“ - Скопје соопшти дека почетокот за реализација на оперативниот план и затварање на вода во главниот градски цевковод Ф-1600 е планирано да почне од 21 декември 2024 година, а ќе трае до завршување на интервенцијата. 

Од „Водовод и канализација“ информираат дека со изготвување на сложен оперативен план за санација, опфатена е покрај оваа локација и санација на уште три дефекти на затварачи по должината на главниот цевковод Ф-1600 милиметри и тоа на потегот од кружниот тек во Ѓорче Петров до крстосницата на булевар „Партизански одреди“ со улица „Никола Парапунов“.

- Затварањето ќе биде извршено на затварач Ф-1600, кој локациски се наоѓа во кругот на касарната во Ѓорче Петров, со што во моментот на отпочнување со санација неопходно е затварање на вода на главниот градски цевковод Ф-1600 милиметри. Затварање на вода на главниот градски вод Ф-1600 милиметри се прави еднаш на педесет години, а последно такво затварање било 1991/1992 година за реализација на водоводен приклучок на бунарското подрачје Лепенец. За решавање на дефект од овој тип се изготви оперативен план со кој поефикасно и побрзо ќе се санира. Со овој зафат покрај тоа што се врши санација на дефектите на претходно споменатите затворачи, дирекно ќе се намали загубата на вода од нивно протекување и ќе овозможи ревитализација на потегот од Ѓорче Петров до Карпош, се вели во соопштението.

Потенцираат дека системска промена на пет децении стари затварачи и рехабилитација на хидротехничката опрема е потребна со цел зголемување на трајноста на водоводната мрежа и подобрување на нивото на притисок во водоводната мрежа.

- Со воспоставувње на зони како адекватен метод за контрола на загубите на вода се овозможуваат услови за значително редуцирање на времето потребно за санација на дефекти, а овој зафат е дел од фундаменталната стратегија во намалување на загубата на вода во водоводниот систем, се наведува во соопштението од ЈП „Водовод и канализација“ - Скопје. мд/са/

Фото: МИА архива 

 

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан