Рокас: Постои огромен моментум во однос на проширувањето што треба да се искористи
- Постои огромен моментум во однос на проширувањето кое е приоритет на ЕУ, и кој што треба да се искористи. Да ги почекаме резултатите од самитот ЕУ-Западен Балкан, изјави денеска амбасадорот на Европската Унија во Северна Македонија, Михалис Рокас на новинарско прашање за очекувањата од дипломатските активности на Владата во Брисел во однос на деблокада на евроинтеграцијата на земјава на самитот најавен за утре.
Скопје, 17 декември 2024 (МИА) - Постои огромен моментум во однос на проширувањето кое е приоритет на ЕУ, и кој што треба да се искористи. Да ги почекаме резултатите од самитот ЕУ-Западен Балкан, изјави денеска амбасадорот на Европската Унија во Северна Македонија, Михалис Рокас на новинарско прашање за очекувањата од дипломатските активности на Владата во Брисел во однос на деблокада на евроинтеграцијата на земјава на самитот најавен за утре.
-Како што знаете, ќе се одржи многу важен самит помеѓу ЕУ и земјите од Западен Балкан, меѓутоа истовремено има и бројни активности, т.е. билатерални средби кои се одржуваат во самиот момент. Мислам дека треба сите да почекаме да ги видиме кои се резултатите од овој важен самит. Навистина се надеваме, имајќи ја предвид многу јасната порака која Европската унија постојано ја потенцира дека процесот на проширување останува приоритет за ЕУ. Мислам дека од многу челници на ЕУ на неколку наврати веќе се повторува, така што да дозволиме на самиот напредок да се случува на многу забрзан начин се со цел да се забрза евроинтегративниот пат на Република Северна Македонија кон ЕУ, вели Рокас на новинарско прашање по акцијата за засадување дрвца кај новиот Мега Парк во општина Карпош.
Според него, она што во моментов е потребно е напорна и посветена работа од сите во земјава на Реформската агенда усвоена од Владата.
-Во земјава сум присутен 3,5 месеци. Тоа што е најважно сега е да се подвлече е дека постои огромен моментум и огромна можност која што треба да се искористи. Имаме фантастична агенда како што е Планот за раст на ЕУ, исто така и Реформската агенда која што беше усвоена од страна на Владата на РСМ. Наместо да даваме коментари мислам дека во овој момент треба сите во оваа земја во нивниот мајнсет сите да се ориенитираат на тоа напорно да работиме рака под рака со сите министерства вклучително и со МЕП, се со цел да можат да се имплементираат сите бенчмаркови кои што беа одредени од самата Влада, присутни во реформската агенда. Од дрга страна јас можам само да ја повторам уште еднаш посветеноста на Делегацијата на ЕУ во земјата, како и на претставниците на земјите членки на ЕУ во самата земја, за да може реформската агенда да биде успешна приказна за чија што реализација очекуваме да се заврши во наредната година, вели Рокас кој денеска учествуваше во акцијата за засадување дрвца кај новиот Мега Парк во општина Карпош.
Утрешниот Самит ЕУ-Западен Балкан нема да биде посветен на проширувањето на Унијата, туку на теми поврзани со Планот за раст на регионот, усогласеноста на западнобалканските партнери со заедничката надворешна и безбедносна политика, влијанието на руската инвазија врз Украина на нивните економии и со справувањето со миграцијата, па на собирот нема да стане збор прашања поврзани со преговарачкиот процес, како што се измените на Уставот на Северна Македонија, наведуваат извори од Европскиот совет.
Ова прашање, сепак, би можело да биде покренато во рамки на расправата на Самитот посветена на помирувањето, иако таа дебата, според нив, не би требало да се поврзува со преговарачкиот процес.
Истите извори посочуваат и дека Северна Македонија, како и останатите земји кандидати за членство, треба да работи на исполнување на критериумите утврдени со Преговарачката рамка, меѓу кои се и уставните измени.
- Се надеваме дека тие ќе бидат спроведени што е можно поскоро и преговарачкиот процес ќе продолжи успешно, додаваат тие, јави дописникот на МИА од Брисел. вг/са/
Фото: МИА