Подготвен прирачник за вработување на лица со аутизам
- Прирачник за поддршка на работодавачи при вработување на лица со аутизам е изработен во рамки на Еразмус + проектот: „Labor Inclusion for People with Autism“ („LIPS“), информираа денеска од Здружението за унапредување на квалитетот на живот на лицата со нарушувања од спектарот на аутизам „Сина светулка“.
Куманово, 3 октомври 2023 (МИА) - Прирачник за поддршка на работодавачи при вработување на лица со аутизам е изработен во рамки на Еразмус + проектот: „Labor Inclusion for People with Autism“ („LIPS“), информираа денеска од Здружението за унапредување на квалитетот на живот на лицата со нарушувања од спектарот на аутизам „Сина светулка“.
Специјалните едукатори и рехабилитатори од државата кои со нивните колеги од неколку европски држави го изработија прирачникот велат дека дава сеопфатна слика за создавање на ресурси за поддршка на работодавачите кои сакаат да го негуваат невродиверзитетот во нивните компании, а лицата со аутизам да ги искористат своите капацитети, потенцијали и таленти за поголема продуктивност во работата.
- За потребите при изработка на прирачникот во април, годинава анкетирани над 250 бизнис компании на подрачјето на Северна Македонија кои ги наведоа проблемите и пречките со кои се соочуваат при вработување на лица со каков било степен на попреченост, почнувајќи од: недостаток на обуки со кои би добиле релевантни информации како да вработат такво лице, кои се предностите од вработување на лице со аутизам, како да ја оспособат средината во однос на потребите на овие лица, немање доволно обуки за бизнис секторот да обрне внимание за лицата кои имаат аутизам, но немаат тешкотии при учење и слично, изјави м-р Анита Младеновска, специјален едукатор и рехабилитатор.
Како што појаснува Младеновска, по добиените податоци, партнерите од проектот од: Шпанија, Словенија, Полска и од државата го подготвиле прирачникот кој содржи над 40 страници практични и прецизни совети за работодавачите, надминување на стигмата за аутизмот, карактеристиките на состојбата, потребата и важноста од вработување на аутистично лице, споделување практики од поразвиените европски земји, какво е вработувањето во мала, средна, голема компанија, како и кои се најважните совети за успех и како да се надминат опасностите при вработување на лица од спектарот на аутизмот.
Прирачникот е изработен во септември годинава и е достапен на македонски јазик, со што работодавачите добиваат поконкретна слика како да креираат соодветни услови за работа за лицата со нарушување од спектарот на аутизмот.
-Во прирачникот не станува збор за воведување на нови работни места, туку структурирање и подобро функционирање на работното место со: воведување точен план на активности, задачи и ред. Однапред подготвените протоколи и услови обезбедуваат повисока продуктивност во работата и намалување на можноста за заситување и професионално согорување, вели д-р Јасмина Трошанска, специјален едукатор и рехабилитатор.
Прирачникот е достапен во електронска форма на македонски јазик на страницата на Здружението за унапредување на квалитетот на живот на лицата со нарушувања од спектарот на аутизам „Сина светулка“. ам/мд/
Фото: „Сина светулка“