• петок, 08 ноември 2024

Планинари изодија 42 километра од Бошавска трансверзала во чест на Илинден

Планинари изодија 42 километра од Бошавска трансверзала во чест на Илинден

Кавадарци, 30 јули 2023 (МИА) - Повеќемина планинари вчера изодија 42 километри од Бошавска трансверзала, во чест на празникот Илинден. Ним им се приклучија и неколкумина велосипедисти. Планинарот Дарко Најдов, организатор на акцијата, денеска информираше дека целта е промоција на здравиот начин на живот, алтернативниот туризам и убавините на Бошавијата, во пазувите на Кожуф планина.

Тој нагласи дека со старт од детското одмаралиште Михајлово и финиш во село Горна Бошава, Бошавската трансверзала се вбројува во една од најдолгите планинарски тури што се организираат во државата.

- Илинден е голем македонски празник, кога се потсетуваме на историското Илинденско востание. Истовремено, на верскиот празник Свети Илија е селска слава во кавадаречките села Горна и Долна Бошава. Сакајќи да го одбележиме значењето на Илинден во свеста на нашиот народ, по вторпат беше изодена оваа трансверзала, настан за кој се надеваме дека ќе стане традиција. Ги искачивме врвовите на Кожуф, Дудица, Порта и Греда, во срцето на планината. Падините, реките, шумите и чистиот планински воздух измешан со континентална и медитеранска клима, никого не оставаат рамнодушен. Затоа е убаво да се доживее природата во овој еколошки крај, нагласи Најдов за МИА. 

Тој додаде дека радува на фактот што расте бројот на лицата кои сакаат да престојуваат во природа, а зголемен е интересот кај младите, за вакви и слични активности. Истовремено, се заблагодари на компаниите што поддржуваат планинарски акции.свд/бт/

Фото: Дарко Најдов

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан