Охридски вински салон „Над Езерото“ како нова содржина на локалната туристичка понуда
- Туристичката понуда на Охрид од оваа година ќе биде збогатена со уште една интересна содржина, преку настанот „Над Езерото – Охридски вински салон 2024“ наменет за хедонистите и љубителите на доброто вино.
Охрид, 21 август 2024 (МИА) – Туристичката понуда на Охрид од оваа година ќе биде збогатена со уште една интересна содржина, преку настанот „Над Езерото – Охридски вински салон 2024“ наменет за хедонистите и љубителите на доброто вино.
На настанот е најавено учество на повеќе од 30 винарии и дестилерии, веќе афирмираните и добро познатите големи винарии, но и интересни мали семејни вински подруми.
Настанот има за цел да ја промовира винската култура, да ги сплоти производителите на вино и да го приближи македонскиот вински идентитет до домашната и странската публика.
Настанот е наменет за сите љубители на вино, и претставници на ХОРЕКА секторот, кои ќе имаат можност за дегустација, едукација и размена на контакти. Покрај македонските винарии и дестилерии на настанот ќе земат учество македонските локални производители на храна и претставници на „Slow Food“, а манифестацијата ќе биде збогатена и со забавна програма, со настапот на Агни Авшар квинтетот.
Инаку, со купената влезница во износ од илјада денари, сите посетители добиваат можност за неограничена дегустација на вино, вински дестилати и понудената храна, истакнуваат организаторите.
Охридскиот вински салон „Над Езерото“ ќе се одржува на 24 август на Долни Сарај, од 18 часот до полноќ аб/са/
Фото: плакат