• сабота, 23 ноември 2024

Османи- Шаленберг: Силна и конзистентна австриска поддршка на европските интеграции на нашата земја

Османи- Шаленберг: Силна и конзистентна австриска поддршка на европските интеграции на нашата земја

Скопје, 1 септември 2022 (МИА) - Министерот за надворешни работи Бујар Османи,  денеска за време на работната посета на Виена, оствари билатерална средба со сојузниот министер за европски и меѓународни работи на Република Австрија, Александер Шаленберг.

На средбата, како што соопшти МНР, беше изразено задоволство од развојот на билатералните односи меѓу двете земји како и заемните заложби за натамошно зацврстување на пријателските и силни врски со акцент на економијата како еден од столбовите на односите на нашите две земји, изразувајќи надеж дека Австрија ќе продолжи и во иднина да претставува еден од најзначајните странски инвеститори во нашата земја.

Министерот Османи упатувајќи благодарност за силната и конзистентна австриска поддршка на европските интеграции на нашата земја, информираше за најновите внатрешно политички состојби во Северна Македонија, како и за претстојните активности кои нашата земја треба да ги преземе во светло на процесот на пристапни преговори со Европската Унија.

Министерот Шаленберг изрази големо задоволство од отпочнатите преговори и ангажманот на Северна Македонија за деблокирање на процесот, упатувајќи порака дека неговата земја останува силен поборник за членство на сите земји од Западен Балкан во Европската унија.

На средбата беа разменети мислења и за руската инвазија врз Украина, заемно осудувајќи ги руските воени дејствија. Во овој контекст, министерот Османи истакна дека Северна Македонија останува конструктивен партнер на ЕУ во одговор на кризата.

На средбата се дискутираше и за унапредување на мултилатералната соработка, со посебен акцент на претстојното претседавање на нашата земја со ОБСЕ во 2023 година. дма/сст/

Остани поврзан