• недела, 24 ноември 2024

Околу Москва соборени пет дронови, нарушен сообраќајот на аеродромот Внуково

Околу Москва соборени пет дронови, нарушен сообраќајот на аеродромот Внуково

Москва, 4 јули 2023 (МИА) - Руските власти денеска соопштија дека пет беспилотни летала биле соборени во пошироката област на Москва и дека поради тоа е нарушена работата на меѓународниот аеродром Внуково, во близина на главниот град, а за „терористичкиот чин“ ја обвинија Украина.

Утринава е спречен обид на режимот во Киев да изврши терористички напад со пет беспилотни летала, чија цел биле локации во регионот на Подмосковјето и на периферијата на Москва, соопшти руското Министерство за одбрана.

Четири беспилотни летала се уништени од противвоздушната одбрана во близина на Москва, а петтото е неутрализирано со „систем за електронско војување“, по што се урна во Подмосковље, се наведува во соопштението.

Во нападот нема жртви или материјална штета, додаде Министерството.

Аеродромот Внуково, каде рано утринава неколку летови беа пренасочени кон други аеродроми, околу 5 часот ја „обнови  работата“, соопшти руската агенција за воздушен сообраќај.

-Обидот на режимот во Киев да ја нападне областа каде што се наоѓа цивилната инфраструктура, вклучително и аеродромот што прима меѓународни летови, е нов чин на тероризам, изјави портпаролката на руската дипломатија Марија Захарова.

Таа додаде дека тоа е „меѓународен тероризам, бидејќи украинскиот претседател Володимир Зеленски ги извршува овие терористички дејствија користејќи оружје обезбедено од Запад или купено со западни средства“. сд/

Остани поврзан