• среда, 25 декември 2024

Мицкоски: Унгарскиот премиер Орбан понудата ја даде во име на претседателствувањето со ЕУ

Мицкоски: Унгарскиот премиер Орбан понудата ја даде во име на претседателствувањето со ЕУ

Скопје, 5 октомври 2024 (МИА) - Бугарија сака да ја вовлече темата Македонија во нивното предизборие. Ние во такви замки нема да влегуваме. Имаме цел и интерес кон кои чекориме. Понудата од актуелниот претседател на Владата на Унгарија Виктор Орбан е дадена во име на претседателствувањето со Европската Унија. Сега чекаме кој какви сигнали ќе испрати од Бугарија. Нашиот сигнал е јасен, сакаме решение, но достинствено. Ултиматуми не прифаќаме.

Ова е одговорот на премиерот Христијан Мицкоски на прашањето во врска со ставот на бугарското МНР дека прашањето на процесот на евроинтеграции се заснова на сопствени заслуги и не дозволува посредување меѓу ЕУ и земја-кандидат. 

-Бугарија, бугарската Влада, бугарскиот претседател и политичари сакаат сега да ја вовлечат темата Македонија таму во нивното предизборие. Јас сум го кажал тоа повеќе пати, ние нема да бидеме наивни и да влегуваме во такви замки. Имаме наш интерес и наша цел и сакаме да чекориме цврсто кон реализирање на тој наш интерес и нашата цел. Што се однесува до разговорите со нашиот источен сосед ние сме подготвени кога сакаат и врз основа на која платформа или план сакааат да седнеме да разговараме и да најдеме решение и нормално, да ги почитуваме меѓународните стандарди, рече Мицкоски одговарајќи на прашања по поставувањето камен темелник на нов објект на терминалот за стоково царинење со што се означува почетокот од надградбата и реконструкцијата на граничниот премин Деве Баир.

Тој во врска со понудата на Орбан вели дека била дадена исклучиво во име на претседателствувањето со Европската Унија.

-Она што беше понуда од моменталниот претседавач со ЕУ, тоа е претседателот на унгарската Влада Виктор Орбан, е во име на претседателствувањето со Европската Унија. Сега треба да видиме кој во Бугарија какви сигнали испраќа, некој испраќа едни, други испраќаат други сигнали. Кај нас сигналот е јасен  сакаме решение кое ќе биде достоинтвено. Уцени и ултиматуми не прифаќаме, рече премиерот Мицкоски.

Бугарското МНР вчера излезе со став дека процесот на евроинтеграции се заснова на сопствените заслуги и не дозволува посредување меѓу Европската Унија и земја-кандидат. Единствена гаранција за успех, исакнуваат оттаму, е исполнувањето на поставените критериуми и услови, се наведува во ставот на Министерството.

БТА, го пренесе ставот на бугарското МНР, ја цитираше и изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дадена интервју на Канал 5, каде што наведува дека унгарскиот премиер Виктор Орбан понудил да биде домаќин на средба меѓу Бугарија и Северна Македонија „за да се види дали може да се приближат позициите“, за да може Скопје да започне преговори со ЕУ.

-Нека биде Европска Унија арбитер, претседавачот со ЕУ нè кани во Будимпешта да ги решиме однапред сите прашања, да не биде етапно, туку сите, и да нема повеќе пречки и да нема билатеризација на овој процес. Веднаш да почнеме. Унгарскиот премиер Виктор Орбан планираше да ме повика мене и бугарскиот претседател во Будимпешта на разговори како претседавач со ЕУ, рече завчера Мицкоски.

Во интервјуто Мицкоски, како што наведува БТА, кажал дека претставниците со коишто разговарал во Брисел, му кажале дека ја поддржале Преговарачката рамка, бидејќи „поранешниот претседател Стево Пендаровски и премиерот Димитар Ковачевски ги убедиле дека ќе го обезбедат неопходното мнозинство за внесување на Бугарите во Уставот“. 

Амбасадорите на земјите-членки на ЕУ на 25 септември донесоа одлука да ги разделат Албанија и Северна Македонија на патот кон пристапување во ЕУ, а првиот кластер Тирана ќе го отвори на 15 октомври. - Нашата позиција е многу јасна. ЕК се радува на отворање на првите кластери со Албанија што е можно побрзо, а и со Северна Македонија веднаш штом ги исполни критеримумите одредени од Советот, рече тогаш Ана Писонеро, портпаролка на Европската комисија. сст/ид/

фото: Влада / видео: МИА

 

Остани поврзан