• сабота, 23 ноември 2024

Париз одговара на критиките на Нетанјаху: Поддршка за Израел останува

Париз одговара на критиките на Нетанјаху: Поддршка за Израел останува

Париз, 6 октомври 2024 (МИА) - Како одговор на критиките на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху кон францускиот претседател Емануел Макрон поради неговиот повик за забрана на испорака на оружје за Израел, Париз денеска повторно ја потврди својата поддршка за Израел.

Во изјавата, претседателската палата изрази жалење за „преувеличените“ зборови на Нетанјаху, уверувајќи дека Франција нема да дозволи Иран или неговите прокси групи да го нападнат Израел, јави ДПА.

Канцеларијата на Макрон соопшти дека претседателот верува дека е неопходно итно да се спречи ескалација во регионот, вклучително и итен прекин на огнот во Појасот Газа. Во овој контекст, претседателот повикал на запирање на испораките на оружје за Израел кои се наменети за користење во Газа.

Оваа изјава следеше по критиките на Нетанјаху кој вчера го оквалификува повикот на Макрон за запирање на испораките на оружје како „срамен“.

- Израел ќе победи со или без вас, изјавил Нетанјаху, според неговиот кабинет.

Во видео порака на платформата Икс, Нетанјаху рече дека повиците за ембарго на оружје од страна на Макрон и други западни лидери доаѓаат во време кога Израел се брани на „седум фронтови против непријателите на цивилизацијата“.

- Срам за нив, додаде тој.

На 7 октомври 2023 година, терористи од палестинската милитантна организација Хамас и сојузничките групи го нападнаа Израел, извршувајќи брутални масакри, во кои беа убиени над 1.200 луѓе и околу 250 лица беа киднапирани.

Од тој масовен напад, Израел спроведува масовни воени операции во Појасот Газа. Според најновите податоци од здравствените власти во Газа, за една година се убиени повеќе од 41.800 лица. ссм/

фото: архива

Остани поврзан