На Попова Шапка се одржа Меморијален ски-натпревар за ветерани
- Сите скијачки школи од Тетово се обединија во организација на меморијален ски-натпревар за ветерани на Попова Шапка. Натпреварот е посветен на Стеве Илиески-Караѓуле и Горан Синадиноски-Мајкиниот, двајца тетовци кои со години оставиле белег со својата работа во скијањето на тетовскиот зимски центар, а особено во активностите на ски-школите во градот.
Тетово, 4 април 2026 (МИА) - Сите скијачки школи од Тетово се обединија во организација на меморијален ски-натпревар за ветерани на Попова Шапка. Натпреварот е посветен на Стеве Илиески-Караѓуле и Горан Синадиноски-Мајкиниот, двајца тетовци кои со години оставиле белег со својата работа во скијањето на тетовскиот зимски центар, а особено во активностите на ски-школите во градот.
-Се оддаде почит на Стеве Илиески-Караѓуле и Горан Синадиноски-Мајкиниот луѓе кои со својот ведар дух и неуморна работа оставија неизбришлива трага во срцата на толку многу луѓе во Тетово, но и пошироко. Со мислата „Животот не е проблем кој треба да се реши, туку реалност која треба да се доживее“, пријатели, колеги, љубители на скијањето и поранешни скијачи-натпреварувачи, се собраа да им оддадат почит и да поминат одличен ден во духот на овој спорт“, изјави претседателот на натпреварот Љубомир Петровски
На натпреварот учествуваа ветерани во машка и женска конкуренција, поделени во три возрасни категории: 41–50, 51–60 и 61+ години. На стартот имаше учесници од различни генерации, а највозрасните натпреварувачи покажаа дека желбата за скијање не згаснува со годините.

-Настапите поминаа во обединувачка и пријателска атмосфера и со многу, многу ентузијазам. Со тоа, последните денови од снежната сезона поминаа во знакот на спортот, заедништвото и пријателството, токму како што би посакале Караѓуле и Мајкиниот. Голема благодарност до сите што помогнаа во реализацијата, идејата е овој настан да продолжи и во иднина, како традиционално дружење во чест на двајца луѓе кои оставија силна трага на Попова Шапка, истакна Петровски.
По завршувањето на трките, учесниците се собраа на дружба, при што беа доделени пехарите и медалите
-Така беше заокружен денот што многумина го оценија како достоен начин на заокружување на оваа сезона. Вредно е да се напомене дека скоро сите клубови и школи на Попова Шапка беа сплотени и си пројдоа супер на крајот на оваа долга и одлична сезона, посочи Љубомир Петровски
Стеве Илиевски Караѓуле е роден 1965 години и починат 2011, додека Горан Синадиноски-Мајкиниот е роден 1967, а починат 2023. ас/дма
Фото: организационен одбор