Во Прилеп одбележан 4 април- Денот на тутунските работници
- Тутунопроизводството е една од најважните земјоделски гранки во Македонија, а тутунарите се значајни чинители во македонското стопанство, нагласи Илија Тутуески, член на Сојузот на тутунските здруженија при денешното одбележување во Прилеп на 4 април, денот на тутунските работници.
Прилеп, 4 април 2026 (МИА) - Тутунопроизводството е една од најважните земјоделски гранки во Македонија, а тутунарите се значајни чинители во македонското стопанство, нагласи Илија Тутуески, член на Сојузот на тутунските здруженија при денешното одбележување во Прилеп на 4 април, Денот на тутунските работници.

- Не случајно е избран 4 април за Ден на тутунските работници. Точно на денешен ден пред 153 години, во 1873 година е отворен првиоит магацин, во рамките на Тутунскиот комбинат во Прилеп, за откуп на тутун. Затоа тутунопроизводството е вековна традиција. Ова не е само симболично одбележување, туку и потсетување на општествената улога што ја имаат тутунопроизводителите во македонското земјоделство и во економијата, рече Тутески пред претставниците на тутунските здртуженија при денешното одбележување во прилепскиот хотел „Салида“.
Повеќе од 20 000 семејства, или преку 80 000 граѓани во земјава зависат од тутунопроизводството, а Сојузот на тутунските здруженија повеќе од 70 години работи на унапредувањето на состојбите во оваа земјоделско-индустриска гранка.
Исплатливоста на производството ќе се одржува преку цената.
-За да се одржи ова производство но и да се заинтересираат помладите генерации да работат на нивите, многу е битно да има исплатлива цена, рече Тутески.

За Муса Ибраимоски од Долнени,член на Сојузот на тутунските здруженија многу е битно да се зачува достоинството на тутунопроизводителот.
- Производството се одржува и во Долненскиот регион, како еден од најголемите производствени реони во Прилепско. Но мора да се запазат и класите тутун и тутунарите секогаш да ги имаат поверениците при откупот, рече Ибраимоски.
Според Кире Ристески, претседател на Сојузот на земјоделските здруженија тутунарите ќе ги добијат субвенциите за брзо.
-Инспекторатот ги направи контролите за откупените количества во претпријатијата и се очекува кон крајот на април тутунарите да ги добијат субвенциите за ланскиот род, рече Ристески.
Почна новата производствена година, во тек е расадопроизводството. Се најавува за 10 проценти зголемен интерес од лани кога се откупија околу 26 000 тони. Склучувањето договори за годинашнава реколта тутун е пролонгирано до 9 април. ем/дма/
фото: МИА