• вторник, 12 ноември 2024

Над 1000 деца од Тетово уживаа во симфониската бајка „Петар и волкот

Над 1000 деца од Тетово уживаа во симфониската бајка „Петар и волкот

Тетово, 6 октомври 2024 (МИА) - Националната установа „Музички Ансамбл” - Тетово во петокот имаше преполна сала за двете изведби на симфониската бајка „Петар и волкот“, на македонски и албански јазик. На овој начин го реализираше вториот проект од Годишната програма поддржана од Министерството за култура и туризам.  

-Над илјада деца во Центарот за култура уживаа во маестралното дело на  Сергеј Прокофјев, оркестрирано и диригирано од палката на Ангел Спировски и Агона Чупи, со нарација на Рахим Рамадани, во изведба на камерен оркестар, што предизвика позитивни реакции и овации од најмладата публика. На децата од Тетово потребни им се повеќе вакви настани кои им овозможуваат средба со нов свет кој допрва треба да го откријат. Задоволни сме од успешната изведба на двете претстави и реализацијата на проектот, истакна ВД директорот на НУ „Музички Ансамбл”-Тетово Ардиан Исмаили.

Тој посочи и дека преку вакви едукативни претстави не само што се негува најмладата публика, туку се влијаеме на нивниот развој и на нивниот вкус за уметноста.

-Децата беа воодушевени и среќни. Тоа е мотив плус да ги повторуваме ваквите настани и затоа работиме да ги има што повеќе во нашиот град. Атмосферата и енергијата за време на изведбата на симфониската бајка ја пренесе и диригентката Агона Чупи која на својот Фејсбук профил по завршувањето на настанот напиша: „1000 деца и неверојатна енергија. Едно од најубавите чувства”, посочи Исмаили.  

Следен настан на репертоарот на НУ „Музички Ансамбл”- Тетово е Концерт на млади таленти, а до крај на година преостануваат уште проектите: „Концерт за ноемвриски празници” и „Концерт на популарна музика”. ас/сст/

фото НУ Музички ансамбл 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан