• сабота, 09 ноември 2024

Мојсова-Чепишевска: Скопје е величествен феномен на македонскиот дух – да го направиме центар на светот

Мојсова-Чепишевска: Скопје е величествен феномен на македонскиот дух – да го направиме центар на светот
Скопје, 14 ноември 2022 (МИА) - Сите ние сакаме да го направиме Скопје средиште, центар не само на Македонија, туку на светот. Или средиштето на светот да го поместиме или сместиме токму во нашето Скопје. Центарот, особено во последно време, е престижна категорија, па во тој конктекст и борбата за центарот станува премногу актуелна, зашто таа прераснува во борба за престиж, за статусен карактер, за статусни предиспозиции. А, Скопје е величествен феномен на македонскиот дух и на сите оние што живеат во него. Затоа не е воопшто иссилено кога велиме дека низ зборот „скопјанец“ одекнува ехото „човек“!

Ова, меѓу другото, синоќа го истакна добитничката на наградата „13 Ноември“ на Град Скопје за 2022 година, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, во обраќањето од името на добитниците на високото признание, на синоќешната свеченост во Националната опера и балет на која беше врачена наградата, по повод 78-годишнината од ослободувањето на главниот град. Таа потсети на значењето на историскиот 13 Ноември, кога нашите победници беа пречекани на улиците на Скопје со китки трендафили, но и на она што не треба да се заборави и што може да се стори денес.

 - Да не заборавиме дека тој 13 Ноември му го овозможи овој растеж на Скопје, но и нам, на сите скопјани. И на овој 13 ноември 2022 година можеме и вака да се сеќаваме на тој 13 ноември, читајќи ги зборовите на Гане Тодоровски: „Мојот град го отпочна својот нов живот во оној замаглен и подзаснежнет бурен ден, ноемвриски ден, тринаесети по ред, во годината 1944, кога за првпат во историјата на неговите улици зачекори Слободата. Оттогаш па наваму живее Скопје живот на забревтан, заитан, полн со енергија град, затоа што во таа разгрната живеачка се заложени животите на недоброј негови најчисти вљубеници, гладни за живот, жедни за слобода. Искрено се надевам дека и ние досега сме дале свој печат во раснењето на Скопје. Дека и ние сме некои гладни за живот и жедни за слобода. Впрочем, потврда за тоа е и оваа награда, нагласи Мојсова-Чепишевска.

Изразувајќи благодарност за признанието од името на добитниците, таа истакна дека наградата „13 Ноември“ ги обврзува на уште поголем, и личен и општествен влог во периодот што доаѓа.

 - Наградата е наша обврска за работење за уште подобро Скопје. Само така ќе можеме со мирно срце да им го оставиме на нашите деца, за и тие да го сакаат и унапредуваат. И да ја умножат нашата страст за поубаво Скопје, нагласи Мојсова-Чепишевска, на која наградата „13 Ноември“ ѝ е доделена за монографската публикација „Конески како тестамент“ и континуираните остварувања во областа на културата.

 Во обраќањето, таа потсети и на книжевното Скопје, од творештвото на Гане Тодоровски, Влада Урошевиќ и Томислав Османли. Но, и на стихо

- Го сакам Скопје. Секогаш ме возбудува она обично градско секојдневие кое ми го открива чудесното во смисла и на онаа бодлеровска или аполинерова потрага по новото и непознатото. Го сакам и она книжевно и уметничко Скопје т.е. Скопје што живее во книгата и во уметноста, Скопје е мојата ДНК.  „Скопје, Те гушкаме..“ , посочи професорката, осврнувајќи се и на детството и младоста поврзани со некогашниот Дом на младите „25 Мај“, сега Младински културен центар и навивањето за „Вардар“, кои се и дел од величенствените скопјани за 2022 година.

 Град Скопје синоќа, по повод Денот на ослободувањето на градот, ги додели наградите „13 Ноември“ за 2022 година, на годинашните добитници на свеченост во Националната опера и балет за остварувања во стопанството, науката, уметноста, културата, воспитанието и образованието, здравствената и социјалната заштита, спортот и физичката култура, техничката култура, заштитата и унапредувањето на животната средина и природата, за посебен придонес за развојот на градот Скопје и неговиот севкупен напредок и афирмација во земјава и во светот. Наградата се доделува и на ученици и студенти за творечки труд или континуирани успешни постигнувања во наставните и во воннаставните активности што претставуваат посебен придонес за афирмација и напредок на градот Скопје. вг/са/

Остани поврзан