• вторник, 12 ноември 2024

Мицкоски: Бугарија со овие позиции сака да не асимилира додека влеземе во ЕУ, Владата да внимава што прифаќа

Мицкоски: Бугарија со овие позиции сака да не асимилира додека влеземе во ЕУ, Владата да внимава што прифаќа
Скопје, 24 април 2022 (МИА) - Изјавата на Петков е токму она што ВМРО-ДПМНЕ го зборува со месеци наназад дека нашите билатерални проблеми и барањата на официјална Софија ќе влезат во преговарачката рамка, што значи дека или ќе се асимилираме односно ќе се бугаризираме и како такви ќе влеземе во Европската Унија, или нема за нас ЕУ и покрај тоа што ќе се случи таа прва меѓувладина конференција, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

-Па ако прецизно ја читате таа изјава од Кирил Петков ќе видите дека тоа што тој го зборува го зборуваме веќе ние како ВМРО-ДПМНЕ и јас лично месеци наназад, а тоа е дека нашите билатерални проблеми и сите оние барања што ги има официјална Софија ќе влезат во преговарачката рамка, што значи дека или ќе се асимилираме односно ќе се Бугаризираме и како такви ќе влеземе во Европската Унија, или нема за нас Европска Унија и покрај тоа што ќе се случи таа прва меѓувладина конференција, посочи Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање во однос на изјавата на бугарскиот премиер Кирил Петков за евентуално тргање на ветото и внесување на Бугарите во македонскиот Устав.

Тој, сепак, верува дека членките на ЕУ нема да дозволат внесување на билатералните проблеми во преговарачката рамка за земјава.

-Но, јас сум убеден дека земјите членки на ЕУ тоа нема да го дозволат, бидејќи многу пати во минатото истите тие земји членки кажаа дека билатералните проблеми се само билатерални проблеми и тие никако не можат да бидат мултилатерални односно проблеми на земјите членки на ЕУ со земјите кои што се аспиранти, односно кандидати. Така што ако тоа се случи и ако стави потпис оваа Влада на тој документ треба народот во Македонија и граѓаните да знаат, да, можеби ќе се случи таа прва меѓувладина конференција, но никогаш преговорите нема да почнат се додека ние не прифатиме да се асимилираме и како Бугари да влеземе во рамките на ЕУ и да го прифатиме сето она кое што е содржано во резолуцијата на Бугарскиот парламент од ноември 2019 година, нагласи Мицкоски кој денеска присуствуваше на литургијата во Соборниот храм по повод големиот православен празник Христово Воскресение – Велигден. вг/са/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан