• понеделник, 07 октомври 2024
МИА Флеш

   2 септември 2024

 

Скопје - Народниот правобранител на почетокот на учебната година на сите ученици им посакува успешна учебна година, исполнета со добро здравје и среќа, во која покрај стекнување на нови знаења, умеења и вештини и проширување на стекнатите, ќе биде година исполнета и со стекнување на другарства кои ќе се базираат на меѓусебно разбирање и почитување.

Во оваа прилика, Народниот правобранител упатува апел до сите чинители во воспитно-образовниот процес, како и до родителите, да дадат максимален влог во воспитувањето и образованието на децата, со обезбедување на неопходната поддршка, внимание и грижа, при тоа секогаш тргнувајќи од најдобриот интерес на детето, почитувајќи ги децата како носители на права и со нивно вклучување во процесите на донесување одлуки кои се однесуваат на нив, на децата.

Скопје - Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска по повод започнувањето на новата учебна година, присуствуваше на првиот училишен ден во ООУ „Јан Амос Коменски“ во Скопје, соопшти нејзиниот кабинет.

Претседателката Сиљановска Давкова на свеченоста ги поздравила првачињата посакувајќи им успех во потрагата по нови знаења.

- Бидете сигурни дека нема поважно нешто од знаењето, да учите да пишувате, да учите да пеете, бидејќи само тоа никој во животот не може да ви го земе, порачала претседателката Сиљановска Давкова.

Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски и министерката за образование и наука Весна Јаневска заедно со градоначалникот Бобан Стефковски на првиот ден од новата учебна година денеска го посетија Основното училиште „Стив Наумов“ во Општина Гази Баба, посакувајќи им успешна школска година на првачињата. 

-На мое големо задоволство, оваа енергија која ја чувствувам денека е прекрасна, дечињата се желни за наука и образование, започнуваат да го чекорат својот образовен пат. Возбудени родители, со многу убава позитивна емоција. Нашата порака денеска е да имаат успешен прв учебен час и она што треба да го знаат е дека во животот ништо не доаѓа веднаш и ништо не доаѓа лесно. За се треба многу напор, многу жртви за да дојдеме до целта која што сакаме да ја постигнеме. Од мене јас можам да им посакам многу убави школски денови, многу нови другарчиња и се што сакаат во животот да им се исполни и да работат за да им се исполни, бидејќи тоа е смислата и убавината на животот, вели премиерот Мицкоски. 

Скопје - Делегација на Собранието во Парламентарното собрание на ОБСЕ (ПС на ОБСЕ), во состав Моника Зајкова, шеф на Делегацијата, Халил Снопче и Никола Мицевски, членови на  Делегацијата, учествуваше во Мисијата на ПС на ОБСЕ за набљудување на парламентарните избори во Азербејџан, што се одржаа  на 1  септември 2024 година, информираат од собраниската прес-служба.    

Скопје - Околу 83 до 84 илјади вработени чии што работодавач е Владата ќе добијат К-15 на крајот на ноември или почетокот на декември, најави денеска премиерот Христијан Мицкоски прашан дали на наставниците ќе им биде исплатен регрес за годишен одмор.

-Да, иако тоа во основниот буџет не беше предвидено, во ребалансот на буџетот се предвидени околу милијарда денари за исплата на К-15 која што е законска обврска на сите работодавачи и оваа законска обврска Владата како работодавач најголем има намера да ја заврши некаде кон крајот на ноември, почетокот на декември, рече Мицкоски.

Скопје - Ние како Влада не можеме да влеземе во наивен процес каде ние само ќе правиме отстапки без притоа да имаме јасна гаранција дека како држава ќе бидеме дел од европското семејство. Бидејќи никој ништо не може да ни гарантира не можеме да бидеме толкави оптимисти како што би сакале да бидеме и затоа овие два процеси кон полноправно членство во ЕУ и завршување на домашната задача ќе ги водиме паралелно, но подготвени сме за разговори, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски.

Скопје - Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски ги посети пунктовите на полициските службеници кои учествуваат во рамките на оперативната акција со зголемено присуство на полицијата за безбеден град Скопје, а го посети и мониторинг системот „Безбеден град“, во рамки на оперативната акција за бескомпромисна борба против сите видови криминал и нарушување на јавниот ред и мир, како во градот Скопје, така и во целата држава, информираат денеска од МВР.

Скопје - Мобилен тим при контрола на товарно моторно возило на граничен премин Табановце откри и спречи криумчарење на вкупно 17 пара патики копачки од брендовите „Најк“ и „Адидас“, скриени во кабината во пределот на совозачкото седиште, соопшти денеска Царинската управа.

На граничен премин Деве Баир, при контрола на автобус кој сообраќа на релација Турција – Косово, под душекот на креветот за одмор на возачите и во багажниот простор се пронајдени непријавени 894 парчиња облека, 125 парфеми и 7 тоалетни води. Производите се запленети, а против возачот е поведена прекршочна постапка.

Скопје - Сметам дека досега оваа Влада не покажа апсолутна никаква намера ние да го продолжиме европскиот пат и не гледаме ниту еден чекор во насока кон обид да се направи нешто во контекст на тоа што го ветуваа, рече во одговор на новинарско прашање претседателот на СДСМ, Венко Филипче, прашан за односите со Бугарија и изјавите на претставниците на власта дека не можат да разговараат со нив кога Бугарија нема политичка влада.

Струга - Одложена е главната расправа во судскиот процес против струшкиот градоначалник Рамиз Мерко за набавката на луксузниот автомобил „ауди А6“, вреден 67 илјади евра. Таква одлука судот донесе на денешното рочиште по барањето на одбраната за изземање на судијката Надица Митреска, поради, според нив, кршење на правата на обвинетиот.

Јавниот обвинител во Основно јавно обвинителство Струга Никола Јолески изнесе докази со кои укажа дека делото не е застарено, на претходното барање на адвокатот на Мерко Игор Петкоски судот да го одбие обвинителниот предлог поради изминување на рокот за обвинение.

Скопје – По најавите за редуциран број автобуси на дел од линиите низ Скопје, МИА ги праша граѓаните за нивното искуство со јавниот превоз во главниот град. „Секој има потреба некаде да стигне, да заврши некоја работа и на време да се врати, меѓутоа, тоа не може да се случи“, вели граѓанин во изјава за МИА на автобуската постојка на која подолго време го чека автобусот за дома. Патниците велат дека има метеж, автобусите се ретки и се случува да чекаат долго. Редуцираните автобуси, според нив, креираат генерално незадоволство.

Кавадарци - НР Кина донираше „паметни" табли за кавадаречките основни училишта, во работна посета на Кавадарци денеска беше Ксу Леи - вршител на должности од Амбасадата на Народна Република Кина во Скопје.

Градоначалникот Митко Јанчев појасни дека секое основно училиште добива по една смарт табла, станува збор за донација од 400 илјади денари. 

- Би сакал да изразам огромна благодарност до Амбасадата, Општина Кавадарци ќе продолжи и во иднина да ги негува односите со Амбасадата на Република Кина и секако со сите останати што имаат претставништва во Македонија, подвлече Јанчев. 

Во оваа прилика градоначалникот информираше дека 307 првачиња започнуваат со настава, или вкупно 4.490 ученици.  

Тирана - Поранешниот градоначалник на приморското албанско гратче Химара, Фреди Белери, доби условно ослободување од затвор, каде беше од 12 мај минатата година.

- По двочасовна расправа  Судот во Фиер,  одлучи за условен отпуст на Фреди Белери, кој има уште шест недели до крајот на казната. Судот го прифати барањето, нареди предвремено ослободување и тој во текот на денов го напушти затворот во Фиер, изјави неговиот адвокат , Гени Ѓузари.

Фреди Белери (52), кој е припадник на грчкото малцинство во Албанија, доби  двегодишна затворска казна за купување гласови а беше уапсен два дена пред изборите што се одржаа на 14 мај 2023 година. 

Иако во притвор тој беше реизбран  за градоначалник на Химара, во јужниот дел на Албанија, но не даде заклетва во предвидениот законски рок, по што беа спроведени дополнителни избори

Подгорица – Министерството за одбрана на Хрватска одби да прими на школување двајца кадети на Војската на Црна Гора на Хрватскиот воен универзитет.

Хрватска исто така одби да запише еден црногорски кандидат во Хрватското воено училиште.

Министерството за одбрана донесе таква одлука, а за идната соработка во таа област ќе известиме кога ќе дојде време, изјавија за црногорскиот весник „Побједа“ од хрватското Министерство за одбрана.

Љубљана - Првите три случаи на инфекција со вирусот Западен Нил годинава се потврдени во Словенија, соопшти Националниот институт за јавно здравје, а сите три случаи на инфекција се потврдени во североисточниот дел на Словенија, во Помурје и Подравље.

Вирусот е откриен во 1937 година во северозападна Уганда. Во минатото со него имаше зарази и во Словенија. Така, во 2013 и 2017 година е евидентиран по еден случај, а во 2018 година пет од нив, jaви СТА.  

Годинава, веќе на почетокот на сезоната, заразени се регистрирани во некои земји од ЕУ, меѓу кои и Хрватска. Заразени има и во Италија, Австрија, Унгарија, Шпанија, Франција, Бугарија, Германија и Романија, како и во Србија, Албанија и Косово

Вирусот на Западен Нил се пренесува преку комарци. 

Варшава – Шефот на полската дипломатија Радослав Шикорски денеска ги повика земјите-членки на НАТО да ги соборат руските ракети кои би можеле да навлезат на нивна територија додека сè уште се во Украина.

Членството во НАТО не ги ослободува членките од обврската да го заштитат својот воздушен простор, тоа е наша уставна обврска, јас лично мислам дека би била оправдана самоодбрана доколку ракетите одат во правец на нашиот воздушен простор, бидејќи кога ќе ја преминат границата, постои голем ризик некој да биде повреден од парчињата од ракетата, изјави Шикорски во интервју за британскиот весник „Фајненшл тајмс“.

Брисел - До 30 август, рокот кој претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен им го постави на земјите членки на ЕУ да предложат кандидати за идни еврокомесари, своите номинации ги доставија сите држави од Унијата, освен Белгија.  

Она што е засега познато е дека белгискиот кандидат за еврокомесар, согласно договорот меѓу партиите од очекуваната следна владина коалиција во Белгија, ќе биде од редовите на либералното франкофонско Реформско движење (МР). Се очекуваше до петокот партијата да го направи својот избор и партискиот лидер и белгиски сенатор Жорж-Луј Буше да му го соопшти името на кандидатот за еврокомесар на премиерот во заминување на Александер Де Кро, но тоа не се случи. 

Белград - Сите четири репрезентативни синдикати на образованието во Србија за 16 септември најавија прекин на работата и протести во сите градови низ државата. Претседателката на синдикатот за образование на Србија, Валентина Илиќ изјави дека доколку следат репресивни мерки, дневниците на просветните работници треба да се уплаќаат во фондот за лекување на заболените од ретки болести.

Хелсинки - Финската влада сака да воведе забрана за Русите да купуваат имоти во земјата, информира министерот за одбрана Анти Хаканен.

„Денеска испраќаме на консултации предлог за воведување на забрана за трансакции со недвижности во кои има руско учество“, изјави Хаканен на прес-конференција.

Сепак, забраната ќе има и исклучоци, додаде финскиот министер за одбрана, според кој лицата со двојно државјанство и Русите со статус на постојано живеалиште во Финска ќе продолжат да имаат право да купуваат недвижности во земјата. 

Атина – Овогодишниот август (исто како јуни и јули) се карактеризира со многу последователни денови со големи позитивни температурни отстапувања и беше најтоплиот август од 2010 година во северна и западна Грција, Јонското море и Пелопонез, со просечни месечни вредности до 1,8 степени Целзиусови над нормалните нивоа за сезоната, пишува порталот „Метео“ на грчката Националната опсерваторија, јави дописничката на МИА од Атина.

Според мрежата од 53 метеоролошки станици, во август оваа година просечната вредност на максималните дневни температури варирала на високи нивоа низ целата земја во споредба со просекот од 2010-2019 година.

Анкара - Турската економија забележа послаб раст од очекуваниот од 2,5 отсто во вториот квартал во услови на едногодишно затегнување на монетарната политика, покажуваат податоците објавени денеска. Бруто домашниот производ (БДП) за вториот квартал порасна за 0,1 отсто во однос на претходниот квартал, приспособувајќи се на сезонските и календарските флуктуации, покажаа податоците на Турскиот институт за статистика.

Прогнозите беа за раст на турската економија од 3,2 отсто во вториот квартал, а за целата година растот ќе биде 3,35 отсто.

Москва – Руската служба за вонредни состојби денеска соопшти дека се извлечени 22 тела од хеликоптерот што на 31 август се урна на Камчатка.

Хеликоптерот Ми-8 со 19 патници и тројца членови на екипажот полетал од базата во близина на вулканот Вачкажец, а спасувачите ги лоцирале остатоците следниот ден. Се претпоставува дека несреќата се случила поради лошите временски услови, односно слабата видливост.

Поведена е истрага за можна грешка на пилотот или технички дефект. 

Париз – Во Франција почна судењето против 71-годишниот пензионер од Авињон поради што ја дрогирал сопругата и дозволил 72 мажи да ја силуваат.

Тој мажите ги наоѓал преку интернет, а полицијата идентификува само 51 маж на возраст од 26 до 74 години. Жената трпела сексуално насилство цела деценија, но не била свесна бидејќи била под силни седативи.

Полицијата соопшти дека на неговиот компјутер пронашла стотици слики и видеа од неговата сопруга, видно онесвестена и главно во положба на фетус.

Тагови

vranec_world_day_2024_300x250

Остани поврзан