• сабота, 23 ноември 2024
МИА Радио флеш

4 октомври 2024

Скопје - Претходната влада не само што го потрошила Буџетот за помалку од половина година, туку и остави долгови од околу една милијарда евра, нешто што претставува историски највисоко ниво на долгови што една Влада го наследила, вели премиерот Христијан Мицкоски, нагласувајќи дека очекува до крајот на годината оваа ситуација да биде надмината.

Прашан околу состојбата на долговите и колку од тие се сервисирани во првите 100 дена, Мицкоски рече дека како Влада, очекува веќе овој месец да бидат на позитивна нула.

Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски вели дека не сака да ги коментира случувањата во опозицискиот „Европски фронт“, нагласувајќи дека тоа што за него, како претседател на Влада е важно, е дека „има стабилна ситуација, една одлична хемија“ и заедничка цел - да направат подобро место за живеење.

Прашан за коментар за одлуката на Мендух Тачи да ја напушти коалицијата „Европски фронт“, Мицкоски рече дека не би сакал да ги „облекува нивните чевли“ и да ги коментира.  

Скопје - Основното јавно обвинителство Скопје донело наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека сторило кривично дело неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или експлозивни материи од член 396 став 5 во врска со став 3 и став 1 од Кривичниот законик.

- Осомничениот 66-годишен пензионер, во својот дом во Козле, неовластено држел муниција и експлозивна материја кои на граѓаните им се забранети – една рачна бомба полнета со 100 гр. ТНТ експлозив и запалка, 181 куршуми боева муниција со различен калибар наменети за автоматски пушки и тешки митралези, шест тегли со сачми со различна големина на оловни проектили со вкупна маса од околу 2.800 грама, четири најлонски ќеси со барут и два алати за изработка на ловна муниција, соопштија денеска од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.

Скопје - Министерот за земјоделство шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски денеска соопшти дека се ставени во функција сите расположливи средства за чистење на речните корита согласно најавите од УХМР дека под влијание на циклонска активност деновиве во земјава ќе има врнежи, наместа пообилни, проследени со грмежи и засилен ветер.

Како што напомена Трипуновски, мора да се делува интервентно зашто во претходните години коритата не биле исчистени. 

Скопје - Единицата за корупција при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал денеска поднесе кривична пријава до ОЈО за ГОКК против шест лица, сите припадници на затворската полиција, вработени во КПУ-КПД Идризово  и тоа: И.И. (37),  Ј.А. (36), И.Ј. (50),  Д.П. (34), Ф.Б. (31) и В.Т. (36), за сторено кривично дело „Овозможување бегство на лице лишено од слобода“ предвидено и казниво по член 372 став 2 од КЗ.

-Пријавените И.И. и Ј.А. во својство на службени лица-затворски полицајци вработени во КПУ-КПД Идризово на 1 февруари 2023 година, додека ги извршувале работните задачи во Отворено одделение, со давање лажни податоци/изјава спрема раководните затворски полицајци, им овозможиле на група осудени лица да бидат надвор од рамките на затворот, спротивно на судски пресуди според кои требало да издржуваат казна затвор во КПУ-КПД Идризово, на начин што при утврдување на бројната состојба на осудени лица во отворено одделение во КПУ-КПД Идризово имало седум отсутни лица од установата, додека И.И. и Ј.А. констатирале дека сите осудени лица биле присутни, за што усно ги известиле командирите , овозможувајќи им  бегство на осудените лица: Ј.Р., И.Ј., Н.Б., С.С., Р.К., И.Р. и Е.С., соопшти МВР.

Скопје - Министерот за земјоделство шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски денеска, на заедничка прес- конференција со директорот на Агенција за храна и ветеринарство Оливер Миланов, директорот на АД Водостопанство Филип Филиповски и директорката на Институт за јавно здравје Марија Андоновска, соопшти дека Владата и нуди помош на Општина Струмица за решавање на проблемот со водата за пиење.

Трипуновски ја оцени ситуацијата како еколошка катастрофа и го впери прстот директно во градоначалникот Костадин Костадинов. Воедно апелира надлежните институции и ЈО да го испитаат случајот зашто, како што рече, некој дозволил дистрибуирање вода која не треба да ја пијат граѓаните, а доведувањето во прашање на нивното здравје е кривична одговорност.

Скопје - Идејата за враќање на задолжителниот воен рок е одлична за размислување, но во овој момент тоа не го разгледуваме како Влада, вели министерот за одбрана Владо Мисајловски, посочувајќи дека треба да се разгледаат сите безбедносни предизвици и да се направи посебна анализа од Генералштабот, па потоа да се размислува за вакво прашање.

Прашан дали можеби се размислува за враќање на задолжителен воен рок, по примерот на некои земји од соседството, Мисајловски рече, дека ако се прашува тој лично „секој млад човек треба да помине еден дел од животот на овој начин“ но, дека треба да се гледаат и реалните состојби. 

Скопје - Министерот за правда Игор Филков и директорката на АУЕ-ФОН, Сезен Цаноска, потпишаа  Меморандум за соработка со кој двете институции се обврзаа заеднички да дејствуваат и соработуваат во интерес на спроведување на истражувачка и аналитичка работа, можности за реализација на стекнување на практични знаења на студентите, како и изготвување на добри законски решенија.

На настанот присуствувал и ректорот  на универзитетот Саво Ашталкоски и деканот на Факултетот за правни и политички науки, Сејдефа Џафче.

Скопје - Нашиот став за евроинтегративниот процес е познат и длабоко сме посветени да се вратиме на вистинскиот пат. Треба сите да работиме и да дадеме свој придонес да бидеме дел од Европската Унија, во спротивно немаме перспектива, посочи денеска на прес-конференција Блерим Беџети од Европскиот фронт, одговорајќи на новинарско прашање во врска со предлогот на лидерот на СДСМ Венко Филипче да се свика затворена седница за идните чекори за евроинтегративниот процес.

Беџети потенцираше дека одвојувањето на Република Албанија на патот за пристапување кон ЕУ е уште еден аргумент дека не се движиме по вистинскиот пат.

Скопје - Политичката свест на граѓаните и нивната ангажираност во политичкото уредување играат важна улога во обликувањето на општеството и во поставување на општествените стандарди, вредности и норми. Оттука, мојот личен став е дека политичкото образование треба многу повеќе да биде застапено во Македонија за да имаме повеќе општествено активни граѓани и носители на промени кон подобро. Ова денеска го истакна министерката за образование и наука Весна Јаневска на работилница посветена на политичката едукација и нејзината застапеност во образовниот систем, што се одржа во Собранието, а во организација на Парламентарниот институт и Националниот демократски институт. 

Како што информира Министерството за образование и наука, Јаневска нагласи дека формалната политичка едукација се реализира преку официјални образовни институции и според однапред утврдени наставни програми.

Скопје - Нема поголем поддржувач и партнер во остварување на вашите цели од САД и знам дека тоа беше повторено и на средбата меѓу претседателот Џо Бајден и Гордана Сиљановска Давкова, изјави американската амбасадорка Анџела Агелер. 

Прашана каква и во која насока ќе биде најавената зголемена поддршка на САД за Северна Македонија, на средбата меѓу претседателите Џо Бајден и Гордана Сиљановска Давкова, Агелер рече дека тие навистина имале одличен состанок, но нема некоја конкретна сума за која што е дискутирано. 

Скопје - На покана на претседателот на управниот одбор на државниот Факултет за информатички студии во Ново Место, Словенија, проф. д-р Борут Рончевиќ, министерот за јавна администрација, Горан Минчев, одржал предавање на кое ја истакнал клучната улога на образованието, иновациите и меѓународната соработка во поттикнувањето на општествениот напредок во регионот.

Како што денеска соопштија од Министерството зајавна администрација, обраќајќи се пред професорите и студентите, министерот Минчев ја поздравил програмата на Факултетот „Информатика во современото општество“, како водечки пример за подготовка на студентите за предизвиците на современиот свет.

Скопје - Собраниска делегацијата во состав: Моника Зајкова шеф на делегацијата, Халил Снопче член и Ели Панова заменик член, учествуваа на 22-от Есенски состанок на  Парламентарното собрание на ОБСЕ (ПС на ОБСЕ), што се одржа од 2 до 4 октомври во Даблин, Ирска.

Состанокот на Парламентарното собрание на ОБСЕ, како што соопшти денеска собраниската прес-служба, бил отворен со засилени апели за зајакнување на мултилатерализмот и преземање похраб пристап кон меѓународната дипломатија и безбедносната соработка.

Скопје - Најдоцна за две недели ќе почне доделувањето на ваучери за набавка на инвертер клима уреди за граѓаните, проект што го почна старата влада, потврди денеска министерката за енергетика Сања Божиновска.

- Средствата за инвертер климите би требало да бидат исплатени за две недели, бидејќи тие првенствено беа во Министерството за економија, меѓутоа со поделбата мораше да се направи делбен биланс, мораше да се префрлат со буџетот и со новиот ребаланс во новото Министерство. Тоа мораше да помине низ законодавство, потоа оди на Генерален секретаријат и потоа на Влада. Се надевам дека ќе бидат исплатени најдоцна за две недели, рече Божиновска во одговор на новинарско прашање на отчетот за 100 дена Влада.

Скопје - Од Европскиот фронт предводен од ДУИ денеска не ги коментираат информациите дека Мендух Тачи излегол од коалицијата. 

Портпаролот на ДУИ Арбр Адеми во изјава за МИА вели дека пратеничката група е функционална. - Пратеничката група е функционална и работи во полн состав, одговори кусо Адеми.

Белград - Во Србија според Републичкиот геодетски завод во вториот квартал годинава највисоки цени за станови се постигнати во Белград, каде што најскапиот квадрат е продаден по цена од 9.125 евра во комплексот „Белград на вода“, додека на истата локација најголема сума од 955.000 евра, издвоена е за стан со вкупна површина од 145 квадратни метри. Најскапата куќа е продадена во општина Савски Венац во Белград за 1,5 милиона евра, додека најскапото паркинг место е платено за 60.000 евра, јави дописникот на МИА од Белград.

Вредноста на прометот со недвижности во Србија во вториот квартал годинава изнесува 1,8 милијарди евра и е за 8,2 отсто поголем во однос на вториот квартал од 2023 година, соопшти Републичкиот геодетски завод и констатира дека бројот на продажби на недвижности е зголемен за 0,6 отсто и изнесува 30.837.

Белград - Американскиот амбасадор во Србија Кристофер Хил денеска во Белград изјави дека за подобрување на односите со Србија е потребна многу повеќе мудрост отколку што сите покажале во минатото, јави Бета.

На отворањето на меѓународната конференција насловена „Центар за студии на Соединетите Американски Држави – Првите дваесет години од постоењето“ на Факултетот за политички науки (ФПН), тој рече дека академската работа е од суштинско значење за создавање помирен и просперитетен свет.

Сараево - Одржувањето на локалните избори во Босна и Херцеговина, планирани за недела, е доведено во прашање поради поплавите кои сериозно зафатија делови од земјата, но конечната одлука за евентуално одложување се уште не е донесена, изјави денеска претседателката на Централната изборна комисија на БиХ, Ирена Хаџиабдиќ.

Таа во Сараево изјави дека ЦИК е во постојана комуникација со локалните изборни комисии во најпогодените општини од поплавите.

Подгорица - Обилниот дожд што врне од вчера и во текот на ноќта предизвика поплави во повеќе градови во Црна Гора.

Поради надојдената вода отсечени се и неколку села. Црногорскиот Завод за хидрометеорологија и сеизмологија (ЗХМС) издаде црвен метеоаларм поради најавениот силен ветер и обилниот дожд. А се очекува ветерот да достигне и брзина од 90 километри на час.

Тирана - Познатиот албански адвокат Идајет Беќири, лидерот на опозициските демократи и поранешен премиер и претседател на Албанија, Сали Бериша го нарече албански Хамас, кој, според него, имал врски со милитантната група.

Гостувајќи во емисија на Еј-Би-Си Њуз додал дека во април 1994 година Бериша се сретнал со Осама Бин Ладен.

Москва - Кремљ денеска ја обвини Украина дека „си игра со оган“, откако еден ден претходно руските сили пријавија пресретнување на украинско беспилотно летало во близина на нуклеарната централа Курск, а медиумите објавија дека избувнал пожар на неколку километри.

-Киев продолжува да си игра со оган и, се разбира, за тоа ќе ги предупредиме претставниците на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Брисел - Комитетот на постојани претставници на владите на земјите членки на ЕУ (Корепер) денеска ја одобри одлуката на Европската комисија за воведување компензациски давачки за увоз на електрични возила од Кина во Унијата. 

Како што соопшти Европската комисија, ваквата одлука претставува уште еден чекор напред кон имплементација на заклучокот од нејзината истрага за кинеското државно субвенционирање на производителите на електрични возила, со кое се нарушуваат принципите на конкурентност и се овозможува нелојална конкуренција на пазарот. 

Исламабад - Пакистанските власти денеска поставија бродски контејнери на патиштата и автопатите што водат до главниот град и ја прекинаа услугата на мобилна телефонија во Исламабад во обид да ги спречат поддржувачите на поранешниот премиер Имран Кан да одржат протест на кој би побарале негово ослободување.

Владата на Шехбаз Шариф, исто така, распореди чувари и дополнителна полиција и ги затвори училиштата во Исламабад и блискиот град Равалпинди, откако пакистанската партија Техрик-е-Инсаф на Кан одби да го откаже протестот.

Teхеран - Иранскиот врховен водач ајатолахот Али Хамнеи ги повика муслиманските нации да „заврзат одбранбен појас“ од Авганистан до Јемен и од Иран до Газа и Либан. Тој говореше додека ја водеше петочната молитва во Иран за прв пат по четири години.

Во согласност со иранската традиција, тој го одржа својот говор со пушка покрај себе. Тој рече дека непријателот на Иран е ист како непријателот на палестинската држава, Либан и другите муслимански народи.

Тел Авив - Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант денеска изјави дека Израел има „уште изненадувања за Хезболах“ додека израелските копнени операции продолжуваат во јужен Либан.

-Хезболах доби многу сериозни удари, еден по друг. Го елиминиравме лидерот на движењето, Хасан Насрала, и имаме уште изненадувања, од кои некои се веќе извршени, а некои допрва треба да се извршат, изјави Галант за време на посетата на штабот на 36-та дивизија на вооружените сили на северот на Израел, јави „Тајмс оф Израел“.

Брисел - Европскиот суд на правдата денеска пресуди дека полот и националноста се доволни за да им се даде азил на жените од Авганистан, каде владејачките талибанци сериозно ги ограничија нивните права. 

Британските медиуми пренесуваат дека пресудата е донесена откако властите во Австрија одбиле статус на бегалци на две жени од Авганистан, кои поднеле барање за азил во 2015 и 2020 година. Тие го оспорија одбивањето на азил пред австрискиот Врховен административен суд, кој потоа побара одлука од Европскиот суд на правдата, како највисока судска инстанца во Европската унија. 

Остани поврзан